За постот
|
||
Свети праведен Јосиф Обручник
Праведниот Јосиф Евангелието го нарекува м а ж п р а в е д е н (Матеј 1, 19). Затоа и му ја даде Бог Пресветата Дева на заштита, со што му се додели голема чест во домостројот на спасението на човечкиот род. Иако Јосиф беше од царскиот род Давидов, сепак самиот беше скромен дрводелец во Назарет. Во својата осумдесетта година Ја зеде Пресветата Дева од ерусалимскиот храм во својот дом, а во сто и десеттата година од животот се упокои.
Свети цар Давид
Се празнуваат во неделата после Божик. За царот Давид, синот Јесеев, може да се дознае од Книгите Царства на Стариот Завет.
Свети Јаков, брат Господов
Се нарекува брат Господов затоа што му беше син на праведниот Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. Кога праведниот Јосиф беше на умирање, па сакаше да Му остави еден дел на Исус, синот на Пресветата Дева Марија, сите браќа се спротивставија на ова, не сметајќи Го за свој брат. Јаков многу Го љубеше Исуса и изјави дека тој ќе го подели својот дел со Него. И затоа се нарекува брат Господов. Од почетокот Му беше приврзан. Според преданието тој и во Мисир одеше со Пресветата Дева и со Јосиф кога Ирод бараше да Го убие новородениот Цар. Штом ја чу Христовата наука Јаков почна да живее според неа. За него се вели дека целиот живот не јадел маст ниту зејтин, туку дека живеел само на леб и вода. И бил девственик до крајот на животот. Многу бдеел ноќе и Му се молел на Бога. Господ го вбројал во Своите Седумдесетмина апостоли. По воскресението Христос нему му се јавил посебно, како што сведочи Св. апостол Павле (1 Кор. 15). Бил епископ во Ерусалим триесет години и ревносно управувал со Божјата Црква. По указ на Господ ја составил првата литургија, којашто за подоцните христијани беше премногу долга, па затоа ја скратуваа Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст. Многумина Евреи и Елини Св. Јаков ги обрати во верата Христова. И самите неверни Евреи ? се восхитуваа на неговата праведност и го нарекуваа Јаков Праведниот. Но кога дојде за првосвештеник Анан, тој со другите еврејски старешини намисли да го убие апостолот Јаков, како проповедник Христов. Еднаш на празникот Пасха, кога многу народ се беше собрал во Ерусалим, му рекоа старешините да се качи на покривот од храмот и оттаму да говори против Христа. Свети Јаков се качи и почна да му зборува на народот за Христа како за Син Божји и вистински Месија, за Неговото воскресение и за Неговата вечна слава на небесата. Разјарени свештениците и старешините го турнаа од покривот и тој падна и се повреди многу, но с ? уште беше жив. Тогаш притрча еден човек и го удри по главата толку силно, што му го истури мозокот. И така сврши со маченичка смрт овој преславен Христов апостол и се пресели во царството на својот Господ. Јаков имаше шеесет и три години кога пострада за Христа.
Рождество на Господ Исус Христос
А кога се наврши времето, Бог Го испрати Синот Свој Единороден (Гал. 4, 4) за да се спаси човечкиот род. И кога се исполнија девет месеци од благовеста којашто архангелот Гавриил ? ја јави на Пресветата Дева во Назарет велејќи: „Радувај се, благодатна..., еве ќе родиш и ќе зачнеш син“ - во тоа време излезе заповед од кесарот Август да се попише сиот народ во римското царство. Сходно на таа заповед требаше секој да отиде во својот град и таму да се запише. Праведниот Јосиф со Пресветата Дева појде во Витлеем, градот Давидов, зашто обајцата беа од царското колено Давидово. А бидејќи во тој малечок град заради пописот се стекна многу народ, па Јосиф и Марија не можеа да најдат ноќевалиште во ниедна куќа, се засолнија во една овчарска пештера, каде што пастирите ги затвараа своите овци. Во таа пештера, ноќта меѓу саботата и неделата на 25 декември, Пресветата Дева Го роди Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Откако Го роди без болка, како што и Го зачна без грев, од Светиот Дух а не од човек, таа самата Го пови во ленени пелени, Му се поклони како на Бог и Го положи во јасли. Потоа пријде и праведниот Јосиф, и тој Му се поклони како на Божествен плод на девствена утроба. Тогаш дојдоа и пастирите од полето, упатени од Божјиот ангел и Му се поклонија како на Месија и Спасител, воскликнувајќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2). Во тоа време пристигнаа тројцата мудреци од Исток, водени со чудесна ѕвезда, со своите дарови: злато, ливан и измирна. Тие на Младенецот Му се поклонија како на Цар над царевите и Го даруваа со своите дарови (Матеј 2). Така дојде во светот Оној Чиешто доаѓање беше пророкувано од Прорците, Којшто се роди онака како што беше пророкувано: од Пречиста Дева, во градот Витлеем, од коленото Давидово по тело, во време кога немаше веќе во Ерусалим цар од родот Јудин, туку царуваше Ирод туѓинецот. После сето мнозинство на Неговите предобрази и наговестувања, на пратениците и благовесниците, Пророците и праведниците, мудреците и царевите, најпосле се јави Он, Господарот на светот и Царот над царевите, за да го изврши делото на човечкото спасение, коешто не можеа да го извршат Неговите слуги. Нему Му припаѓа вечната слава. Амин.
Тропар
Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот со светлината на познанието; во неа, пак, оние што на ѕвездите им служеа, од ѕвездата се учеа, Тебе да Ти се поклонуваат – Сонце на правдата, и Тебе да Те познаат, Исток од висините: Господи, слава Ти.
Кондак
Дева денес Натсуштествениот Го раѓа, и земјата на Непристапниот пештера Му принесува. Ангелите со пастирите славословат, мудреците со ѕвездата патуваат, се роди заради нас Новороденче – Предвечен Бог.