Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Премиерот Груевски на средба со верските лидери: Религиозната толеранција е предуслов за кохезивноста на општеството (28.12.2007)

Премиерот Никола Груевски денеска на традиционалната предновогодишна средба со претставници на религиозните групи и верските заедници во Клубот на пратеници рече дека Република Македонија е држава каде граѓаните со различна етничка и религиозна припадност живеат во меѓусебна толеранција и пријателство и слободно ја изразуваат и ја практикуваат својата религија.

Почитувањето на верските разлики, истакна Груевски, е и мора да продолжи да биде наша општочовечка фундаментална определба. Со тоа, според него, ја негуваме хуманоста, го јакнеме меѓуверскиот дијалог и одиме кон повисока афирмација на заемниот меѓуверски соживот.

- Нашата заедничка цел мора да биде градењето на религиозната толеранција како предуслов за кохезивноста на нашето општество. Сега повеќе од кога било потребно е реактуелизирање, воскреснување на религијата и моралот кој таа го проповеда во секој сегмент на секое ниво од општествениот живот бидејќи заради дисконтинуитетот на религиозно образование и воспитание наметнато од минатиот систем тоа им е потребно не само на младите генерации, посочи Груевски.

Благодарение на религијата, додаде тој, постојат многу повеќе работи кои не поврзуваат наспроти оние кои не разделуваат.

- Потребен ни е здрав религиозен живот, здрав религиозен морал кој, пак, од своја страна, ќе се манифестира на секој план и на секое ниво. Тогаш ќе нема потреба да признаваме и да толерираме различности. Тогаш ќе сакаме и ќе почитуваме личности. Сите ние припадници на различни верски заедници отсекогаш сме биле богољубиви и на збор и на дело, потенцира Груевски.

Тој нагласи дека Владата, согласно своите длабоки убедувања и определби, презема низа проактивни мерки во оваа насока и оти една од нив е воведувањето на предметите веронаука, етика и историја на религии веќе од следната учебна година со што ќе биде даден придонес кон вредносната ориентација и социјализација на младите генерации.

- Се наоѓаме на завршетокот на 2007 година. Ова е период кога кулминира  прославувањето на големите верски празници. Пред една недела беше муслиманскиот празник Курбан Бајрам, туку што помина Католичкиот Божик, а веќе на прагот е прославата на православниот Божик. Овие свети мигови на славење и духовно восхитување и воздигнување се одлична можност да ги потврдиме вредностите во кои веруваме, но и да ја потврдиме заедничката заложба за остварување на целта која сите нас не обединува - Република Македонија држава со светла и просперитетна иднина, истакна премиерот Груевски.

Известува: МИА