Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чикаго (26.04.2007)

На 22. 04. 2007 година, во неделата на мироносиците, во храмот на света Параскева во Чикаго, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-канадски г. Методиј отслужи Архиерејска Божествена Литургија. На Литургијата, Владиката Методиј одржа беседа:        

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

Возљубени браќа и сестри,

Нашата вера е првенствено воскресенска вера, зашто како што посведочи светиот апостол Павле: ако Христос не воскреснал, празна е верата ваша, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе. Но, Христос воскресна од мртвите. Неговите ученици Го видоа по Воскресението. Жените мироносици најпрвин поитаа на гробот сакајќи да го подготват телото Христово за погребение, но Тој веќе не беше во гробот. И не само тоа, туку и сомнежот и неизвесноста кој ќе го дигне каменот од гробот, тој претежок камен, како што сведочи светиот евангелист Марко, тој камен што и денес им тежи на мнозина коишто не можат да поверуваат во Христовото воскресение. За нив тој камен е сѐ уште затворен, тој камен сѐ уште го запечатува Христовиот гроб. За нас, пак, кои веруваме во Христа, тој камен не постои повеќе зашто ние видовме и се уверивме дека Христос навистина воскресна. Христос воскресна за да направи пат на секое човечко тело и секоја човечка природа кон воскресение. Христос воскресна за да го обнови она што гревот го беше уништил. Христос воскресна за човекот да живее вечно во прегратките на Живиот Бог. Ете, сите тие нешта се вкоренети во овие евангелски собитија за коишто читавме денес. Жените поитаа, и ги сретнаа англеите, ангелите им посведочија дека Христос не е овде, а воскресна. Тие, пак, од страв и ужас не можеа ниту збор да прозборат зашто делото што Тој го стори, настанот којшто се случи пред нивните очи, беше толку голем, толку чудесен, толку неверојатен, што им требаше време да си дојдат на себеси и да посведочат за она што го виделе. Да посведочат дека во гробот се само плаштаницата и крпата, со којашто беше замотана главата на Спасителот, и тоа не фрлени некаде настрана туку здиплени и ставени на гробниот камен. Тоа покажува дека целиот настан не се случи набрзина, не е тоа онаа лага којашто се шири меѓу непријателите Христови дека учениците Негови го украдоа телото од гробот. Сѐ беше во потполен ред, зашто Бог е Бог на редот, Бог на поредокот, на хармонијата, нашиот Бог не е Бог на безредието и тоа го покажа дури со овие едноставни нешта.

Сето она што се случи има своја длабока симболика. Ниту еден детал од настанот на Христовото воскресение не е случаен, но сѐ е проткаено со она за што зборуваа светите пророци со стотици години пред да се случи сево ова, пред Христовото Воскресение. Токму затоа, целата човечка природа, од создавањето на Адам и Ева, од губењето на благодатта, од првиот грев на братоубиство, од самиот почеток на Библијата, човекот и човечката природа и целиот домострој Божји го очекуваше токму тој момент, моментот на Христовото воскресение. И тој се случи токму тогаш кога Бог по Својата промисла го оствари сето она што требаше да го оствари во Својата мисија живеејќи како смирен Човек на земјата. Откако го направи сето тоа тој посведочи со зборовите Се сврши. Со тоа заврши Неговата земна цел. А започна она за коешто Он ќе посведочи – испраќањето на Утешителот, Духот на Вистината, Којшто постојано ќе биде со нас и ќе нѐ проткајува со благодатта на вечниот живот. Амин!“

 

 

                      

 

 

 

                       

 

                                                                                                                     известува: ѓакон Стеван Барјактаров