Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На празникот на свети Наум Охридски во Охрид (05.07.2012 16:29)

„Светлите подвизи на твојот пречесен спомен, како големо сонце кое светли, ги просветува лицата на тие што те слават, бесовите, пак, и секоја болест, ги изгонува. Заради тоа, доаѓајќи со љубов, верно да го прославиме“ (кондак на св. Наум Охридски).

Споменот на свети Наум Охридски Чудотворец насекаде во Македонија, а особено во Охрид, во градот каде овој наш светител, просветител, црноризец, подвижник и чудотворец живеел и поучувал, секоја година е торжествено прославуван. И оваа година, во манастирот на Белото Езеро, којшто самиот тој го изгради со своите пречисти раце, со големи свечености го воспеавме свети Наума. Празнувањето започна на 02.07.2012 година со празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот, еромонасите Доситеј и Јосиф, свештениците Никола Христоски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. На Вечерната присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој од владичкиот трон му вознесуваше молитви на светиот Охридски Чудотворец. По завршувањето на вечерната беше отпеано и петолебието, а Митрополитот Агатангел се обрати кон мноштвото верни со пригодно слово во кое ги повика сите луѓе да се вратат кон моралните норми, всадени од Господа во срцето на човекот. 

   

 

 

Прославата продолжи утредента, на 03.07.2012 година, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј и Агатангел, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофор Тоди Јован од Албанската православна црква, еромонасите Доситеј и Јосиф, свештениците Никола Христоски и Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. На овој прекрасен ден, еромонахот Јосиф беше произведен во чин игумен, а како знак на неговото игуменство му беа дадени надбедреник и граден крст. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Архиепископот Стефан се обрати кон паствата со пригодна беседа, која подолу ви ја пренесуваме во целост.

Навистина, прекрасна беше сликата да се видат илјадници верни, кои не штедејќи се себеси дојдоа од цела Македонија, но и од Албанија, да се поклонат на гробот на свети Наум и да ги испросат неговите молитви и неговото застапништво пред Бога. И ние го молиме светителот да „нè воведе во верата и да нè избави од сите искушенија. Амин!“ 

 

    

 

   

 

    

 

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан

Собрани денес во овој свет храм за да го прославиме споменот на нашиот голем чудотворец и застапник пред Божјиот престол, светиот Наум Охридски, не можеме, а да не си спомнеме за големината на неговата личност, за неговиот подвиг, но и за неговата љубов и кон Бога и кон својот род.

Овој преблажен човек беше еден од учениците на великите браќа од Солун, просветителите на словенскиот и на македонскиот род, светите Кирил и Методиј. Од нив научи како да Му служи сеодано на Бога, како да го проповеда, но и да го живее Евангелието, како да им помага на луѓето во неволите, но и како да се велеси во радостите. По смртта на рамноапостолот свети Кирил (+869), неговиот брат и нивните ученици, од Рим дојдоа во Панонија, каде што почнаа да ја организираат првата словенска црква. Но набрзо, по упокојувањето на свети Методиј (+885), учениците, предводени од свети Климент и свети Наум, го почувствуваа непријателството на противниците на словенскиот јазик, и беа протерани од средноевропските словенски земји. Свое прибежиште и плодна почва за делување и проповед на Божјото име најдоа дома, на Балканот, односно во Македонија. Заедно со својот брат свети Климент, свети Наум почна опширна мисија за евангелизација на народот по македонската земја. За таа цел се пишуваа и препишуваа книги, се преведуваа текстови, се градеа манастири и цркви, а особено е за истакнување формирањето на првиот словенски универзитет, односно Охридската книжевна школа. Со своето знаење и со своето духовно искуство, свети Наум целосно се посвети на учителската дејност и на подготовката на потребните   кадри за свештеници, преведувачи и препишувачи. Подоцна се повлече на најјужниот дел од брегот на Охридското Езеро, токму овде, каде што го изгради манастирот посветен на Светите Архангели, и тука поживеа во големи подвизи, собирајќи околу себе многубројно братство, кое примарно се занимаваше со препишување на стари ракописи и, секако, со постојано служење на Бога и молење за новопросветениот народ. Откако добро Му послужи на Бога, овој голем светител од нашиот род се упокои во 910 година, преселувајќи се во Царството Божјо.

Возљубени, многу можеме да земеме и да последуваме од личноста на свети Наум. Па, еве, денес веќе прославуваме повеќе од 1100 години од упокојувањето на овој Божји угодник, што е меѓу личностите со најголем спомен во нашиот македонски род. И дали е тоа случајно? Не, но токму тоа ни укажува каков народ сме и за што сме избрани. Да се замислиме на кого се угледуваат нашите млади генерации, па и ние повозрасните. Поважни ни се личностите од најразлични професии од времено и минливо траење, личности кои не нè задоволуваат духовно, нè прават подобри и посовршени луѓе? Добро е да се радуваме на успехот на ближниот, но кога тој на пример го завршил потребното образование, кога добил работа, кога изградил дом, кога му се родило чедо итн. Но дали треба да се радуваме и да ни биде мотив минливото и пропадливото? Колку и да е тоа привлечно, тоа е туѓо за нас, и непотребно и неспасоносно. Затоа потребно е и денес да се запрашаме, што имаме во свети Наум што може да биде и наше? Има, тоа е – светоста! Ќе рече некој, па што корист имам од светоста? Од неа добиваме сè: и убав изглед, и богатство, овде на земјата и горе на небото, и слава и сè! Светоста треба да ни е цел на сите нас, зашто сме повикани да бидеме свети, како што ни вели Господ: Бидете свети, бидејќи Јас сум свет (3.Мој 11, 44).Светоста е надеж и здобивање на вечното и непропадливото. Светоста е радост за душата, тоа е релизирање на нас како луѓе и како личности. Но оваа слава, оваа убавина и ова богатство не се по мерката и разбирањето на земниот човек, туку се со карактеристики и квалитет што ѝ се доследни на нашата природа. Всушност, човекот со гревот ја изгубил светоста што ја имал, но и потенцијалот и чувството да го достигне нејзиниот максимум. Затоа почнал да се обидува на секој начин да го достигне тоа совршенство, иако со несовршени средства, иако привидно. Но дали земната може да се спореди со небесната слава, со онаа која Бог ја дарува? Таа слава е скромност, понизност, љубов, пожртвуваност и вечност. Земната слава е суета, завист, злоба, себичност и пропадливост. Житијата на светиите нè учат каков станува телесниот изглед на оние што ја стекнале светоста. Нивните ликови зрачеле со несокојдневна светлина, нивните тела мирисале благоухано... Човекот треба да прави сè за да го врати своето првобитно достоинство, дадено на нашите прародители во Рајот. Но, како и во сите работи, има вистински начин и правила за доаѓање до целта, но и начини кои, иако изгледаат полесни, сепак не нè водат до посакуваното, туку напротив, нè водат во уште поголема жалост и празнотија, нè водат во егзистенцијална пропаст.

Возљубени, ние христијаните имаме пример како се надминува гревот и неговите последици, и како се достигнува светоста. Тој пример ни го постави и даде Господ Исус Христос, а остварливоста на тоа се докажува преку светителите. Затоа, секој човек е повикан да биде светител, секој од нас го има потенцијалот во себе, но и благодатта на Бога. И затоа илјада и стогодишниот спомен на свети Наум е прослава на светоста, на тоа што навистина ни е потребно и суштинско за животот.

Од ова свето место и во ова време да повикаме - сите заедно, како народ и како земја – да се покаеме и да се вратиме на вистинските вредности, да се вратиме на патот што Бог ни го постави и оствари, патот кој врви низ Црквата во вечноста. Крајно време е, зашто реалноста воопшто не ни е добра. Наталитетот е во постојано намалување, меѓучовечките односи ни се на незавидно ниво, а за моралот како да заборавивме што беше тоа. Но кога светоста ќе стане наша животна и примарна цел, тогаш нашата природа ќе се навикне на доброто, ќе сака да го прави само полезното. Зашто, говори светиот апостол Павле, оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по дух - за духовното. Копнежот на телото е смрт, а копнежот на Духот - живот и мир. Ако, пак Христос е во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради праведност (Рим. 7/ 5, 6 и 10)...

Возљубени, во годината во која одбележуваме 45 години од возобновувањето на автокефалноста на нашата древна Света Црква, потребно е постојано да се потсетуваме на оние коишто ги поставија темелите, коишто го посеаја Евангелието по македонската земја, на оние коишто ја организираа нашата Помесна православна црква и на сите што се бореа за нејзино опстојување низ вековите, како и за оние коишто по двевековната забрана на нејзината дејност, по молитвите на светите Климент и Наум, со Божја помош ја воскреснаа нашата древна Охридска Архиепископија. Нека и се множат годините и вековите и нека ни е вечна нашата Света Црква!

Нека му е честит игуменскиот чин на о. Јосиф, идниот епископ на нашата Света Црква.

Нека ни е на многу години празникот, а Божествената Литургија нека ни е на здравје и спасение. Амин!

  

 

свети Наум Охридски Чудотворец

03.07.2012 година, ман. „Св. Наум Охридски“ Охрид

Извор: Дебарско-кичевска епархија