Vesti i nastani
 
 
 
 
 

До г. Штефан Фуле, Комесар за проширување на ЕУ (26.10.2011)

Почитуван г. Фуле,

 

            Правото на лично изјаснување за својот идентитет и именување, е основно човеково право. Тоа е содржано во сите свети книги на големите светски религии, а потврдено е и во многубројни декларации кои го третираат прашањето за човековите права.

За жал, праксата којашто ја спроведува Европската Комисија во последните извештаи за напредокот на Република Македонија, изоставувајќи го терминот - придавката македонски, оддава впечаток дека се погазуваат основните норми на демократско однесување од страна на Комисијата, кога станува збор за почитувањето на правата на другиот (Македонците).

Дозволете да заклучиме дека принципот на солидарност, усвоен помеѓу членките на Европската Унија, не може да биде над универзалните демократски права. Со актот на солидарност со нашиот јужен сосед, Република Грција, во однос на нејзиниот неразбирлив спор со Република Македонија, Комисијата, на чие чело сте Вие, застана против научните факти (лингвистички, социолошки, историски), негирајќи едно вековно и значајно културно и духовно наследство кое му припаѓа на македонскиот народ, но и на културна Европа, а кое се препознава под поимот македонски. А, кога една организација, колектив, или заедница, не ги почитува во односот кон другиот основните начела врз кои почива и егзистира самата таа, тогаш, истата, не може да биде доживеана како доследна и принципиелна.

 

            Почитуван господине Комесар,

Солидарноста е една од основните вредности на христијанската религија, бидејќи таа произлегува од љубовта. Затоа таа не смее да се темели на интереси, туку на почит и пожртвуваност. А, ќе се согласите дека не е гест на солидарност кога некому неправилно ќе му одземете нешто и истото ќе го дадете на друг, под изговор на солидарност. Затскривањето зад таквите непринципиелни „принципи“, значи негација на возвишените вредности кои ги негуваме и развиваме под поимите: вистинољубие и правдољубие. Оттаму, сакаме да веруваме дека тие начела не се изгубени низ просториите на институциите на Европската Унија и дека истите, во иднина, ќе најдат своја примена во одлуките и актите на Европската Комисија за проширување на ЕУ, а особено кога станува збор за почитувањето на достоинството на граѓаните на Република Македонија, во духот на Христовата порака: Почитувај (сакај) ги ближните свои како себеси (Матеј, 19:19).

 

            Со должна почит,

 

                                                                        

                                                                             П  О  Г  Л  А  В  А  Р

                                                  НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

                                                  АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

г.г. Стефан