Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Декларација (15.11.2007)

Ние, поглаварите на Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската заедница во Република Македонија, а врз основа на нашите верски начела и учења, кои недвосмислено го промовираат почитувањето на основните човекови права на достоинство, еднаквост, солидарност и правда, должни сме да застанеме во заштита на интегритетот пред сите обиди за насилно менување на идентитетот на секој поединец посебно и на целата заедница заедно.

Повеќегодишните притисоци за промена на идентитетот и името на нашата земја - Република Македонија, веќе резултираат со огромни штети и последици. Во историјата тоа ќе биде забележано како темно сведоштво за уште еден пример на неконтролирана ксенофобија. Ние, пак, сме свртени кон историската реалност и сегашност на нашето постоење кое е непорекливо и поради коешто според сите Божји и човечки закони, никој нема право името на нашата Татковина - Република Македонија да го менува и модифицира, сообразно на аспирациите на политичките елити. Секој обид насилно да се измени нечиј идентитет, без разлика дали се работи за името, јазикот, полот, бојата на кожата, не е веќе политичко, туку егзистенцијално, онтолошко и теолошко прашање: кој и врз основа на што има право да одреди дали другиот треба да биде црн или бел, машко или женско, Mакедонец или било што друго?

Не постои никаква основа, закон или канон врз основа на коишто може да се бара и, уште повеќе, да се принудува на откажување од сопствениот идентитет. Токму затоа, ги повикуваме сите релевантни институции, а посебно верските заедници и нашите собраќа - верските лидери од соседните земји, европските и пошироко, не само заради нас, туку повеќе заради одговорноста пред Бога која не признава рамнодушност пред злоупотребата над послабиот и немоќниот - одлучно да нѐ поддржат во нашите напори да истраеме во заштитата на достоинството, коешто, всушност, и сите нас нѐ прави тоа што сме - луѓе, а дури потоа припадници на различни народи, религии...

 

  

Стефан,                                                                                   Хаџи Сулејман еф. Реџепи,

Архиепископ Охридски и Македонски                                         Реис-ул-Улема

 

  

Киро Стојанов,                                                                        Михаил Цеков,

Скопски бискуп и Апостолски егзарх                                           Проповедник

 

  

Виктор Мизрахи

 

 

                                                                                                                    Скопје, 13 ноември 2007