Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Кон одбележувањето на 1100-годишнината од изградбата на манастирот на Св. Наум Охридски во Охрид (19.02.2005)

Македонската Православна Црква и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје покренаа иницијатива за одбележување на 1100-годишнината од изградбата на манастирот „Св. Наум Охридски” во Охрид, со организирање меѓународен научен собир и други манифестации и активности во текот на 2005 година.

 

По тој повод, на 16 февруари 2005 година, во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се одржа работна средба, на која покрај Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Неговата Високопреосветеност, Митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј и г-динот Ѓорѓи Мартиновски, Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, присуствуваа и претставници на Македонската академија на науките и уметностите, на Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” од Скопје, декани на соодветни факултети и директори на научни институти, претседателот на Комисијата за односи со верски заедници и претставници на други институции.

 

На средбата, од сите присутни беше поздравена и поддржана оваа иницијатива и истовремено беше изразена готовност за активно вклучување на сите институции поврзани со делото и значењето на св. Наум Охридски и со изградбата на неговото светилиште - манастирот на брегот на Охридското Езеро.

За одбележувањето на овој многу значаен јубилеј, со главен акцент на научниот собир кој се планира да се одржи во октомври оваа година, формиран е централен одбор од претставници на Македонската Православна Црква, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на Македонската академија на науките и уметностите, на Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола, на Комисијата за односи со верски заедници и на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” од Скопје. На средбата е договорено соодветните институции да предложат теми и учесници, а посебен научен одбор да пристапи кон изготвување на програмата за реализација на научниот собир.