Божествена Литургија во Велјуса
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Велјуса (30.11.2024 13:57)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот посветен на свети апостол Павле и свети Григориј Палама, во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата Владиката, меѓу другото, рече:

„Отсекогаш се чудев како некој не може да сфати што е тоа барање човечка правда, а што барање Божја правда!? Таквите луѓе почнував да ги гледам како нешто ограничени, дури и како безверни, и престанував да барам или очекувам нешто повеќе од нив. А сѐ е многу едноставно: кога некој ќе нѐ повреди, ние треба да се провериме дали нашите мисли, чувства, зборови и дела во тој момент се подобни на Христовите или не се; ако не се, треба да се покаеме и да се потрудиме – колку што треба, да ги вподобиме на Неговите – тоа е барање на Божјата правда. А за барањето човечка правда, не ни треба Христос; имаме човечки закони, имаме човечки судови, имаме цел човечки правен систем и сѐ што ни треба, кое на крај, да не објаснувам, јасно е дека се сведува на враќање на злото со зло и на освета, на Стариот Завет – и тоа во најдобра смисла на зборот, оти ние луѓето, очигледно, за едно око сто и повеќе очи сакаме да извадиме. Заедница на светлината со темнината е невозможна. Не велам со ова дека во одредени случаи – кога е во прашање поширок заеднички интерес, не треба да се преземат и одредени педагошки мерки, инаку би настанала анархија и беззаконие, но барањето најпрво на Божјата правда ни овозможува мерките што ќе ги преземеме – согласно нашата позиција и ингеренции, дали во Црквата, или во општеството, или на работното место, или во семејството, да бидат преземени со внатрешен мир, чувство и на наша одговорност, со грижа кон сторителот на нередот и за негово добро. Друго е некој да чувствува дека му се светиме, а друго дека се грижиме за него и за целата заедница. Само оној што чувствува грижа за себе од другиот, добива можност да се покае и да го исправи својот живот, како и да се воспостави нарушената заедница – така завршува Божјата правда“.