Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение од Светиот архиерејски синод на МПЦ – ОА (12.03.2020 10:50)

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) освен тековните работи од црковниот живот, ги разгледа и прашањата и дилемите поврзани со масовното ширење на корона вирусот Covid-19 и прогласената пандемија, по што упатува апел до верниот народ да ги почитува мерките пропишани од страна на надлежното ресорно министерство за здравство како и на Светската здравствена организација. Во оваа смисла апелираме во парохиските храмови и во манастирите на МПЦ – ОА во кои има редовни посети и континуиран богослужбен живот, да се зголеми досегашното редовно одржување на хигиената.

Повикуваме на сострадална љубов и изразување добродетелност на сите оние кои ќе се најдат во борба со оваа болест, најпрво молитвено застапувајќи се пред Бога за нивното здравје и покажувајќи секаква друга можна грижа.

Надевајќи се на Животодавецот Христос, МПЦ – ОА ја чува вековната вера во светоста на тајните на црквата и својот древен, но секогаш актуелен еклисиолошки став за Лекот на бесмртноста – Св. Причест.

Истовремено потсетуваме дека треба да бидеме силно посветени на борбата со причинителот на болестите и страдањата – отуѓеноста од Бога. Нашата вера е вера во Воскреснатиот Христос, победителот на распадливоста и смртта и Лекарот на нашите души и тела.

 

Од

Канцеларијата

на Светиот архиерејски синод на

Македонската православна црква – Охридска архиепископија