Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Хиротонија на епископот Велички г. Јосиф (08.10.2012 09:37)

Низ целата многувековна историја на едната наша света и соборна апостолска Црква, епископот ја носел светата должност да биде пастир на овците Христови, како што нашиот Господ Исус Христос му оставил во завет на апостол Петар, велејќи му: „Паси ги јаганцата мои!“ А за да може достојно да го исполнува ова свето послушание кон Христа и Неговата света Црква, тој треба да биде образец за божествената љубов, послушанието и смирението. Токму затоа Црквата одредила вистински расадник за нашите духовни пастири да бидат монашките обители, каде идниот епископ учи да го љуби ближниот дури и повеќе од себеси, имајќи Го во срцето Бога над сè. Во духот на ова свето предание, Бигорската монашка обител, која родила голем број монаси-преродбеници, духовни учители, меѓу кои и преподобните отци наши Анатолиј и Партениј Зографски и со тоа го дала својот бесценет удел во духовното и културно будење на нашиот славјански народ, сега одново му ја принесува на Македонската Црква својата рожба, предавајќи го на света епископска должност во служба на народот. Духовно роден низ молитвите и солзите на својот старец, архимандрит Партениј, и воспитан во светоотечкото предание, низ секојдневните подвизи и духовни борби во монашкиот живот на Бигорската света обител, нашиот отец и собрат Јосиф денес го прими на себе достоинството на епископскиот чин, заветувајќи се дека до самозаборав ќе се грижи за духовното преуспевање на своето стадо. Смирено стоејќи пред огромното мнозинство верници во преполнетата „Света Софија“ Охридска, тој нè потсети уште еднаш на големото значение што овој храм отсекогаш го имал за славната Охридска Архиепископија и со голема љубов упати благодарност до преблагиот Господ, Неговата пречиста Мајка, славниот Претеча и, секако, до својот духовен татко, како и братството и сестринството, некогашниот негов надлежен архијереј, митрополитот Тимотеј, Неговото Блаженство, г. г. Стефан и останатите архијереи на САС на МПЦ-ОА, за големото достоинство со коешто беше овенчан.

 

     

 

     

 

     

 

     

 

    

 

                           

 

                         

 

                           

 

 

 

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух 

 

Ваше Блаженство, Ваши високипреосвештенства, Ваше преосвештенство,

Сечесни отци и богољубиви монаси,

Возљубени во Господа, браќа и сестри.

 

Денес сите ние сме сведоци, а истовремено и учесници на овој свештен литургиски собор во овој древен храм на некогашната Охридска Архиепископија. Денес сите ние преживуваме и доживуваме историја и сегашност, доживуваме стагнација, но и континуитет, доживуваме радост во слава на Бога. Овој храм преживеал многу, тој е сведок и на мир и на војни, и на тага и на радост, и на постоење и на уништување, но и на повторно обновување, на воскреснување. Благодарение на Бога, а во Негова слава и благодарение на нашите предци, овој храм, еве, повторно е сведок на она за што бил изграден да го доживува – во него, во слобода да Му се служи на Бога, да живее Црквата и да живее верно и заедно народот Божји, свештенството и лаосот. И, еве, денес овој храм се радува, зашто е сведок за една искрена и благословена желба – тоа што пред 45-години беше возобновена нашата мајка – Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Се радува поради тоа што во него повторно се живее полн литургиски и црковен живот, што повторно се причестуваат верници, се ракополагаат свештеници и се хиротонисуваат епископи – кои се гарант за постоењето на една автокефална Црква.  

 

 Свети апостол Павле за епископоството вели: „тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа“, но колку се опоменувачки и трезвени зборовите во понатамошниот текст: „Епископот треба да е непорочен... разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува, не пијаница, ни насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и несреброљубив“ (1 Тим 3/1-3). Светиот Игнатиј Богоносец, чиј живот и служба во Црквата се пример за секој епископ, вели: епископската служба е возвишен призив, и оној што е повикан на вакво служење, облечен со благодатта на епископскиот чин, треба да се грижи за единството на Црквата, кон сите да биде трпелив во љубовта, непрестајно да се посветува на молитвите, барајќи од Бога мудрост; да ги носи болките на сите, како совршен подвижник, зашто каде што има поголем труд, таму и духовната добивка е поголема. Особено да се потруди ништо да не прави без Бога, и често да го собира верното стадо на литургиски собири. За секој од нас треба да биде мотив она што се вели во светото Евангелие: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Мт 5/ 16). Значи сè да правиме во слава на Бога, а најмалку, би рекол воопшто, за своја корист. Епископот е добриот пастир, кој се грижи за своето словесно стадо. Епископот е икона на Христос во Црквата и како што Христос, како Жених, се принесе себеси за Црквата, така треба и епископот да се принесува за Црквата, народот Божји. Епископот заборава на себе, на својата волја, на својата желба – едноставно се заборава себеси, за да го носи крстот на сите.

 

 Знаејќи ги овие работи, кој смее да се осмели на едно такво дело, особено јас, грешниот, недостојниот и непотребниот слуга Божји? Ако се прашувам само јас, знам дека сега немаше да говорам од овој свет амвон. Но послушанието е важен и особен мотив за секој православен христијанин. Треба да бидеме послушни на Црквата и на волјата на светиот архиерејски собор на нашата МПЦ. Послушанието раѓа чудесни и неописливи плодови. Послушанието е, всушност, отсекување на нашата волја, а прифаќање на волјата Божја!

 

Јас се одлучив да ѝ служам на Црквата, како и кога и да ме повика... Но на овој пат особено ми се потребни вашите молитви, верни браќа и сестри на нашата Црква, за да останам пред сè човек и за да бидам добар епископ. А за овој позив, најпрво Му благодарам на Христа Бога, Кој си спомна за мене во својот божествен Домострој, потоа на Пресветата, Пречистата, Преблагословената славна Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, Која како свое чедо ме чува со своите молитви. На светиот славен пророк и претеча Јован Крстител, од чијшто манастир доаѓам. Најискрена благодарност до возглавителот на тој свет манастир, отец Партениј, заедно со моите браќа и сестри од најголемата македонска духовна матица – Бигорскиот манастир, кој правилно ме воведе во огнот на подвигот и на животот и ми ја покажа љубовта со која Бог сите нè милува, ми го покажа и докажа најпотребното – живото предание на Црквата. Многу ме научи и на многу ме заложи. Во манастирот научив што е молитва, научив што е послушание, гледав што значи да живееш за другиот... Таму се видов себеси и во најдлабока побожност, но и во најниска гревовност. Но, сепак, топлата татковска и несебична поддршка и поука на мојот духовен отец - игуменот на манастирот, и искрената љубов и желба за простување на моите браќа, беше и останува моја сатисфакција, моја утеха и моја цел. Зашто само оној што ја видел и доживеал искреноста во животот, ќе научи како да ја дава, но ќе знае и како да се спротивстави на неискреноста, на злобата, на суетата, на немањето страв Божји и вера.

 

Голема благодарност и до митрополитот Тимотеј, кој уште од моите средношколски денови особено се залагаше за моето образование и секогаш бев пазен под покровот на неговиот архипастирски омофор. 

 

Особена благодарност до нашиот блажен архиепископ Стефан за тоа што благоизволи да го прими моето недостоинство за свој викарен епископ. Тој како вистински голем татко го закрилува во својата прегратка секое верно чедо, но и како оној човек Македонец, од видението на светиот апостол Павле, смирено стои пред престолот на Севишниот Бог и се моли за својот народ. 

 

Во таквите јуначки подвизи – во молитвата за секого и сè, е нашата сила, со која ќе им одолееме на сите искушенија. Тешко му на оној народ кој нема јунаци да се молат за него. Но верувајте, возљубени браќа и сестри, дека овој наш народ има такви јунаци. Доказ за тоа е токму денешниот спомен кој го славиме, Соборот на сите македонски светители, кој веќе беше и наскоро ќе биде збогатен со уште светители од македонската земја, чија канонизација ја подготвува и објавува Македонската православна црква.

 

На Црквата ѝ требаат смели луѓе. Денес, како и секогаш, на Црквата ѝ требаат луѓе што ќе знаат да се спротивстават на себе самите, на својата желба и похота. Ќе треба секогаш да го имаме предвид она кон што нè повика еден современ богослов: Да се вратиме кон светите отци, да се вратиме кон нивниот ум; Ветувам дека поткрепен од Духот и по вашите молитви ќе ја претставувам Црквата вистински и тука во храмот, на Литургијата, и по Литургијата, и ќе го порачувам тоа и на верните, а особено на свештениците. 

 

Браќа и сестри, „мојата душа го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога Спасителот мој“ (Лука 1/46-47). Зарадувајте се и вие со мене и, уште еднаш ве молам и се смирувам пред вас, непрестајно молете се за мене, за да бидам достоен пастир на словесното стадо, за секогаш да останам во чистотата на Црквата, во словото на Евангелието и во духот на светоотечкото предание, никогаш не заборавајќи го монахот во себе. Да не даде Бог никогаш да не ја изгубам вашата љубов, туку духовно спокоен да ја започнам својата епископска работа, сеоддано служејќи ви вам, заради кои и ми се даде овој благослов. 

 

А на Бога, прославен во Три Лица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Му принесувам непрестајна слава и Го молам да ме раководи во овој и да не ме заборави во идниот век. Амин!

 

На многаја лета јубилејот на нашата света Црква!

 

 

 

Епископ Велички

         Јосиф

 

Извор: Бигорски манастир