Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Гостивар (02.04.2007)

На денот кога Црквата Божја го слави празникот Цветници, во Гостивар беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. На крајот од Литургијата, митрoполитот г. Кирил до многубројниот народ во црквата се обрати со следнава проповед:  

 

 

                         

 

„Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Драги браќа и сестри во Господа, вчера молитвено се помоливме пред големото чудо кое Спасителот Господ Исус Христос на пат за Ерусалим во гратчето Витанија го направи преку воскреснувањето на праведниот Лазар. Денес, еве сме собрани во овој соборен храм, имајќи ја Божјата милост на празникот Цветници да се помолиме за добро душевно и телесно здравје на сите вас, за мир и благосостојба во овој наш град и населените места. Шест дена пред најголемиот празник Пасха, Господ Исус Христос отишол во градот Витанија, каде бил умрен неговиот сакан пријател Лазар, братот на Марта и Марија. Кога стигнал таму, ги видел насобраните роднини, пријатели и двете сестри на умрениот Лазар. Сите биле скршени од болка, поради преголемиот удар, прераната смрт, која им го грабнала саканиот човек. Светото Евангелие ни вели дека и Спасителот ја делел болката со блиските и дека и Самиот Тој просолзил. Господ Исус Христос не отишол во Витанија само за тоа да го изрази своето сочувство, туку и да им каже на луѓето дека воскреснувајќи го праведниот Лазар, кој бил веќе четири дена во гробот, и Тој ќе страда и ќе воскресне на третиот ден според Писмото. Така пее и Светата Црква: „Христе Боже, сакајќи да нè увериш во општото воскресение, преку Твоите страдања го воскресна Лазара од мртвите“. А ова значи, како што Христос го воскресна Лазара, како што самиот Тој воскресна, така и ќе воскреснат сите чеда на Светата Православната Црква.

 

 

                           

 

 

За денешниов празник се зборувало уште во Стариот Завет кај пророкот Захарија: „Ликувај од радост, ќерко Сионова! Ете, Царот твој доаѓа при тебе, Кроток седнат на осле, рожба на ослица.“ (9,9) А и пророк Давид вели за децата: „Од устите на младенците и на доенчињата си направил похвала“. Но, кога Христос влегуваше, сиот Ерусалим се потресе, како што е речено, и првосвештениците поттикнувајќи го народот на револт, планираа да Го убијат. А Тој, криејќи се, се таеше; а кога ќе се покажеше, им зборуваше во параболи.“

Неговото Висикопреосвештенство, на крајот од неговата прекрасна проповед, молитвено-проповеднички спомна и измоли од Бога праведен суд, за нашите драги бранители браќата во Господа, Љубе Бошкоски и Јохан Тарчулоски, час поскоро да се најдат на слобода, во топлите прегратки на своите најмили и најсакани, во нивните христијански домови. Ги повикуваме сите верни македонски чеда, каде и да сме, да ја исполниме нашата света братска христијанска должност, та за нивно здравје и слобода усрдно да си спомнеме и во нашите велигденски молитви. Господ да ги услиши нашите топли и искрени усрдни молитви и сите заедно да се радуваме и да ја величаме правдата.

„Божјиот благослов, преку молитвите на нашата заедничка духовна Пресвета Мајка, нека нè следи и во овие денови од Страсната седмица и во најголем торжествен сјај да го дочекаме Празникот над празниците, Светлото Христово Воскресение, та заедно со целата небесна хиерархија да запееме и да воскликнеме: „Христос воскресна од мртвите, со смртта ја уништи смртта и на тие што беа во гробовите, живот им дарува“. Нека му е вечна слава во висините на Бога, а на земјата мир и меѓу сите луѓе добра волја. АМИН.“

На крајот од Светата Архиерејската Литургија, беше приредена братска и сестринска трпеза на љубовта.  

      

Подготвил:
отец Синиша Ристовски