Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Опело за покој на душата на чедото Божјо Тоше (17.10.2007)

Ковчегот со посмртните останки на Тоше Проески изутрината од неговиот дом беше пренесен во црквата на Пресвета Богородица во Крушево каде што се одржа опело со кое чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот повардарски г. Агатангел, Епископот хераклејски г. Климент и бројно свештенство.

 

       

 

          

Слово на Архиепискоот Охридски и Македонски г.г. Стефан одржано на погребот на Тоше Проески, Крушево, 17 октомври 2007 г.

АНГЕЛОТ ЗА ПЕСНА И ДОБРИНА

 

            Нажалено семејство, роднини и сограѓани, пријатели, колеги и почитувачи на Тоше, возљубени во Господа,

            Дали Крушево и Македонија, по Илинден 1903-та, ги обвило ваква тага, ги исполнило ваква жалост, дали ги натопило толку сенародни солзи и дали ова што го доживуваме од вчераутро па наваму, по трагичната вест за Тоше - може ли да се спореди со било што? Тагува Крушево и жали Македонија и сите коишто го знаевме Тошета или го запознавме преку неговата песна и добрина: сите сме во плач за него! А има и зошто да тагуваме и жалиме: го изгубивме најдоброто, го изгубивме најталентираното момче, преку чиј глас најмногу се слушна за Македонија, барем во последниве години, а неговата песна беше присутна не само во македонските туку и во срцата и во домовите на многубројните негови почитувачи во балканските, па и во подалечните земји.

            Тоше воодушевуваше со гласот и со песната своја и восхитуваше со своето човекољубие и богољубие. Беше најголем, ќе речам беше неповторлив пејач и уметник, беше човек со ретко благородно срце и благочестива душа. Тој, иако млад, разбра што значи да си славен и богат, но и не заборави што е мака, што е сиромаштија, што е несреќа и потреба. И, кога можеше, им помагаше на сите. Затоа добрите луѓе, како Тоше, се паметат и по тоа: по подавањето рака секому што бара помош!

            Возљубени во Господа,

            Само за еден миг го изгубивме прекрасниот Тоше, и тоа сега кога најмногу ни требаа неговиот глас и неговата песна! Го изгубивме сега кога ни беа потребни сè уште неговите победи и неговите добрини! - Го изгубивме кога најмногу ни требаа луѓе како него! - Но неиспитливи се патиштата Господови (според: Рим. 11, 33). Вчерашното утро уште еднаш потврди дека не само што не знаеме што ќе ни донесе утрешниот ден, како што рекол премудриот Соломон (спореди: Изреки 27, 1), туку дека и „дните на човекот се како тревата, како полскиот цвет; така прецутува тој” (Псалм 102, 15) и дека „само еден чекор има меѓу нас и смртта”, како што рекол царот Давид (3. Цар. 20, 3). За нас, пак, што веруваме токму таму е одговорот, таму е одговорот за вчерашниот трагичен настан и за тоа зошто тој, зошто сега, зошто така, зошто таму и на многуте други прашања... Но, ќе има ли зборови што ќе можат да ја искажат тагата по Тоше? Ќе има ли солзи што ќе бидат доволни за жалоста по него и ќе има ли песна што ќе ги собере во себе и тагата, и солзите и жалоста по него? - Тоше како да ги собра во себе и како да ги испеа предвреме. Неговиот последен концерт од пред десетина денови во Скопје - како да беше негово проштевање и негово збогување со Македонија: ми се чини пееше како никогаш до тогаш. И  замина со песна, како и што дојде, за да ни остане како недопеана песна...

            Тоше ќе биде запаметен и по својата добрина, и како примерен граѓанин и вљубеник во Македонија, како човек со вистинско богољубие и родољубие. Тој со своето припаѓање на Црквата и на верата и со своето однесување во животот ја потврдуваше онаа Павлова порака дека „живееме ли, умираме ли - Господови сме” (Рим. 14, 8). Затоа, можеби тој толку брзо го живееше својот живот, верувајќи секогаш во тоа дека <блажени се оние кои умираат во Господа” (Откр. 14, 13).

            Возљубени,

            Песните на Тоше беа како молитва за Македонија и такви ќе останат во меморијата на овој народ. Тоше, пеејќи, всушност, се молеше и молејќи се - пееше. И, еве, во неговото родно Крушево се простува цела наша Татковина. Се простуваме од најголемиот војвода на песната од нашево време. Се простуваме со увереност дека тој ќе продолжи да живее во споменот на сите коишто ќе ги слушаат неговите песни. А ти, Тоше, продолжи да пееш и горе на небото, придружуван од ангелските хорови. Пеј и таму, ти, ангелу на Македонија и моли се за неа!

            Бог да те прости и нека ти е вечен споменот!

 

„Тоше нѐ научи на хуманост, вредност и искреност. Тоше замина премлад во легенда оставајќи непроценливо богатство. Пример кој треба да се следи и почитува. Ни ја остави својата песна за да нѐ крепи кога ќе ни биде тешко“, рече во прошталниот говор премиерот Никола Груевски.

- Имаше ѕвезда, чисто срце и душа и волја со која покажа дека Македонија може и дека е рамноправна со сите. Ги врати вредностите до секоја генерација, до најмладите - дека соништата се остваруваат, до средовечените дека да се сака значи да се живее и да се живее значи да се сака и до најстарите - да се потсетат на надежта и да ја почувствуваат објективноста. Загина како што живееше сонувајќи за еден подобар свет, верувајќи во подобро утре и во луѓето.

Груевски својот говор го заврши со молитва: „Господи, Тоше кој во цветот на својата младост премина од другата страна, прими го во твоите рајски предели, удостој го да се насладува од лицето на Синот Твој, татко на секоја утеха, Ти Кој го осветлуваш сонцето и ги веселиш со својата убавина пријателите Свои, душата на Своето чедо Тоше, за која во животот прибежиште беше крстот Твој. Се молиме сега нека ја види милоста и воскресната радост Твоја во денот на доаѓањето Твое, сега и секогаш во сите векови. Амин.“

        

Пред ковчегот со неговите посмртни останки претходно се поклонија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски. Со Тоше се збогуваа и членови на Владата, пратеници, претставници на дипломатскиот кор меѓу кои амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван Фуере, делегации на АРМ, на политички партии...

Последна почит му оддадоа и претставници на македонската музичка сцена, соработници-композитори и естрадни имиња од соседните земји - Аки Рахимовски, Тони Цетински, Светлана Цеца Ражњатовиќ, Владо Георгиев... и сите за кои пееше Тоше кој токму оваа година одбележуваше 10 години од својата плодна музичка кариера.

Известува: Македонска Информативна Агенција