Пролог: Светите маченички Минодора, Митродора и Нимфодора
 

 

Житие: Светите маченички Минодора, Митродора и Нимфодора

Календар, житија, пости
Почеток
 
Трите се родени сестри од некое место во Витинија Азиска. Воспитани во хрситијански дух, се повлекоа од градот во пустината, сакајќи да го воздигнат својот ум кон Бога и да се ослободат од сиот лажлив свет и така да го проживеат овој век во чистота и девственост, како вистински невести Христови. Се предадоа на голем труд, пост и молитва, додека Бог не ги украси со дар на чудотворство. Кога почнаа кај нив да доаѓаат болни заради исцеленија, станаа прочуени наспроти нивната волја. Слушна за нив и кнезот Фронтон и ги довлече на суд. Кога ги виде, се зачуди од убавината на нивните лица. Бидејќи иако беа големи испоснички, и телото им беше суво, лицето им беше светло, озарено со внатрешен мир и Божествена благодат. Кнезот најпрво им ласкаше и им ветуваше да ги испрати кај царот којшто би ги омажли за свои големци, но кога се увери дека неговите ласкања и ветувања немаат никакво дејство врз овие невести на Господ Исус Христос, нареди, па прво ја мачеа Минодора, а нејзините сестри ги фрлија во затвор. После лутите маки кнезот ? свика на Минодора: „Принеси им жртва на боговите!“ На ова Светата маченичка одговори: „Зар не гледаш дека ништо друго и не правам туку самата себеси Му се принесувам на жртва на мојот Бог?“ Кога Света Минодора издивна во маки, тогаш кнезот ги изведе и останатите две сестри и ги постави покрај мртвото тело на Минодора, па покажувајќи на неа ги советуваше да се одречат од Христа. Но бидејќи останаа непоколебливи и нив ги уби во големи маки. Во тој миг удри гром од небото и го погуби бездушниот Фронтон со неговите слуги. Христијаните чесно ги погребаа телата на Светите маченички. Пострадаа меѓу 305 и 311 година во времето на Максимијан Галериј и се упокоија во Христовото Царство.

Тропар
Подвижнички, свети девственички, разум за вишно познание добивте, дар за расудување примајќи, неразделната Пресвета Троица пример за вашата волја стана, една со друга бодрејќи се, од желбата на вашето срце не отстапивте, Христовата одаја на чистота добивајќи ја, за нас пример на цврстина во верата станавте. Молете се, Минодоро, Митродоро и Нимфодоро, нашата душа во светла одора пред Христа да биде претставена.