Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На празникот Илинден (02.08.2009)

Ти се покажа како светлозарен облак, божествен пророку, поросувајќи ги сите верни со дождот на богопознанието и напојувајќи ги изобилно со виното на веселбата, сите оние што приоѓаат кон твојот божествен храм. Затоа те молиме, божествен пророку и боговидецу Илија, дај му победа на нашиот народ над непријателите, а на душите наши - милост голема. (литијни стихири)

 

Избран уште од пелени за Божји пророк, со богодаруваната огнена сила и пламениот карактер, светиот пророк и боговидец Илија ќе остане запаметен како најревносен борец за обесправените, огнен меч свртен против неморалната власт на царот Ахав и неговата злобна царица Језавела, неуморен во своите стремежи за одвраќање на заблудениот израелски народ од гнасното идолопоклонство.

Неслучајно нашите славни предци го избраа токму овој ревносен пророк и заштитник на обесправените за свој молитвен застапник пред милостивиот Бог. Полагајќи силна надеж токму во Бога, Кого Илија Го проповедаше, тие со неговиот свет спомен нераскинливо ги сврзаа најсветлите и најсудбоносни моменти од нашата славна историја. Љубовта кон својата татковина и незгасливиот копнеж за слобода ги поведе напред, напред во едно храбро и пожртвувано дело, напред во земна смрт, но небеска вечност, оставајќи трага длабоко врежана во срцата на сите идни генерации. Првиот Илинден беше израз на нашиот непокор, вториот - темел на нашата државотворност.

Затоа, денес, во живописното и гостољубиво селце Лазарополе, каде игуменот на светата Бигорска обител, архимандрит Партениј отслужи Божествена Литургија заедно со своите браќа и сестрите од манастирот на свети Георгиј во Рајчица, бројните присутни верници и гости не можеа а да не се потсетат на сите оние знајни и незнајни херои од сите периоди и историски премрежја на нашиот народ, кои изгореа во еден копнеж, копнеж за самостојна и независна Македонија, во која ние денес живееме. Зашто во ова навистина прекрасно селце сè уште живее духот на славните предци, силната вера, богатата традиција и огромната почит кон нивното свето дело, кои направија стариот храм посветен на свети Георгиј да блесне со нова убавина и свежина на тукушто реставрираните фрески, за што локалните жители несебично го вложија својот труд. А Господ не ги остави без награда за својата жртва. Глетката во храмот беше величествена. И славниот пророк се радуваше излевајќи го врз присутните својот благослов.

Подоцна, празничното торжество продолжи во светиот Бигорски храм, каде на многубројните посетители им беше дадена ретка можност да присуствуваат на една навистина необична служба - Славословие т.е благодарност кон Бога за Неговите големи дарови со кои нè удостоил, за слободата, љубовта, мирот, радоста, како и сеопшта молитва за нашиот православен народ, за богољубивата власт, а пред сè, за сите оние храбри борци кои паднаа на браникот за верата и татковината. Обраќајќи им се на присутните, архимандрит Партениј го нагласи големото значење на жртвата која нашите херои паднати за слободата на овој народ, Му ја принесоа на Бога. Зашто да се умре за татковината е навистина големо дело, а тоа значи да се има слобода пред Бога, и тие сега се молат Бог да му даде единство на нашиот народ, на нашите политичари, сите да се застапуваат за една национална македонска кауза.

Потоа, правејќи паралела помеѓу времето на разврат, во кое живеел светиот пророк Илија и страшната морална деградација која владее во христијанските општества денес, тој напомна: „Денес секој христијанин е повикан да биде избраник Божји. Вистинските христијани кои не ги приклонуваат колената пред денешните лажни богови се како свети Илија и како оние седум илјади мажи кои не се поклонија на Ваал. А такви лажни богови денес има многу. Денес среброљубието е бог на луѓето. Во овој наш современ свет луѓето се толку многу острастени кон парите што ги забораваат и најсветите нешта. Го забораваат семејството, татковината, го газат моралот. Тие луѓе шират зараза во христијанското општество - сакаат да го озваничат гревот, па да го сметаме за нешто нормално. Затоа сите вие, кои знаете за името Христово, должни сте да го чувате моралот силно во вашите срца и да не го прифаќате тој модерен дух... Додека се пееше славословието и химната си помислив: - А кого друг да Го славиме, ако не Бог? Бидејќи слободата која ја имаме и во која пребиваме, само Нему Му ја должиме, и доколку има вистински христијани кои ги држат постите, се исповедаат, се причестуваат, тогаш нашата татковина ќе трае до Второто Пришествие и ќе може достојно да Го пречека Спасителот, Кој ќе дојде повторно за да му суди на светот. Да ни ја чува нашата татковина! Да живее нашата татковина! Амин!”

Како знак на љубов и голема почит кон големите синови на македонската кауза, беше осветена и пченица за покој на сите оние што загинале бранејќи ја нашата вера и оваа наша света земја. 

 

 

       

 

      

 

       

 

                             

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица