Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигденско послание (27.04.2016 15:11)

 


 

† СТЕФАН

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО
ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ ПОЗДРАВ -

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

 

Нека се веселат небесата достојно
и земјата нека се радува,
нека празнуваат сите…,
зашто Христос, вечната радост – воскресна!
(Пасхална стихира)

 

Возљубени празникољупци,

Христовото воскресение е основа на спасението, тоа е  најголемиот и најрадосен настан во историјата. И, ако има ден за радување меѓу сите денови – тоа е Денот на Христовото Воскресение; ако има празник над сите празнувања, тоа е Празникот над празниците – Велигден.

Воскресението е Чудо над сите чуда, Дар над сите дарови и Благослов над сите благослови, кои ни се дадени од небесата.1 Тоа е Тајна над тајните, која била чуена, видена и со раце допрена.2 Тоа е Торжество над торжествата, објаснува свети Григориј Богослов.3 Затоа, да се верува во Христа, значи да се верува во воскресението и во единственото име кое спасува.4
Овој спасоносен настан го најавиле уште старозаветните праведници. Така, пророкот Исаија објавил дека мртовците ќе оживеат и мртвите тела ќе воскреснат5, а царот Давид со голема надеж претскажал: се радува срцето мое, воскликнува јазикот мој и телото мое спокојно почива..., зашто светецот Твој нема да види распаѓање6. И во новозаветните книги, централно место има воскресението: кој верува во Христа Воскреснатиот, и да умре – ќе живее7. Со овој победоносен чин, Спасителот Христос ни дарува живот и со Неговото воскресение влеговме во радоста на Господарот на сите8, во радоста која никој не може да ни ја одземе9.

Возљубени чеда во воскреснатиот Господ,

До вчера Го оплакувавме нашиот Цар и Бог, Кој на крст беше распнат и во гроб беше положен, а денес – ликуваме! Си спомнувавме за сè што доживеаја Неговите ученици и сите коишто Го познаа и признаа за Син Божји10. – На Крстот беше прикована нивната Вера – но тие продолжија да веруваат; на Крстот пострада нивната Надеж – но тие и понатаму се надеваа; на Крстот беше распната нивната Љубов – но тие уште повеќе Го љубеа својот Учител, и тоа повеќе од кога и да било. Со истото оружје, со Дрвото, со кое ѓаволот спечали победа, објаснува свети Климент Охридски, со Него Христос го порази ѓаволот; затоа, кој ќе ја искаже со зборови силата Господова? – Од смртни, ние станавме бесмртни! Тоа се големите дела на Крстот...11 Ете, тоа – воскресението, на апостолите им даваше сила да истраат во тие страдални дни! Тоа христијаните ги крепеше низ сите времиња да поднесуваат и најголеми искушенија! Тоа и нам денес ни е најголема надеж и незаменлива утеха! – Цркво Христова, ти мало стадо, во тоа е и твојата сила со која цареви си победувала и царства си покорувала; со таа сила, силни си обессилувала и моќници си смирувала! – Токму со воскресенската победа, Христос е посведочен за Син Божји, Кој е вистински Бог12 и Спасител на сите луѓе.13 Затоа, кој верува во Него – ќе го победи светот14 и ќе има живот вечен15.

Возљубени во Христа Победителот,

Во денот во кој човечкиот род премина од ропството на гревот во слободата на љубовта, во тој ден Богочовекот нè избави од смртта и ни дарува живот вечен. Затоа, Пасха, како што уште се именува славното Христово воскресение, значи преминување – премин од непостоење во постоење, од ропство во слобода, од смрт во живот16. Денот, пак, на воскресението е ден на животот, а нашата вера е вера на вечната радост и во вечниот живот!
Силата на оние коишто веруваат, се надеваат и Го љубат Воскреснатиот Христос е во смирението, во целомудрието, во трпението, во послушанието, во страданието – во сите таинствени доблести што го надминуваат умот и расудувањето човечко и го преобразуваат човека од земно во ангелоподобно битие.
           
Возљубени чеда на нашата Света Црква,

Годинава нашата радост е двојна: во ова 2016-то лето Господово, одбележуваме 1100 години од блаженото упокојување на нашиот покровител и првоерарх на древната Охридска столица – свети Климент Охридски. Единаесет столетија тој молитвено се застапува за нас; цели единаесет столетија ни ја сведочи незалезната светлина на светото Христово Евангелие, грижливо нè води и ни го осветлува патот кон царството на Воскреснатиот Спасител и Господ.
И на овој Голем ден, молитвено се обраќаме кон овој богоугодник од нашиот род – да испроси од човекољубивиот Бог разбирање и братска љубов меѓу нашиот православен народ. Нема поблагопријатно време и поблагословен ден од Велигден, па од името на нашата духовна мајка – Македонската православна црква, повикуваме на единство меѓу нашиот народ, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот17. Здобивајќи се со тој дар, ќе можеме мудро и незлобно да одговориме на сите предизвици што катадневно се испречуваат пред нас. Да го чуваме сопственото и да го почитуваме достоинството на другите, да се грижиме за доброто на секого и на сите околу нас.
Затоа, и денес, на Велигден, стоејќи простум пред Бога Седржителот, да се помолиме заедно со свети Климент и со сите македонски светии, и да испросиме преобразба на секого и меѓусебно сплотување; да побараме исцеление на раните што ги трпиме и лузните што ги носиме; да измолиме оттргнување на страданијата и искушенијата со кои живееме – та да можеме, во Негова слава и со Негова помош, да одиме по патот на доблеста и да се овенчаме со вистинската добрина и со секој дар што доаѓа од Него. Уште поусрдно да се помолиме, Бог да ги запре немирите и војните кај нас и во целиот свет, да ги врати раселените во своите домови, да ги закрили оние што страдаат и да ги овенча со маченички и исповеднички венци бројните христијани и невини луѓе кои и во нашиве дни ја сведочат верата во Христа Воскреснатиот.
А вам, возљубени чеда на Македонската православна црква, во Македонија и насекаде по светот, молитвено ви посакуваме бодар дух, силна вера, непоколеблива надеж и возвишена и постојана љубов. Вашите срца нека се исполнат со искрено покајание, та да се укрепите во доблеста и праведноста и да ја почувствувате постојаната радост во нашиот Господ, Победителот на смртта. Искушенијата со кои се соочуваме во овој живот, нека ни бидат предворие за воскресение во вечен живот – па, уподобувајќи се на Христа, да се удостоиме за учество во Неговите вечни блага и, исполнети со благодатта на Светиот Дух – торжествено да воскликнеме:

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† СТЕФАН

Со членовите на
Светиот архиерејски синод на
Македонската православна црква

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и
администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски и
администратор Австралиско – сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

 

 

Велигден, 2016 г.


1 Ефес 1, 3.

2 Јн 1, 1.

3 Слово за Пасха.

4 Дела 4, 12.

5 Ис 26, 19.

6 Пс 15, 10.

7 Јн 11, 25.

8 Мт 25, 21.

9 Јн 16, 22.

10 Мт 16, 16; Јн 4, 42 и 11, 27.

11 Слово за Света Пасха (13).

12 1 Јн 5, 20.

13 1 Тим 4, 10.

14 1 Јн 5, 5.

15 Јн 5, 24.

16 Св. Василиј Велики, Шестоднев, ИИ.

17 Ефес 4, 3.