Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соборот во Фанар го избриша Иринеј од диптисите (25.05.2005)

Сеправославниот Собор во Фанар одлучи да го избрише Иринеј од диптисите на Православната Црква со мнозинство гласови. Претставниците на Антиохиската и Полската Патријаршија се воздржаа од гласање, додека Грузиската Патријаршија гласаше против. Одлуката на Архиереите на Православната Црква е задолжителна дури и за оние што не присуствуваа на Соборот, а законски го овласти тричлениот одбор кој времено управува со Синодот на Ерусалимската Патријаршија да раководи со процедурата за назначување помошник-патријарх и со изборот на нов патријарх. Според Кесарискиот Митрополит Василиј одборот ќе се погрижи да го спроведе гореспомнатото веднаш. Состанокот на Соборот траеше долго. И наспроти препораките на Архиереите до Иринеј да придонесе кон разрешување на кризата со сопствена оставка, тој остана непоколебан. Сепак, при заминувањето од Истанбул тој ги поби гласините дека дал изјави во врска со одлуката со кои ја опишал како „политичка“. Истовремено, грчкиот заменик министер за надворешни работи, Панајотис Скандалакис, изјави дека одлуките на Сеправославниот Собор мора да бидат прифатени од сите, подвлекувајќи: „Секој што нема да се придржува или ќе отстапи од ова, ќе ја понесе одговорноста за какви било негативни случувања.“

 

„Јас останувам патријах“

 

Цариградскиот патријарх Вартоломеј го прочита официјалното соопштение на Сеправославниот Собор, чија седница траеше 8 часа.

 

Според соопштението Соборот на Поглавари на автокефалните Православни Цркви и на нивни претставници заседаваше и ја разгледуваше ситуацијата создадена неодамна во Ерусалимската Црква и по долги советувања одлучи да му препорача на Ерусалимскиот Патријарх да даде оставка.

 

Според патријархот Вартоломеј ваква разврска била побарана од Иринеј како чин на саможртвеност за да превладее мирот во Црквата, но со оглед дека Иринеј одбил да го стори тоа, Сеправославниот Синод одлучил да го осуди и да го избрише неговото име од православните диптиси.

 

Вартоломеј понатаму објасни дека ова во суштина значи дека Иринеј отсега натаму ќе биде познат како бивш Ерусалимски Патријарх, а дека тричлениот одбор којшто времено управува со Синодот на Ерусалимската Патријаршија е законски овластен да ги преземе неопходните дејства за назначување помошник-патријарх, како што наложува Јорданскиот закон.

 

Од своја страна отповиканиот патријарх им изјави на репортерите „јас ќе останам патријарх“. Всушност, тој остро реагирал кога Цариградскиот патријарх им дозволил на неговите опоненти, клириците на Светиот Гроб, да го искажат своето мислење.

 

Архиепископот Албански Анастасиј изјави дека секоја операција неминовно повлекува болка, сепак болката би била поголема да не беше донесена оваа одлука.

 

Константинскиот Епископ Аристарх изјави дека Братството на Светиот Гроб ќе чека палестинските власти да ја објават својата одлука за отповикување на Иринеј, а веднаш откако сѐ ќе биде регулирано ќе се премине на назначување помошник-патријарх.

 

Писмо од палестинските власти

 

Истовремено, писмо од канцеларијата на премиерот на палестинската Влада, Самир Хлеилех, било испратено до Архиереите во Фанар попладнево, во коешто се вели „палестинските власти ќе почитуваат секоја официјална и законска одлука донесена од Цариградската Патријаршија и Поглаварите на Православните Цркви“. Тој понатаму забележа дека Истражниот одбор на палестинските власти, кој беше формиран за да ги провери зделките за продажба и давање под наем на патријаршиски имот, наишол на големи пречки и затоа се доцнело со објавување на неговите наоди.

 

Писмото кое беше потпишано од генералниот секретар на Кабинетот и управник на канцеларијата на премиерот исто така потврди дека патријархот Иринеј соработувал со одборот и му дал полномошно да ги анулира договорите.

 

информација преземена од грчкиот медиум ЕРТ: http://news.ert.gr/en/newsDetails.asp?ID=8185