Vesti i nastani
 
 
 
 
 

INTERVIEW со Митрополитот Струмички г. Наум (09.09.2005 14:31)

1. Деновиве се вративте од Брисел. Дали случајот ’Вранишковски’ навистина толку ја засега европската јавност колку што тоа ни го сугерира официјалниот сајт на СПЦ намерно создавајќи погрешен впечаток или не?

            Ние сите мораме да сфатиме дека сме му подложни и дека го живееме ефектот на затворен простор, што е одлична подлога за српската пропагандна машина неконтролирано да пласира какви сака информации преку нашите медиуми. И уште нешто оди во прилог на ова, а тоа се неосвестените фрустрации кај некои наши луѓе кои се должни да ги контролираат тие информации, а всушност безрезервно примаат сè што Белград сервира овде кај нас. Така на пример, лесно помина тезата дека Вранишковски е осуден за вербален деликт, а комплетната слика на случувањата воопшто не говори така. Не знам како понатаму ќе се одвиваат работите, но додека јас бев во Брисел официјалните лица со коишто се сретнав првпат од мене слушнаа за случувањата кај нас, а нашето Министерство за надворешни работи уште немаше испратено официјална информација до странските амбасади во Р. Македонија. Во секој случај, српската пропагандна машина пронајде две неинформирани лица од Брисел (внимавајте: не од Лондон или од Париз!) да изјават нешто за наводно недоволно почитување на верските права и слободи во Р. Македонија, и тоа го пренесе преку своите медиуми - а секако, потоа и преку нашите, небаре преку свои - сè со цел да се создаде впечаток дека Брисел нешто ни порачува и на тој начин да се изврши притисок врз нашата држава. Од друга страна, речиси ниедна од нашите изјави не се пренесува преку српските медиуми во српската јавност.

 

2. Излеговте со тезата дека Вранишковски всушност не сака да направи нова Црква во Република Македонија, туку целта му е уривањето на Македонската Православна Црква. Имате ли конкретни сознанија?

Да, нападот врз овие три компоненти - свештенството и народот, името на Црквата и титулата на Поглаварот, како и нејзиниот имот - од кои е сочинета и преку кои се означува и се препознава секоја верска заедница, непобитно зборува дека главна цел на Вранишковски е разнебитување на МПЦ, а не формирање на нова верска заедница. Во прилог на ова говорат следните докази:

Нарушувањето на владението на имотот што МПЦ го претрпе од страна на Вранишковски и на неговите следбеници е првиот неспорен доказ. Меѓу другите да ги спомнеме само познатиот случај на неговиот упад во битолската црква на Свети Димитриј во обид да изврши верски обред и физичката пресметка што ја предизвика внатре. За ова дело, покрај одлежаниот притвор, беше осуден со казна затвор од една година, односно со две години условно. Дел од вкупно двете години и шест месеци казни затвор што моментално ги одлежува е и едната година што ја доби за неговиот упад во битолската црква.

      Вториот неспорен доказ е недозволениот начин на којшто се обидува да ја регистрира својата верска заедница, односно барањето за регистрација во кое го присвојува изворното, историско и суштинско црковно име на МПЦ, а тоа е името ’Охридска Архиепископија’. Во прилог на ова е и фактот што Вранишковски во јавноста лажно се претставува со титулата ’Архиепископ Охридски’, назив што се содржи во титулата на Поглаварот на Македонската Православна Црква. Тоа е единствената и легитимна причина заради којашто не доби дозвола да ја регистрира својата верска заедница. Ниедна друга. Согласно историските факти и Уставот на нашата Црква, на Црковно-народниот собор во Охрид во 1958 година беше возобновена Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ, а Поглаварот на МПЦ ја доби титулата Архиепископ Охридски и Македонски, случување кое СПЦ во 1959 година го потврди со своја синодска одлука. Таман работа ако од после ослободувањето во 1944 година ги чекавме СПЦ и Вранишковски дури во 2005 година да ни ја обноват Охридската Архиепископија! Подобро да нè немаше...

    И последен неспорен доказ е медиумскиот напад којшто го изврши врз личниот и врз свештеничкиот интегритет на Епископите на Македонската Православна Црква, и тоа на многу недостоинствен и вулгарен начин, како и нападот врз интегритетот на Црквата со негирање на нејзините Свети Тајни, заедно со навредата на верските и националните чувства на народот во Република Македонија. Освен преку личен медиумски настап овој напад беше извршен и преку верските календарчиња, црковните периодики и официјалниот web site на Српскиот егзархат, што е дополнителна отежнувачка околност. Сето ова е евидентирано и документирано. Целта на овој психолошки терор е што поголемо отцепување на народ и свештенство од МПЦ и нивно присоединување кон новата паралелна верска заедница.

                Непобитен и очигледен факт за сите е дека сето ова го прави за цели и со помош на странска држава и Црква, односно со помош на реакционерните националистички сили, заговорници на идејата за Голема Србија, што дејствуваат преку одредени структури на државата Србија и - со помош на истите сили присутни во Синодот на СПЦ. Сето ова пак, на сите им стана јасно особено откако официјални претставници на Српската Влада извршија притисок врз Македонската Влада за ослободување на лицето Вранишковски кој е граѓанин на Р. Македонија.

 

3.  Зошто Синодот со години го толерираше самоволието на расчинетиот Јован, не се преземаа мерки ни кога еден клирик на МПЦ поднесе кривична пријава за неговиот евидентен криминал, ниту пак реагиравте кога упорно го кршеше уставот на МПЦ. Не сметате ли дека вината што денес ни се случува паралелна црква, лежи и во инертноста на Синодот?

Светиот Синод на МПЦ многу нешто толерира, почнувајќи од самиот себеси па натаму. Нема тоа многу да го објаснувам, но битно е следново: ниту една лоша мисла којашто човек ја прифатил во своето срце, и ниту еден лош збор којшто човек го изговара, и ниту едно лошо дело коешто човек го прави нема да остане неказнето ако не се покае за тоа. Тоа е духовен закон. Односно, ако човек не се покае за злото што го направил, тоа секако ќе му се појави како пречка во неговиот живот на кој било начин: или како болест, или како некоја друга несреќа, или како каков било неуспех што го следи во животот. Должност е на секој православен христијанин да не одговара на зло со зло, туку - со добро, со молитва, со љубов. Само на тој начин му даваме на оној што згрешил време за покајание и спасение, а нашата душа си ја чуваме од последиците на злото. Христос е единствениот судија. Од неговиот суд никој не може да избега. Ниту пак некој ќе биде бескрајно толериран во чинењето зло. Под тој суд, од моментот на гревот, подлежат и сите оние коишто човечки суд уште не ги осудил. Одлуките на Синодот се донесуваат во рамките на погоре кажанато. Понекогаш се преземаат и санкции против извесно недозволено однесување како што се предвидени со каноните, но повторно во духот на љубовта, со педагошка цел.

 

4. Долги години бевте член на преговарачкиот тим со СПЦ, дури бевте и потписник на работниот документ во Ниш. Непосредно по потпишувањето, тројката владици меѓу кои бевте, тврдеше дека тој документ е најповолниот договор којшто досега бил постигнат со црковен Белград. Дали и денес го имате истото мислење, и конечно, би ви се случило ли одново да го потпишете Нишкиот или некој сличен акт?

            Повторно прашање за работниот документ од Ниш?! Добро, јас повторно ќе седнам да одговарам и да објаснувам, иако многу пати досега тоа го кажав.  

На тема „МПЦ – СПЦ“ досега имам објавено преку 170 страници пишан текст: што во мојата книга „Школа за исихазам“, што во нашиот дневен печат, што на web site-от на Македонската Православна Црква. И се чудам кога гледам дека некои наши новинари коишто чат-пат пишуваат за Црквата, „поборници“ на истражувачкото новинарство, сè уште ги немаат прочитано. Еднаш порано објаснив дека секој што во иднина ќе тврди дека ова отпадништво што денеска се случува во Македонската Православна Црква е последица на „Нишкиот договор“, нека знае дека свесно или несвесно ќе биде продолжена рака на српската пропаганда во Република Македонија. И тоа е една од тезите пласирани од Белград и од екипата на Вранишковски што овде кај нас беа без проверка прифатени. Многу едноставно ќе ви го објаснам ова: да не должам многу, факт е дека ниту Патријархот Павле во своето писмо од 2002 г. со кое ги повикува Епископатот, свештенството и народот во Република Македонија во канонско и литургиско единство со Српската Православна Црква се повика на некаков ’Нишки договор’ ниту пак бившиот Повардарски Митрополит прифаќајки го тој повик објасни дека тоа го прави врз основа на договореното од Ниш. Документите си постојат, секој може да провери. И второ: во официјалната кореспонденција меѓу српските егзархисти и српската Патријаршија никаде не се спомнува името ’Македонска Православна Црква’ како примач или испраќач на дописот, иако тоа беше договорено во ’член 14’ од работниот документ во Ниш. А како и да се спомне кога сите тие заедно, и Белградската Патријаршија и гротескниот егзархат, прават невидено пастирско промашување - не признаваат постоење на македонски народ?

Инаку, Нишкиот работен документ е само маска за отпадништвото што потоа се случуваше во МПЦ, а вистинска причина, што е општ впечаток кај сите што ги познаваме работите, е дека Вранишковски приклучувањето кон СПЦ го направи со цел да ја сочува својата висока црковна позиција, затоа што тоа се случи во моментите кога внатрешната контрола на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ веќе почна да го разоткрива неговото незаконско финансиско работење.

Она што е битно за работниот документ од Ниш, и тука никој да не се прави нетокму, е фактот дека каков било конечен договор со Српската Православна Црква прифаќа или одбива само Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, исто како што и Соборот на Српската Православна Црква ги потврдува или одбива договорите на својата комисија. Инаку, зошто имаше потреба да се свика Соборот на СПЦ за да се изјасни по повод Нишкиот работен документ ако за тоа одлучувавме ние на ниво на комисии? Или зошто беше потребно да се свика седница на САС на МПЦ за да се изјасни по работниот документ од Ниш?

Во Ниш во главно потпишавме заради восогласување на еклисиолошките, литургиските и канонските прашања помеѓу нас. Тоа беше петти по ред работен документ меѓу двете делегации, иако прв потпишан. Ние и самите бевме свесни дека не можевме да го одбраниме тој документ пред Светиот Синод, ниту пак сакавме, бидејќи откако безмалку ја утврдивме црковната содржина на работниот документ ние знаевме дека не можеме да го објасниме неприфаќањето од српска страна на пастирски и црковно издржаниот термин ’самостојност’  наместо политички оптоварените термини ’автономија’ и ’автокефалија’ и знаевме дека не можеме да го објасниме пастирскиот апсурд, односно непостоењето на името ’Македонска Православна Црква’ во целиот договор, ниту пак сакавме. Тоа ѝ го кажавме на српската делегација во Ниш и тоа стои и во записниците, и во нивниот и во нашиот. Затоа уште на првата седница на нашиот Синод после Ниш работниот документ беше едногласно отфрлен како пастирски недооформен, со надеж на пастирски подобро решение по продолжувањето на разговорите. Битно е дека со неприфаќањето на нашето уставно име - Македонска Православна Црква - и со неприфаќањето на самостојниот статус во  Нишкиот работен документ од страна  на СПЦ и после сценариото ’Вранишковски’ што тие во очај го организираа, јасно за сите се пројави чисто политичката димензија на проблемот меѓу нашите Цркви.

 

5. Како Вие, лично, ги оценувате писмата на двајцата највлијателни патријарси, г. Вартоломеј и г. Алексиј Втори, до државниот врв на Македонија. Гледате ли во нив искрена желба за помош или чиста протоколарност?

            Писмата на двајцата Патријарси во суштина се многу позитивни и во нив се препознава јасната порака дека понатамошното решавање на постојниот проблем помеѓу МПЦ и СПЦ ќе мора да се одвива по пат на дијалог. Во некои делови од нивните писма малку повеќе се пројавува нивната желба за додворување или некаква стратегија кон СПЦ заради одржување на добрите односи, но тоа никогаш не смее да биде на штета на вистината. И тие мора да признаат дека целта на Вранишковски не беше толку формирање на нова верска заедница колку што беше разнебитување на МПЦ и дека тој не е осуден само за вербален деликт. Како што веќе спомнав, вистината е секогаш непоколеблив темел на покајанието, кое пак е единствениот клуч за решавање на меѓуцрковните недоразбирања. Инаку, ако нечии права и слободи во случајов и со години наназад флагрантно се кршат, нека не размислува многу ни Исток ни Запад, тоа се секако верските и национални права и слободи на македонскиот – нормално, Христов народ. Немам причина да се сомневам во нивните искрени желби.

 

6. Кои се следните потези што ќе ги преземе нашата Црква за излез од најголемата криза во која западна, ако се има предвид фактот дека во овој момент, објективно, преговори со СПЦ не ни одговараат?

Ние како и досега ќе продолжиме да служиме Литургија, како на олтарот од материјалниот храм така и на олтарот на нашите срца и ќе Го повикуваме Името Господово. Како Црква нема да одговориме со зло на злото. Ако таков одговор не добиеме и од другата страна, тогаш Господ ќе најде сигурно некакво решение, само што тоа најверојатно нема да биде поволно за никого. Историјата ни покажа дека само под игото на ропство наметнато од иноверници се препознававме како браќа. Но тоа е решение за глупаци.

 

7. И на крајот, неизбежно е прашањето: не мислите ли дека за несоодветните потези на црковниот врв на МПЦ, за пасивноста и лошата кадровска политика, со преголема леснотија вината постојано ја префрлате на новинарите?

Видете, треба многу внимание и познавање кога се пишува за Црквата. Речено е: кога говорите за црковно лице или за црковни состојби - внимавајте! Или ќе биде вистина она што го тврдите, односно ќумурот ќе биде оладен па ќе си ги извалкате рацете, односно душата, или ќе пренесувате непроверени информации па ќе фатите жар во рака и многу ќе се изгорите, односно ќе ѝ наштетите на својата душа. И во двата случаи, ќе признаете, е доста незгодно. Најдобро е да се пренесе информација од проверен извор без многу да се коментира, и тоа ако се работи за информација што надградува, а не за информација што руши. А многу е лошо да критикувате во невреме, особено кога немате поим за суштината на нештата. Во секој случај, новинарите се најмалку виновни за она што се случи. Одговорноста е само во двата Синоди на Црквите, особено во Белградскиот, кој ги пружа своите грабливи раце (својата перверзна глупост) надвор од неговите граници.