Иконописот

Со помош на бои, облици и линии, низ еден јазик на симболичен реализам, сликарски израз единствен во својот род, ни се открива духовната состојба на човекот спасен во вечноста на Царството Небесно. Човекот – храм Божји. Внатрешниот ред и мир во духовниот живот, за кој сведочат Светите Отци, се пренесени на иконата со спокојни и хармонични потези. Сето тело на светителот, сите детали и поединости, дури и косата, брчките, наборите на облеката и се што го опкружува, се е обединето и доведено до највисоко согласие. Во тоа се состои видливото прикажување на победата врз внатрешната делба и збрка во паднатата човечка природа, во процесот на очистување и преобразување на страстите, до обожение.

Содржината на иконата, значи претставува вистински духовен патоказ за животот во Црквата, особено за молитвата. Таа на еден автентичен начин, ослободен од стеснетоста на поимите и зборовите, не учи каков став треба да завземеме во духовниот живот.

Иконата е истовремено и пат којшто треба да се следи, и присуство на одондестраното и спасеното, и сретство. Таа самата е: молитва. Причината за постоењето на светата уметност во Православието е токму во тоа да донесе видливо сведоштво за двете стварности, обединувајќи ги во себе: историската стварност и стварноста на Царството Небесно, реалноста на создадденото и благодатта на Светиот Дух.

Иконата е живо сведоштво за исходот и полнотата на учеството на човекот во Божествениот Живот.

Македонската збирка на икони, особено Охридската е една од највредните во светот, денес. После Синајската и Московската збирка икони, таа е трета по значење во Православието. Од византолошки апект, е единствена.