Божествена Литургија во Водоча (04.12.2024 10:34)
Денес, на празникот Воведение на Пресвета Богородица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот на манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча.
Во беседата на Литургијата Владиката, меѓу другото, рече:
Интересно е што некои Помесни Православни цркви и нивните поглавари се борат за првенство по чест, затоа што и своето првенство по чест го доживуваат и спроведуваат како првенство по „власт“ – нема друго објаснување, а никој од нив како да не се интересира за „првенство по Авторитет“. И нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос, и Неговиот Нов Завет нѐ повикуваат сите нас, а камоли Епископите, на „првенство по Авторитет“: „кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга на сите!“ (Марко 10, 44) Првенството на „власт“ во Православната Црква е ерес; првенството по чест е обезбедување на ред и поредок во Црквата – што е од исклучителна важност; но само „првенството по Авторитет“ го држи овој свет во постоење и го овозможува сѐ уште спасението на луѓето во него, затоа што единствено тоа е автентично сведоштво на Христос во овој свет.
Тешко дека може да се воведе во Црквата некако официјално „првенство по Авторитет“ – тоа треба да се заслужи со живот; тоа треба самото сите нас да нѐ привлече; тоа е тоа внатрешно духовно покритие на официјалните свештени чинови што ги носиме.
Да не се занесуваме многу и да отвориме очи. И во Православната Црква има луѓе кои практикуваат и усно поучуваат ереси – неправославна пракса и поука. Но, работите стануваат посебно сериозни кога погрешната пракса и поука ќе се запишат, на пример, во устави, статути, правилници за работа или одлуки на некои Помесни цркви или во учебници на теолошките школи, затоа што тогаш ереста станува како официјално учење во Црквата; наспроти дотогашното и важечко учење на Црквата запишано на Вселенските Собори, во Светите Канони и во Преданието на Светите отци. Затоа, не е на одмет малку смирение, наместо да се чукаме во гради колку сме православни – наспроти некои други.
Никој не треба да му скрати некому тоа што по правда му следува, затоа што и нему многу побрзо ќе му биде скратено тоа што неправедно го држи – со својата неправедна постапка покажува дека неправедно го држи. Господ ќе истрпи некого да негира нечиј квалитет, но само до моментот кога тој квалитет по редослед на нештата треба да дојде до израз, а тој некој тоа сака повторно да го заобиколи или потисне.
Треба да се чуваме од поделба, бидејќи таа ќе се одрази на целото Православие. Ќе потрпиме уште малку тоа што треба да се потрпи, а најверојатно и лекцијата не сме ја научиле уште. Но, знајте, колку е полошо, толку е поблизок крајот – тоа е знакот.