За постот
|
||
Светите маченици Мина, Ермоген и Евграф
Мина и Ермоген беа родум атињани. Обајцата живееја во Цариград, во голема чест кај царот и кај народот. Мина беше познат по неговата голема ученост и краснозборливост и однадвор се држеше како незнабожец, но во срцето беше христијанин. Ермоген беше цариградски епарх и се држеше за незнабоштвото и однадвор и однатре, иако беше милосрден и вршеше многубројни добри дела. Кога пламна некоја расправија меѓу христијаните и незнабожците во Александрија, царот Максимин го испрати Мина да го стивне метежот и да ги истреби христијаните од тој град. Мина отиде и воспостави мир, но се објави себеси како христијанин и мнозина незнабожци ги обрати во вистинската вера со силен збор и многубројни чуда. Кога слушна за ова царот го испрати Ермоген за да го казни Мина и да го задуши христијанството. Ермоген го изведе Мина на суд, му ги отсече стапалата и јазикот, му ги избоде очите, па го фрли во затвор. Во затворот на Мина му се јави Самиот Господ Исус, го исцели и го утеши Својот страдалец. Кога го виде Мина чудесно исцелен, Ермоген се крсти и почна на големо да ја проповеда Христовата вера. Го поставија и за епископ на Александрија. Тогаш разјарениот Максимин самиот отиде во Александрија и ги подложи Мина и Ермоген на големи маки, коишто тие, помагани од Божествената благодат, храбро ги издржаа. Гледајќи ја храброста на овие Христови војници и Божјите чуда што се извршија над нив, пред судилиштето се јави и Евграф, секретар и пријател на Св. Мина, возвикнувајќи му на царот: „И јас сум христијанин!“ Царот збесна, го исука мечот и го уби Св. Евграф. По ова овој нечестив цар нареди да ги убијат со меч и Светите Мина и Ермоген. Нивните свети мошти ги фрлија во морето, но тие на чудесен начин допловија во Цариград, каде што епископот, на кого му се јавија во сон, свечено ги дочека и ги погреба.
Тропар
Велики сте вие, Мино и Ермогене, кои лично Христово присуство во вашите страдања измоливте. Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото стадо кон благодарност спрема Бога го поттикна, и тие тогаш од вас, како и ние денес, молиме да се застапувате за сите кои поверуваа во онаа Вистина која ја проповедавте.
Преподобна Ангелина и Св. Јован Деспот
Ќерка на албанскиот кнез Ѓорѓи Скендербег и жена на српскиот деспот Стефан. Заедно со нејзиниот маж претрпе прогонство и секаква горчина делејќи со него во Албанија, Италија и Србија. Своите синови, Максим и Јован, ги воспита во вистински христијански дух. По смртта на нејзиниот маж се замонаши и сосема се посвети на молитвата, на милосрдието и на изградба и поправка на црковни храмови. Народот и сега ја нарекува мајка Ангелина, што произлегува од нејзиното совршенство како сопруга, мајка и христијанка. Нејзините чудотворни мошти почиваат покрај моштите на нејзиниот праведен маж Стефан во Крушедол, заедно со моштите на нивните осветени синови Максим и Јован (доколку не се уништени од Турците). Се упокои во почетокот на 16 век.
Тропар
Прекрасен си, Боже, преславни чудеса твориш и ги прославуваш по смртта оние кои Тебе Те прославуваат, зашто ги покажуваш нетлени телата нивни, а со нивното чудотворство луѓето ги збогатуваш. Во слава на Светото Име Твое ни го дарува телото на угодникот свој, светиот Јован, кој се моли за душите наши.
Светиот маченик Гемел
Чесен граѓанин на градот Анкира. Кога царот Јулијан Отстапник дојде во овој град, Гемел излезе пред него и јавно го изобличи за богоотстапништвото. За ова беше мачен и распнат на крст, во 361 година. Кога беше во маки на крстот, слушна глас од небото: „Блажен си ти, Гемеле!“
Тропар
Учењето Христово го најде патот до очите на твоето срце, блажен Гемеле, злобата на паднатите послужи како скала кон небото, оголувајќи го телото твое, ти помогнаа да го соблечеш стариот човек, и со нов во Христа да се закитиш, запечатен и прославен во вечни векови.
Преподобен Тома Дефуркин
Голем испосник, победник на демоните и проѕорливец. Царот Лав Мудриот му напиша писмо, а тој одговори без да го отвори царевото писмо. Се упокои во Господ во длабока старост во 9 век.
Тропар
Од Јова поучувајќи се во трпението, облагодатен, Господ те наоружа со смиреномудрие, тебе, Томо, Христов подвижниче, нагазувајќи на змии и шкорпии, подвиг на подвиг додаваше додека на ангелите не се вподоби. Радувај се и за нас моли се, блажен учениче Господов, во твоето рајско живеалиште.