Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Понуда за купување на Новогодишни честитки од Бигорски Манастир “Св.Јован Крстител“ (11.11.2009)

Почитувани,

 

Смирено Ви се обраќаме, знаејќи дека искрено сочувствувате со нашата несреќа и топло ќе ни излезете во пресрет, олеснувајќи ни ја болката со Вашата благородна помош. Имено, Вие знаете дека на 30-ти септември, огнената стихија во еден миг ги проголта прекрасните монашки конаци, дело на големите мијачки мајстори и завет на поранешните Бигорски игумени. Пред нашите насолзени очи за миг исчезна големата трпезарија, раскошните гостински одаи со дрвени резби и портрети на славните Бигорски игумени, нашите скромни монашки келии и сите простории кои ни овозможуваа опстанок во манастирот и негово нормално функционирање. Немоќни да се справиме со таа огромна огнена сила, која се закануваше да ја зафати и црквата, се потрудивме, со ризик по нашите животи, да го спасиме барем она што беше и највредно - ретката и исклучително вредна колекција на икони од Бигорската галерија, кои датираат од 16ти, 17-ти и 18ти век, истовремено борејќи се и упатувајќи молитви кон големиот Претеча Јован, да си го заштити својот храм.

Затоа, Ве молиме да ни излезете во пресрет со купување на Новогодишни честитки од понудата на нашиот Манастир.

Напоменуваме дека средствата собрани од продажбата на честитките ќе бидат наменети за возобновување на Бигорскиот манастир. Во прилог на овој допис Ви доставуваме каталог со понуда на мотиви од Новогодишните честитки.

Вашите нарачки можете да ги најавите на отец Доситеј 070/342-970 ; 070/364-623или е-mail: bigorski@t-home.mk

Однапред благодариме на Вашето разбирање и помош и нека благословот на Светиот Претеча и Крстител – Јован биде секогаш со Вас и Вашите блиски.

 

Архимандрит Партениј