Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На МПЦ-ОА и треба добар маркетинг (07.01.2011)

Бадник е семеен празник, а практиката покажува дека, наместо да бидат дома со семејството, бадникарите крај огновите се забораваат со пиењето и го прекршуваат постот, а тоа придонесува утредента да бидат мамурни и да не ја посетат литургијата во црквите за Божиќ. Божиќ паѓа во сенка на некои адети што се практикуваат за Бадник.

На Македонската православна црква - Охридска архиепископија ѝ недостига добар маркетинг. Црковните лица треба да ангажираат агенција за односи со јавноста, што ќе ги насочи како да ги презентираат новините во православието и како да реализираат одредена идеја.

Вака на состојбата во МПЦ-ОА гледа владиката Пимен, надлежен за Европската епархија, кој е еден од помладите митрополити во редовите на Светиот синод. Современите погледи на животот, засновани на каноните и на принципите на црквата, ѝ дадоа процут на епархијата на Митрополитот Пимен, за што најнепосредно зборува и зголемениот број на нови верници меѓу иселениците.

- Задоволен сум од втората и третата генерација иселеници во земјите низ Европа. Можеби фактот дека сум помлад влијае на верниците и на нивната мотивација повеќе да ја запознаат Црквата. Но, секако, не ги исклучувам и постарите верници. Тие се матицата.

Припаѓате на генерацијата помлади владици во Светиот синод. Дали Синодот размислува за вклучување нови владици, зашто некои се одговорни за две црковни епархии?

- Засега немаме слободна епархија што треба да биде пополнета со нов владика. Австралиско-новозеландската сé уште е администрирана од владиката Петар. Имаме листа на која се ставени монасите што ги исполнуваат условите да станат владици, како што се 30-годишна возраст, искуство за подобрување на верскиот живот и архимандритскиот чин. На листата се тројца монаси, но наскоро ќе може да се пополни со уште неколку архимандрити.

За Бадник преовладува една празнувачка традиција кај народот, која се практикува со пагански елементи. Како црквата се справува со ваквата традиција?

- Секако дека треба да се празнува Рождеството Христово, Божиќ, Раѓањето Христово, спасението наше. Ден претходно се празнува Бадник, но во зависност од тоа која Црква се задржала, во одреден дел од државата има различни начини за неговото празнување.

Бадник е семеен празник, а практиката покажува дека, наместо да бидат дома со семејството, луѓето крај огновите се забораваат со пиењето и го прекршуваат постот, а тоа придонесува утредента да бидат мамурни и да не ја посетат литургијата во црквите за Божиќ. Божиќ паѓа во сенка на некои адети што се практикуваат за Бадник. За жал, сé уште немаме изградено став по тоа прашање, сé е сведено на епархиите. Немаме ингеренции да се мешаме во друга епархија.

Дали го поддржувате свештенството во идејата за формирање црковен синдикат, кој би се грижел за плаќањето на придонесите за социјално, здравствено и пензиско осигурување?

- Би било практично да се формира синдикат, но треба да се внимава кога ќе се прави статутот на тоа тело да се наведе дека тоа ќе се раководи и според каноните на Црквата. Синдикатот би ја вршел работата со намирувањето на обврските на свештениците кон државата. Наместо ние како владици да се симнуваме на терен и да констатираме дали некој свештеник од селата има намирени придонеси, тоа би го правеле луѓето од синдикатот. Тие би ги систематизирале сите проблеми на свештениците.

Верниците често изјавуваат дека им се скапи услугите на свештениците и дека МПЦ-ОА не се занимава доволно со хуманитарна дејност. Дали е навистина така?

- Ако се направи сондажа на терен меѓу верниците за состојбата во Црквата, навистина ќе се покаже дека најмногу им пречат црковните такси. Луѓето прават свадба за 500 лица, а се жалат дека им е скапа венчавката во црква. Доколку се објасни суштината на она што го добиваме од Црквата, дека крштевките и венчавките не се повторуваат, тогаш ќе видиме дека услугите и не се скапи. За хуманитарната дејност на Црквата, пак, сметам дека немаме добар маркетинг. Веќе неколку години функционираат народните кујни низ градовите во земјата, како и групните крштевки и венчавки. Црквата не може да се претвори во социјална установа, за тоа најмногу е одговорна државата. Можеби би требало повеќе инвестирање во дом за стари лица.

Зошто Синодот никогаш не собра храброст да ги расчисти финансиските скандали што изминатите години ја потресоа МПЦ-ОА?

- За финансиските скандали знаеме онолку колку што ни било соопштено. Многу пати на синодска седница биле отворени тие прашања, но, за жал, секогаш по иницијатива на медиумите. Она што ни се презентираше во тоа и веруваме и тој став го заземаме. Се зборува дека се проневерени големи пари, но во судските процеси претставниците на црквата беа амнестирани. Тоа значи дека ако државата не нашла криминал во црковните редови, тогаш ние не можеме никого да осудиме. Моралната одговорност е нешто друго. За нас тоа прашање е затворено, чекаме да завршат судските процеси и да видиме дали држат оние информации што ни биле пласирани на синодската седница.

Дали Синодот досега размислувал за формирање финансиско тело што би раководело со економските и правните работи, со што во иднина би се спречиле финансиски малверзации?

- Јас сум поборник за тоа Црквата да ангажира професионалци во одредена област. Треба да вклучиме правници и економисти, кои би ни биле консултанти за тоа како да реализираме некоја идеја. Дури може тие лица да имаат постојано вработување во МПЦ-ОА.

Очигледно е дека преговорите со Српската православна црква за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА чекаат на решавање на состојбите во регионот. Дали сметате дека треба да се обноват?

- Би паднале во замка ако кажеме дека не ни се потребни преговори со Српската православна црква. За таква одлука ќе бидеме осудени од целиот православен свет. Таквиот однос ќе го сметаат за изолирање од другите Цркви. Имаме испратено барање до СПЦ за официјална средба и затоа сме чекор пред нив. Случувањата на Косово нѐ фрлија во втор план, па можеби затоа од српските владици не сме добиле никаков одговор.

Откако им се случи Артемие на Косово, можеби ќе гледаат поинаку на нас, како и на случувањата со Вранишковски.

Дали сметате дека процесот со христијанското обединување би можел да помогне во однос на прифаќањето на МПЦ-ОА како автокефална Црква?

- Неопходна е комуникацијата со православниот свет. Во Шведска, како мое место на живеење во Европа, комуницирам со српскиот и грчкиот владика, со романскиот, како и со претставниците на Руската православна црква. Ако настапуваме единствено пред тамошните власти, многу повеќе може да добиеме, отколку ако видат дека сме разединети. Тогаш несериозно би гледале на нашите барања и планови. На пример, православните Цркви во Шведска беа обединети кога требаше да добијат православни гробишта. И во Франција православните функционираат обединето.

Која е вашата порака за верниците во пресрет на Божиќните празници?

- Божиќ е празник на раѓањето на Исус, па затоа ќе упатам само една порака, а тоа е граѓаните да се насочат кон зголемување на наталитетот во државата. Не треба да стравуваат од економските и од социјалните кризи и тие да им бидат главен изговор за формирање многудетно семејство.

ЛИЧНА КАРТА

Митрополитот Пимен е роден во 1971 година во Ресен. Монашкиот живот го почнал во манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча. На постдипломските студии во Париз 2004 година го затекнала одлуката да биде избран за викарен епископ на Струмичката епархија. Веќе 2006 година бил назначен за надлежен архијереј на Европската епархија.
  
   
Автор: Радмила Заревска
 - Нова Македонија