Божествена Литургија во Велјуса
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Велјуса (17.08.2025 10:23)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата, Владиката рече:

„Кога дојдоа кај народот, Му пристапи еден човек, падна на колена пред Него и рече: 'Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу, често паѓа во оган и често - во вода; го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат'“ (Матеј 17, 14–21). Гледате, деца, во оваа ситуација учениците не можат ништо да помогнат, додека во една друга изгледа дека можат: „Се вратија, пак, седумдесеттемина со радост и велеа: 'Господи, во Твое име и демоните ни се покоруваат'“ (Лука 10, 17–20). Како се објаснуваат овие две различни ситуации? Зошто истите луѓе во една ситуација можат да помогнат, а во друга иста таква – не можат? Затоа што, пред Христовото Воскресение и светата Педесетница, Христовите ученици дејствуваат со помош на вонредната Божја благодат („еве, ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секоја непријателска сила; и ништо нема да ви наштети“), а не со лично усвоената. Полнотата на благодатта Божја, односно Неговата несоздадена енергија – добиена при Светото Крштение, лично ја усвојуваме откако доволно ќе си го очистиме срцето од страстите и од демоните поврзани со нашите страсти (како што вели Богочовекот Христос: „овој род се истерува само со молитва и со пост“) и откако, тогаш, ќе го добиеме дарот на умно-срдечната молитва. Значи, полнотата на Божјата благодат од нашето срце ја активираме откако лично ќе поминеме низ процес на распнување, смрт и воскресение, а само таа благодат, т.е. несоздадена Божја енергија, може да нѐ преобрази нас создадените. Сите свештени лица треба добро да разликуваат дали она што го прават – што им личи на успех или другите така го оценуваат, го прават со помош на вонредната Божја Благодат или со лично усвоената; ориентирот е дарот на умно-срдечната молитва. Но, што е подлабоката причина за неспособноста на учениците да ги надвладеат демоните? Христос точно им објаснува: „Поради вашето неверие: зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ’Премести се одовде таму‘ и таа ќе се премести, и за вас ништо нема да биде невозможно“. За каква вера овде ни говори Христос; за вера дека ние можеме да поместиме планина? Не! Богочовекот нѐ поучува дека немаме вера целиот свој живот да Му го посветиме Нему. Да имавме таква вера, тогаш ние ќе располагавме лично со полнотата на Божјата благодат и, тогаш, ништо не ќе беше невозможно за нас. Со други зборови: ако целосно Му се посветиме, целосно ќе Го примиме. Секако, благодатта ни се дава да спасуваме души, а не да поместуваме планини, оти ништо од создаденото не е повредно од човечката душа и затоа, нема поголемо чудо од покајанието и спасението на макар и еден човек. А за вистински да Му го посветиме севкупниот наш живот на Господ и вистински и лично да учествуваме во полнотата на Божјата благодатта ни треба вера „колку синапово зрно“, т.е. многу мала вера; дури, јас би рекол, и дека ја имаме таа вера, но многу сме заробени од страстите и од демоните поврзани со тие страсти – кои го држат нашето срце затворено за Бог.