Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Рождество Христово (Охрид, Кичево) (08.01.2005)

Празнувањата во чест на Христовото Рождество во Дебарско-кичевската епархија започнаа со навечерието на овој голем празник на 6. 01. 2005 година. Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј во вечерните часови го посети монашкото сестринство во манастирот на Пресвета Богородица - Пречиста  Кичевска, посветен на Благовештението на Пресветата Дева. Митрополитот Тимотеј ѝ ги честиташе претстојните Божикни празници на игуманијата Агнија, и изврши благословување на бадниково дрво.

 

               Вечерта во соборниот храм на Светите апостоли Петар и Павле во Кичево на вечерното богослужење во овој храм Митрополитот Тимотеј изврши благословување на бадниковото дрво честитајќи му го празникот на Раѓањето на Спасителот Христос на свештенството и на верниот народ во Кичево.

Во древната катедрална црква Света Софија во Охрид, Божик, Раѓањето на нашиот Спасител и Господ Исус Христос, беше прославен со празнична Архиерејска Божествена Литургија на која чиноначалствуваше надлежниот архиереј г. Тимотеј, со учество на монаштвото, на свештенството и на многуброен верен од Дебарско-кичевската епархија.

Мноштво верници крајот на Божикните пости го означија со пристапување кон Светите Тајни на Спасителот наш Господ Исус Христос.

 

                                                                 Христос се роди!

                                                             Навистина се роди!