Романската Православна Црква канонизира нов Светител
 
 
 
 
 

Романската Православна Црква канонизира нов Светител (24.05.2006)

Во недела на 21 мај 2006 г., на денот на светите рамноапостолни Константин и Елена (по нов календар), патроните на патријаршискиот соборен храм во Букурешт, за време на Светата Литургија беше извршено канонизирање на нов ромаски светител Григориј Даскалот, Митрополит на Романската земја (Валахија).

 

Со празничната Света Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство, ромаскиот Патријарх Теоктист во сослужение со голем собор од 28 Архиереи од Светиот Синод на Романската Православна Црква и со Архиереи претставници од помесните Православни Цркви. Цариградската Патријаршија ја претставуваше Неговото Високопреосвештенство Григориј, Архиепископ на Велика Британија. Грчката црковна делегација ја предводеше Неговото Високопреосвештенство Василиј, Митрополит на Еласона. Бугарската Православна Црква ја застапуваше Плевенскиот Митрополит Игантиј. Српската Црква го испрати Неговото Преосвештенство Митрофан, Митрополит на српската епархија за Америка. Полската Црква ја претставуваше Неговото Преосвештенство Авел, Епископ на Љублин и Челм.

 

По предлог на Епархискиот совет на Митрополијата на Мунтенија и Доброџа, Светиот Синод на Романската Православна Црква на својата седница во октомври 2005 г. одлучи романскиот Митрополит Григориј Даскалот да биде канонизиран за Светител и да се чествува на 22 јуни.

 

На 20 мај ковчегот со моштите на свети Григориј Даскалот беше свечено донесен од манастирот Калдарушани и изложен за поклонение во патријаршискиот соборен храм во романската престолнина.

 

Новоканонизираниот романски Светител е роден во Букурешт во 1765 година. Бил Митрополит на Романската земја (Валахија) од 1823-1834 година. По успешно завршеното школување во за тоа време најпознати училишта во Букурешт, тој го прима монашкиот потстриг во манастирот Њамц и станува ученик на свети Паисиј Величковски. Копнеејќи по духовно совршенство, според мудриот совет на свети Паисиј, младиот монах живее извесно време на Света Гора. По враќањето во татковината се присоединува кон монашкото братство на манастирот Калдарушани. Во 1823 година свети Григориј е повикан во Букурешт од романскиот владетел Григориј Димитриј Гика и избран за Митрополит на Романската земја - Валахија. Како архипастир Митрополитот Григориј развива неуморна пастирско-мисионерска и социјално-културна, книжевна дејност, одредува Архиереи на епископските престоли во Арџеш, Рмник и Бузау, основајќи богословски училишта во споменатите епархиски центри.

Целиот живот и дејност на Митрополитот Григориј во служба на Црквата е пример на светост и жртвена љубов, морална и материјална помош кон својата паства. После неговата смрт останаа можество негови книги подготвени да бидат дар за просвета на верните. Неговата дејност на митрополитскиот престол била прекината поради 4 години поминати во затвор. Поради својот живот, духовни заложби и книжевна дејност, светиот Архиереј Григориј остана запаметен во историјата на Црквата и романскиот народ како најзначаен првосветител на митрополитскиот престол на Романската земја од 19 век, познат под името „Даскал“.

 

известува: официјалниот сајт на Романската Православна Црква