Божествена Литургија во Струмица (08.12.2024 18:48)
Денес, на празникот на свети Климент Охридски и на преподобен Ефрем Филотејски и Аризонски, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Свети Григориј Палама и свети великомаченик Димитриј Мироточив“, во Струмица. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата Владиката, меѓу другото, рече:
Кога се работи за некаков избор во Црквата, тогаш благословено е да се гледа прво интересот на Црквата. Интересот на Локалната Црква е познат — таа има потреба од некој кој е веќе поврзан со неа, т.е. некој кој се докажал во неа со своите духовнички, пастирски, учителски, организациски и други способности; тоа го велат и Каноните на Црквата. Со наједноставни зборови – оној што е способен да ја „наполни“ и „издигне“ Црквата. Тоа не може да биде некој само затоа што тој некој му одговарал на не знам кој црковен или политички центар, домашен или надворешен. Само на тој начин оној што е во позиција да избира би си го зачувал и својот интерес – бидејќи Бог ќе му го зачува, како што овој се грижи за Божјиот. Затоа што, ако бира луѓе кои мисли дека ќе го чуваат неговиот интерес, тогаш ќе треба да избере и постави луѓе кои ќе си имаат некој свој, а не црковен интерес, и овие два индивидуални интереси кога-тогаш ќе дојдат во судир; и наместо да се избира пријател, се избира непријател. Такви се духовните закони. И тоа сме го виделе многупати досега. Ако некој раководи со одредено тело составено од дузина и повеќе луѓе, а не е сигурен кои му се пријатели а кои непријатели, тогаш, ако е паметен, барем треба да одржува рамнотежа на бројот меѓу оние што мисли дека се негови и оние што мисли дека не се, така што неговиот глас секогаш да биде одлучувачки. А оној што мисли дека треба, по праведност, да добие одредена позиција во Црквата, нека ја покаже таа своја праведност, пред сѐ, во своето срце – со негова добросрдечна настроеност кон оној што е во позиција да бира; така што оној што е во позиција да бира, да не чувствува во своето срце никаков заканувачки притисок од страна на тој што треба да биде биран, туку љубов. Знам дека ова би било идеално и дека воопшто не живееме во идеален свет, и дека работите често на друг начин функционираат – од интерес, затоа и со уцени, закани, притисоци и слично; но речено е: „бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“. Ова е и едно од значењата на „Јас сум вратата“ од денешното евангелие. „Врата“ значи дека нешто е веќе восогласено и регулирано како треба да биде во Светото Предание на Црквата, што значи – со Божјата Волја.