Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на камен темелник на црквата свети Наум Охридски во Тринген, Швајцарија (26.09.2007)

Во присуство на многуброен верен народ и висока црковна делегација од Р. Македонија во саботата на 22. 09. 2007 лето Господово беше осветен камен темелникот и означен почетокот на издрадбата на храмот на свети Наум Охридски во Тринген, Швајцарија. Уште од раните утрински часови колони од возила притекнуваа од сите страни кон малото место Тринген во близина на Лузерн сместено на прекрасна сончева падина каде што се чини Бог ја истурил целата убавина од сиот свет. Високата црковна делегација беше предводена од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан заедно со надлежниот Митрополит за Европската Епархија при МПЦ Митрополитот г. Пимен како и Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. На Литургијата присуствуваа речиси сите свештеници од Европската епархија: протоереј ставрофор Методија Лазаревски, протоереј ставрофор Блажо Козарски од Малме (Шведска), протоереј Зоран Поповски од Струга, протоереј Кирко Велински од Загреб (Хрватска), отец Михајло Матевски од Пјаченца (Италија), отец Виктор Стојчев од Лондон (Велика Британија) и протоѓакон Димитар Белчовски, професор на Богословскиот Факултет во Скопје.

 

            

 

 

 

               

 

 

            

 

 

На Божествената Литургија се собра големо мноштво верен народ од кои повеќемина се причестија. Исто така беа присутни мноштво претставници на повеќе владини и невладини асоцијации кои соработуваат со нашата емиграција. Посебна чест и задоволство беше и заслужува внимание да се истакне присуството на претставници од локалните швајцарски политички, верски и културни заедници а особено значајно е тоа што градонацалникот на Тринген зеде активно учество во поставувањето на камен темелникот.

Oд официјалните гости присуствуваа и претседателот на Комисијата за верски заедници и религиозни групи г. Звонко Муцунски, директорот на Агенцијата за иселеништво г. Васко Наумов, претседтелот на Светскиот Македонски конгрес г. Тодор Петров, претседателот на Матицата на Иселениците г. Иван Џо Петрески, градоначалникот на општина Пустец г. Едмонд Темелко, амбасадорите на Р.М. во Австрија г-ѓа Весна Борозан, во Словенија г. Самоил Филиповски, постојаниот претставник на Р.М. во Мисијата при Обединети нации во Женева г. Георги Аврамчев, в.д. амбасадорот на Р.М. во Швајцарија г. Арѓент Рамадани, почесниот конзул на Р.М. во Германија г. Ханс - Јирген Бош и др.

Помеѓу другото високите делегации си разменија мали макети со изглед на идниот храм во чест на големата свеченост. Пред самото поставување на камен темелникот се одржа лицитација на златна, сребрена и железна лопата со цел да се приберат повеќе средства за претстојната градба на новиот храм. Притоа Митрополитот Кирил со својата харизма и боговдахновен говор успеа да ги поттикне верниците да даруваат за што побргу да се изгради храмот. По завршувањето на црковните свечености беше организирана масовна свеченост во Лузерн каде што учество зедоа естрадни уметници од Македонија а средствата собрани од влезниците се исто така насочени на контото на Црковната општина Св. Наум Охридски од Тринген. Во поздравниот говор Архиепископот  г.г. Стефан истакна дека досега не видел повеќе Македонци на едно место надвор од границите на Р. Македонија. Според организаторот присутни беа околу 2000 наши иселеници од Швајцарија како и од околните Германија, Италија и Австрија. На крајот претседателот на црковната општина Св. Наум Охридски г-н Богдан Коцев се заблагодари на сите присутни а посебно на оние кои несебично даруваа финансиски средства за што поскоро отпочнување со градба на светиот храм.

 

 

 

Известува: свештеник Виктор Стојчев

                 Лондон, Велика Британија