Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на црквата Свети Никола во Катланово, скопско (21.10.2006)

Во недела, на 15 октомври 2006 година, во сослужение на бројно свештенство од Скопската православна епархија, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ја освети новоизградената црква во с. Катланово, посветена на свети Николај, чудотворецот Мирликиски.

 

 

                                                                

 

 

 

                  

 

 

 

 

                      

 

 

Празничната беседа на Архиепископот беше целосно посветена на радосниот чин на осветување на хрмот:

„Ако порано, до пред година - две, некој поминеше низ Катланово, без разлика во кој правец и да одеше, и кон Скопје или кон Велес, верувам дека ќе заклучеше: прекрасно место, распослано на главна сообраќајница покрај реката Пчиња, во непосредна близина на бања, на извори со топли води, место со поле и со планина, со еден збор – сé што може да има една населба.

            Но, ја немаше најзначајната градба за секоја населба, па и за Катланово и за неговите жители – немаше црква! Но, еве, даде Господ – и Катланово има црква!

            Благодарение, најпрво, на верата во Бога, како и на вербата во себе, на упорноста да се истрае, и, секако, на помошта и на дарението на многумина, еве, и Катланово има црква!

Колку само желби, колку само надежи се вградија во овој храм за истиот да израсне на ова прекрасно место?! Колку само време требаше пред тоа да се потроши во разговори, и околу местото и околу планот и за сé што беше потребно за да дојдеме до ова што денес постана гордост на сите православни жители на Катланово?!

Веројатно и многу генерации пред вас сакаа да го направат ова што го направивте вие, посакуваа да направат црква во Катланово, но не им било дадено да направат! – Милост Божја, дар Божји е да се успее да се направи црква. Тоа не се прави само кога се сака: потребен е благословот Божји за да се направи! И, еве, вам Господ ви даде да направите. Ви даде преку слогата, ви даде преку разбирањето, ви даде преку тоа што најде меѓу вас луѓе што го сакаат Бога, што најде луѓе што не жалеа труд, време и средства за да се направи оваа прекрасна градба, што се најдоа и луѓе дарители, помагачи, луѓе црквољубци и богољубци!

            Тоа се потврдува и овде меѓу вас во Катланово, како што се потврди и во Марино, и во Сопиште, и во Бардовци, и во Оризари и во многу други скопски села, како што се потврди и со возобновувањето на Света Богородица – старата соборна црква во Скопје и уште во многу други случаи: треба да се исполни времето, односно потребно е да израснеме во верата за да ни се даде да градиме. 

 

Вие овде, во Катланово, најдобро знаете дека храмов го направивте токму во време кога најмногу израснавте во љубовта! Многумина и пред вас посакувале да го направат ова што вие успеавте да го направите, но не им било дадено.

Последниве месеци, па и денови, кога доаѓав да видам до каде сте со работите, видов со каква љубов ги привршувате работите и со какво нетрпение го очекувавте денешниов ден, денот на осветувањето. Видов колку љубов сте вградиле во овој прекрасен храм и колку љубов истиот вградил во вас.

            Бог е љубов и само со љубов можат да се градат градби за Љубовта – градби за Бога!

            Познато е: во животот на секого, во животот на секое семејство, на секоја населба, на секој народ и земја - ништо не се случува без Господа! Господ е главен градител и на овој свет храм и на сите наши градби.

            Еве, што друго може така да нé собере, што друго може толку да нé зближи? Вас, староседелците, како и вас доселените од повеќе краеви, како припадници на различни нации и националности – што можеше така да ве зближи?

            - Ништо друго како Господ и Неговите светии! Ништо друго како верата и Црквата! Само преку верата во Господа се изгради оваа прекрасна црква, преку Господа во чие име градевте и дарувавте и во Чие име, еве, и денес се радувате.

            Затоа, нека ви е честит и вечен овој ден, денот на денешново осветување, денот на денешнава радост. И нека продолжи да трае! Посетувајте го храмов и сретнувајте се со Господа. Храмот е место каде што ни се случуваат најзначајните настани во животот: и доаѓањето во овој свет и раѓањето во Црквата преку крштевањето, и причестувањето, и помирувањето, и збратимувањето, па и заминувањето... Само овде во храмот можеме да бидеме блиски, односно најблиски, и со луѓето и со Бога!

И не заборавајте: да се има храм, односно црква, значи да се има дом за Господа, значи да се има Господ покрај себе, значи да се биде сосед и сожител со Господа.

Денес на овој историски настан и за Црквата и за вашето село сакам уште еднаш да го пофалам трудот што го вложивте да се изгради овој храм, да ги пофалам сите кои што помогнаа и даруваа - жителите на Катланово, опшествени и приватни претпријатија, проектантот и градителите – сите кои на свој начин се вградија во овој свет храм!

            И да апелирам: уште има потреба од доукрасување, од доградување на овој храм! - Па доградете го онака како што доликува да се направи (и фреските, и дворот, и помошни простории и сé што треба).

Откако ја изградивте оваа прекрасна црква продолжете да ја надградувате и црквата во себе: не ни вреди објектот ако не знаеме зошто и кому Му Го подигнавме, зошто го подигнавме, зошто треба да одиме во него; не ни вреди храмот ако не си ја познаваме и не живееме според верата и според православната традиција.

Свети Никола - заштитникот на вашево село - нека биде постојано со сите!

Од денес имате место и за молитва, место за средба со Господа и место свето на кое ќе можете да го градите и вашето меѓусебно единство, разбирање и почитување. Како на православни ни доликува да живееме во слога и разбирање.

Овој свет храм од денес нека ве повикува на молитва и за други радости. Потсетувајте се на денешниов настан, како и за тоа - зошто го изградивте овој храм и за што треба да ви служи?!

Чувајте ја и доградувајте ја црквата за таа вас да ве чува и надградува!

Амин! Честито и за многу години!“