Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свечено слово на Архиепископ Охридски и Македонски Стефан (08.12.2012)

СЛОВО ЗА СВЕТИ КЛИМЕНТ

 

Не се пали светилник за да се стави под поклоп, туку се става на свешник за да им свети на сите... (Мат 5, 15). Такви светилници, запалени од Бога се светите. Тие се поставени, се издигнати на високо за да ги осветлуваат и осветуваат оние што ја сакаат и почитуваат нивната светлина и светост. Бог ги запалил тие светилници, зашто Самиот Тој е светлина, која е живот, вистина и радост.

Вистината не може  да биде ништо друго, освен самиот Живот (Господ) и познавањето на Животот. А надвор од Светлината и надвор од Животот, не е можно да се познае вистината на животот. Таму, пак, каде што е вистината, таму е и радоста на живеењето, зашто нема поголема радост од таа човекот да живее во вистината и таа да го направи слободен. Затоа Господ Исус Христос за Себе рече дека е Светлина на светот и ги повика сите коишто поверувале во Него да Го следат, за и тие да ја имаат светлината на животот и вистината. И тешко на оној човек и народ што живеат во мрак и не можат да ја почувствуваат радоста на животот. Господ Христос повикува да го следиме додека е уште ден, додека сè уште можеме да се доближиме до одблесокот на Божествената светлина...

Впрочем, карактерот на еден народ, начинот на неговото живеење, навиките, се формираат врз основа на вредностите што истиот ќе ги присвои, негува и живее.

Како македонски народ го добивме тој благослов од Бога да имаме вредности кои како гарант ќе имаат цврста основа, како што вели светиот апостол Павле: Зашто, никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос (1. Кор 3,11). И сета наша историја, нашата култура, нашата уметност го покажуваат и докажуваат ова – дека во битието на Македонецот е всадено битието на христијанството. Ако само за момент фрлиме и најбегол поглед на сето она што нè опкружува, не само просторно и физички, туку и духовно и временски, ќе видиме многу цркви и манастири, многу ракописи и книги, многу икони и фрески, ќе видиме и многу обичаи и традиции испреплетени со Духот Христов (1. Петр 1, 11).

Секако, ова не дошло по некоја случајност, ниту, пак, е продукт на некое наследство. Вредностите мора да се прифатат слободно, мора да се сфатат за да нè променат, да нè направат нови луѓе... Слободата е еден од најголемите дарови со кои Господ го создал човекот. Една од карактеристиките на слободата е изборот, да се одлучиме меѓу „да“ или „не“. Но како што ќе избереме, така и ќе ни биде, такви ќе бидеме. Господ Бог повикува, а не присилува.. И богоугодно е што нашите предци се определија да Му кажат да на Бога, да му кажат да на спасението. Тоа беше чин на покајание, на увидување на состојбата во која биле дотогаш, тие сфатиле со помош на својот разум, но и ја примиле вистината со својата вера. Токму во тој контекст, денешиов славеник, нашиот духовен великан, свети Климент, во своето пофално слово за својот учител, свети Кирил Солунски, вели: Милостивиот и штедар Бог, Кој очекува луѓето да се покајат и сите да се спасат и да ја познаат вистината, зашто Он не му посакува смрт на грешникот, туку покајание и живот, не го остави човечкиот род да отпадне поради слабост, да подлегне на ѓаволска соблазна и да загине... Тоа го направи и за нашиот род, кога ни го издигна овој учител којшто го просветли нашиот народ кој, поради слабост, а уште повеќе со ѓаволска измама, беше си го помрачил умот, па не сакаше да оди во светлината на Божјите заповеди... Ете како Бог го повикува секој човек на покајание и преумување – преку своите избраници, преку оние коишто со сето срце, со сиот свој живот Го примиле Бога, Му го предале своето постоење. Светите се светилници запалени од Божјата светлина, а ние, пак, зависно од себе, од тоа колку сме достојни, примаме од таа светлина непосредно од Бога, но и преку светите светилници.

И ние како народ преку нашите свети ја примаме таа светлина која благодатно делува врз сите коишто со вера, надеж и љубов ја бараме. Свети Климент, нашиот патрон е наш светилник запален од Бога, за да ни свети на сите! Тој е познателот на вистината и претстојателот во љубовта. Тој е прогонителот на мракот и очистителот од делата на злото. Тој е бранителот на зборот и творецот на книжнината. Тој е просветителот на македонските и словенските земји, рамноапостол и архиереј каков што подобава. Тој е втор Павле за македонската земја и ангелот хранител на нашиот народ. Тој е градителот што постојатно го гради и надградува духовниот раст на своето стадо и недремлив бдител на Црквата и народот во Охрид и Македонија.

Возљубени,

Да не ги забораваме светителите што ни ја покажаа и докажаа Вистината и ни го дадоа Животот. Почитувајќи ги и славејќи ги оние што нè воведоа во Светлината, се почитуваме себеси. Ако го заборавиме нивното дело, нивниот подвиг, се забораваме самите. Ако не го следиме и последуваме примерот што ни го покажаа, ќе лутаме по светскиот метеж. Затоа, како вечерва, така и секој ден должни сме, и ние овде собраните и сиот наш народ, да им оддаваме достојна и благодарна почит заради нас, а не заради него и нив!

 

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

                           СТЕФАН