Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Празникот на свети Наум во Охрид (04.07.2017 15:02)

„Денес се јави нашиот отец и голем застапник, и просветител, јасниот Наум. Пријдете да се собереме, мноштва мизиски, и да му се радуваме, бидејќи тој сите нас нѐ просветли, и мракот на прелеста го разруши. Тој Го следеше Христа и себе се предаде за жртва благопријатна. Тој, и неговиот многуславен спомен и празник, сега на сите верни им предлага духовна гозба. Затоа со љубов да го прославиме. 

 

Просветителот и оној кој на сите кои со вера ќе го повикаат им приоѓа на помош, преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец, и оваа година беше прославен со молитви и големи почести. Неговите светли подвизи, надалеку прочуени, и оваа година привлекоа огромен број верни од цела Македонија, но и надвор од неа, кои дојдоа да му се помолат и поклонат на Црноризецот. Реката верен народ, која трпеливо чекаше пред Светинаумовиот манастир, уште еднаш потврдува дека Бог е голем во неговите светии, а чудата на овој наш застапник ја покажуваат силата на молитвата и подвизите.  

Празнувањето на преподобниот Наум Охридски, започна ден претходно, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, свештениците Димче Азески, Владо Недески и Роберт Илијевски, еромонасите Ефросиниј и Кирил, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Агатангел се обрати кон верниот народ со пригодно слово.

Прославата продолжи утредента, на 03.07.2017 година, со света архиерејски Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Агатангел, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Тоди Јован, од Албанаската православна црква, свештениците Димче Азески, Владо Недески и Роберт Илијевски, еромонасите Ефросиниј и Кирил, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Васил Ристовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Драги браќа и сестри,

 

Нашиот живот не е ништо друго, освен, пат кон вечноста. На тој пат излегуваме преку нашето раѓање, а истиот завршува со нашата смрт. Според тоа, сите што живееме на земјата, сме патници. За едни, тој пат е краток, за други долг, а за трети, пак, подолг, односно, за луѓето кои доживуваат длабока старост. Сите се раѓаме на ист начин, затоа, познат е денот и почетокот на тој пат. Додека, пак, денот и часот кога ќе го завршиме тој пат не ни е познат. Тој ден останува во Божјите раце, односно, според Промислата Божја. Нашиот живот е постојана подготовка за пречекување на Синот Човечки, односно за нашата средба со Него. Затоа, Спасителот, во параболата за петте мудри и петте неразумни девојки вели: „Бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки" (Мт. 25, 13).

На овој свет се раѓаме за да преминеме во вечен живот. Ние не сме создадени за времен, туку, за вечен живот. Времениот живот ни е даден како средство за спечалување вечен живот. Затоа, времениот живот треба да го живееме многу внимателно, бидејќи има многу непријатности и големи искушенија од лукавиот. Тој може да нè излаже и да нè одвлече по погрешниот пат.

Синот Божји дојде на овој свет за да ни ги отвори вратите на вечноста, кои ние сме ги затвориле со нашите гревови. Не само што ни ги отвори дверите на вечноста, туку ни го покажа и патот по кој треба да одиме. Самиот Христос вели: „Јас сум патот, вистината и животот" (Јн. 14, 6). Спасението е единственото нешто што ни е потребно. „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде" (Мт. 6, 33). Тоа или се спечалува или се губи. Се спечалува со покајание и вера, додека, пак, се губи со расипнички живот и живот без добродетели.

Се поставува прашањето, ако времениот живот е пат кон небото, зошто тогаш се трудиме и се грабаме во создавање на земни блага? Св. ап. Павле вели: „Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме" (1. Тим. 6, 7). Се разбира дека човекот по природа е психофизичко битие и треба да се труди и за своето тело, но, секако, предност треба да $ се даде на душата.

Денеска го прославуваме св. Наум, Охридскиот Чудотворец. Го прославуваме оној кој многу добро го разбрал Евангелието. Оној кој својот овоземен пат го изодил според тоа Евангелие, спечалувајќи вечен и блажен живот. Токму Божјите угодници се наши огледала, наши примери и патеводители во нашиот живот. Ни покажуваат како и ние да го одиме нашиот пат. Пат исполнет со вера, со покајание и со исповедание. Само така ќе можеме да ги надминеме сите препреки што нè снаоѓаат во нашиот живот.

Св. Наум живеел во втората половина на IX век, а својот животен пат го завршил на самиот почеток на X век. Живеел испосничко – подвижнички свет живот, и затоа, Бог го прославил и го вброил меѓу Божјите угодници. Угодувајќи Му на Бога, се стекнал со смелост да се моли за секоја христијанска душа која со вера, надеж и љубов му се обраќа, просејќи поткрепа, утеха и помош. Св. Наум чудотворел уште додека бил во овој свет. Но, Бог, после неговото упокоение, го прославува уште повеќе. Па така, Божјата благодат преку неговите молитви, преку неговото застапништво и преку неговиот свет гроб се излива на секоја душа и на секој човек, кој со искрена вера бара помош од овој сосуд Божји.

Па и ние кои сме собрани на молитва во неговиот свет манастир, да се обратиме со искрена молитва кон св. Наум. Да биде наш молитвеник пред престолот на Севишниот и да измоли милост Божја. А Бог да ја испрати Својата благодат врз нас, да можеме да го одиме земниот живот по тесниот, но спасоносен и вистински пат, којшто води во царството небесно и животот вечен. По молитвите на св. Наум, така нека биде. Амин!

Митрополит Тимотеј

 

Св. Наум Охридски

03. 07. 2017 год.

Манастир „Св. Наум Охридски" - Охрид