За постот
|
||
Свети Григориј Богослов, архиепископ Цариградски
Роден во Назијанз од татко Елин и мајка христијанка. Пред да се крсти учеше во Атина заедно со Св. Василиј Велики и со Јулијан Отстапник. Често му пророкуваше на Јулијан дека ќе биде отстапник од верата и гонител на Црквата, како што и стана. Врз Григориј особено влијаеше неговата мајка Нона. Кога го заврши школувањето го прими Светото Крштение. Свети Василиј го ракоположи за епископ Сасимски, а царот Теодосиј Велики наскоро го повика на испразнетиот престол на Цариградскиот архиепископ. Состави многубројни дела од кои најславни му се теолошките, заради што е и наречен Богослов. Особено значајно е неговото дело „Беседа за Света Троица“. Пишуваше против еретикот Македониј, којшто учеше искривено за Светиот Дух (како Духот да е Божјо создание) и против Аполинариј, којшто учеше искривено за Христос дека немал човечка душа, туку дека Неговото Божество му било наместо душа. Пишуваше и против царот Јулијан Отстапник, неговиот некогашен школски другар. Во 381 година, кога во Соборот настана расправија околу неговиот избор за архиепископ, тој се повлече самиот, откако рече: „Не можат да н ? лишат од Бога оние што н ? лишуваат од престолот“. Потоа го напушти Цариград, отиде во Назијанз и таму до смртта поживеа во повлеченост, во молитва и во пишување корисни книги. Иако беше со слабо здравје цел живот, сепак доживеа осумдесет години. Моштите подоцна му ги пренесоа во Рим, а главата му се наоѓа во Успенскиот Собор во Москва. Беше и остана прекрасно светило на Православната Црква, како по кротоста и чистотата на карактерот така и по ненадминливо длабокиот ум. Се упокои во Господ во 390 година.
Тропар
Пастирскиот кавал на твоето богословие, ги победи трубите на реторите; а кога бездната на Духот ја испита, и убавината на говорот ти се даде изобилно. Но, моли Го Христа Бога, оче Григорие, да се спасат душите наши.
Кондак
Славен (Григорие), кој со својот богословски јазик ги разурна творбите на реторите, ти ја украси Црквата со облеката на Православието, исткаена одозгора. Неа носејќи ја, таа вика со нас – твоите чеда: Радувај се, оче, прекрасен уму на богословието.
Преподобен Публиј
Најнапред беше сенатор, па откако ја позна светлината Христова го остави угледот, го раздаде имотот на сиромашните и се предаде на подвижнички живот во близина на својот град Зевгмат на Еуфрат. Основа две обители и се упокои во Господ во 380 година.
Тропар
Подвиг на подвиг, благодат врз благодат – од кон совршенство – следејќи Го Христа, Учителот твој – о Публие свет подвижниче, самотијата те награди од рацете Божји со врлини духовни, и тоа го сподели со најревносните твои ученици, кои славата Господова ја пренесоа низ целата вселена. Моли се за нас и радувај се – Седржителот те објави, за да се надеваме на твоите молитви.
Преподобен Мар
Се одликуваше со надворешна убавина и слаткопоен глас. Се повлече од светот и поживеа во една колиба триесет и седум години во пост, молитва и очистување на срцето од страсните помисли. Како деведесетгодишен старец се упокои во Господ во 430 година.
Светата маченичка Фелицита и нејзините седум синови
Како христијанка во времето на царот Антонин беше осудена на смрт заедно со нејзините седум синови. Му се молеше на Бога само да не ја погубат пред нејзините синови, за да може да ги храбри во маките и страдањата за да не се одречат од Христа. Бог така и устрои. Оваа ненадмината мајка со радост ги испраќаше синовите еден по друг додека сите не ги виде погубени. Тогаш и таа, благодарејќи Му на Бога, прими маченичка смрт. Сите пострадаа во Рим, каде што им се наоѓаат и моштите.