Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (29.05.2008)

Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква на својата редовна седница, одржана на 29 мај 2008 г., во резиденцијата на Брегалничката епархија под Исарот, во Штип, разгледа повеќе тековни прашања и активности од животот на Македонската Православна Црква.

Синодот ги прифати извештаите на црковните делегации по повод овогодинешните чествувања на празникот на сесловенските просве­тители и рамноапостоли Кирил и Методиј, од прославите во Рим и Москва.

По повод 40-годишниот јубилеј од поклоненијата на делегации на Македонската Православна Црква на гробот на свети Кирил Солунски во Рим, Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква одлучи да ги одликува со црковни оредни „Свети Климент Охридски”: базиликата „Свети Климент Римски” во Рим од I ред и орден од II ред на отец Лудвиг Пихлер, диригент на хорот во Понтификалниот колеџ „Русикум” во Рим.

Посебно внимание Синодот посвети и на прашањата во врска со тековните уписи на нови ученици и студенти во воспитно-образовните институции на Македонската Православна Црква.

 По повод претстојните парламентарни избори во Република Македонија, што ќе се одржат на 01 јуни 2008 г., Синодот на Македонската Православна Црква упатува апел до сите учесници во изборниот процес, истиот да помине мирно и достоинствено, како според масовноста, така и според редот.

 

ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ