Недела на сите Светии
 
 
 
 
 

Недела на сите Светии (26.06.2021 15:42)

„И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец Небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец Небесен“ (Матеј 10, 32–33).

Егоцентричноста, т.е. самољубието не се способни да се потслонат на верата и довербата во Богочовекот Христос, и затоа несвесно го принудуваат човекот да бара сигурност само во материјалното, како и да се поистоветува со овоземните колективни шеми на само човечко организирање (пример: партии, нации, држави, секти); што од друга страна е основа и извор за злото што луѓето си го причинуваат едни на други. А секој што ќе врати на злото со зло – на дело, се откажува од Богочовекот Христос.

„Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 37).

Тоа се однесува на оние што се обидуваат да ги љубат своите блиски без и надвор од Христос. Само човечката љубов е однос на интерес и затоа е селективна; и на крај, се сведува на себељубие. Божествената љубов ја преобразува човечката љубов и таа станува богоподобна – без интерес и неселективна. Се препознава во љубовта и кон нашите непријатели.

„И кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 38).

Оној што не прима сѐ што му се случува – посебно лошото, како дар Божји, оној што не благодари за тоа што му се случило, оној што ги осудува другите за тоа што му се случило, оној што покажува надворешно што му се случило и на кој слученото не му станува извор на молитва е тој што не го зема крстот свој и не оди по Христос.

Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас?“ А Исус им рече: „Вистина ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена“ (Матеј 19, 27–30).

Апостолите нема да осудат никого. Секој самиот себе ќе си се осуди со делата кои ги прави. Тие нема да судат никому. Ќе бидат само пример на вера, надеж и љубов кој, оние што самите себе се осудиле, го промашиле.

„И секој што остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен“ (Матеј 19, 29).

Ова е напишано за оние што се чудат како вистинските монаси имаат сѐ, како и сѐ што ќе посакаат; и тоа не можам да им го објаснувам, затоа што е необјасниво за нив.

„И мнозина први ќе бидат последни, а последните први“ (Матеј 19, 30).

Оној што ќе седне на „последното место“, односно оној што вистински ќе умре за светот – е, таквиот, преку умно-срдечната молитва, ќе воскресне и ќе влезе во Царството Небесно кое се наоѓа во неговото срце.

Кога ќе прашам што е „последно место“, мнозина ќе ми одговорат дека е тоа послушание, или смирение, или преземање вина за сѐ, или љубов, или држење на умот во адот со надеж; и сето тоа е точно. Но, како главно се пројавува „последното место“ во секојдневниот живот? Се пројавува преку несудењето и неосудувањето на другите. Тоа е главна карактеристика на „последното место“. Потоа, преку неверување и проверка на сите битни чувства, и неверување и проверка на сите битни заклучоци на разумот – со духовниот отец.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум