Во Грција заврши XVIII Сеправославната конференција
 
 
 
 
 

Во Грција заврши XVIII Сеправославната конференција (29.10.2006)

Од 16 до 19 октомври во грчкиот град Неопрокопион на островот Евбеа се одржа XVIII Сеправославна конференција на ополномоштени претставници на помесните Православни Цркви и Митрополиите на Грчката Православна Црква. Организирана од комитет на Светиот Синод на Грчката Црква, конференцијата разгледуваше прашања во врска со ересите и парарелигиите. Во форумот учествуваа ополномоштени претставници од Цариградската, Александриската, Руската, Српската, Романската, Кипарската, Грчката и Полската Православна Црква, како и од грчките државни, црковни и општествени организации.

Редовната конференција го изложи духовниот опит на современите христијански и нехристијански религиозни движења, споредувајќи го истиот со православниот духовен опит. Од гледна точка на христијанската философија, современиот религиозен опит е последица на Просветителството, кое се разви во Западна Европа меѓу XVII и XIX и кое „буквално го исуши внатрешниот живот на човекот“. Во резултат на таквата метафизичка револуција настана романтизмот и, најпосле, политичките револуционерни катаклизми, коишто се јавија како сурогатно решение на проблемот на духовната празнина.

Членовите на современото општество избраа за себе поинаков „начин на излез од ќорсокакот, а тоа е субјективниот личен опит“ во форма на „физички вежби или езотеричко-екстрасензорен тренинг“.

Една од причините за обраќање кон негативниот мистички опит и „опасните магиски и спиритистички феномени на паганско-идолопоклонскиот свет е секуларизацијата, егоцентризмот и отстапувањето од верата во Христа и црковниот живот“, што исто така доведе до појава на разни езотерички движења, источни религиозни практики и нов гуруистички култ на личноста.

На лажниот квазихристијански и пагански религиозен опит учесниците на Конференцијата му го спротивставија многувековниот „вистински духовен опит како единствено здрав излез од безизлезни ситуации: а) даровите на Светиот Дух, а тоа се љубовта, радоста, мирот, долготрпението, благоста, милосрдието, верата, кротоста, воздржанието; б) блажената сладост на богопочитување и покајание, љубовта кон Христа, благодатта на Светиот Дух и вдахновената благодарност кон Спасителот; в) даровите што Црквата ги дава во Светите Тајни Свештенство, Евхаристија, и секогаш неизменливо дејствувачката Божествена сила на Чесниот Крст.“  

На крајот пастирите на Православната Црква ги повикаа сите членови на Црквата, како Тело Христово, да го примат во своите нежни прегратки секој заблуден и да го приведат кон сознанието дека Евангелието е слово за спасение во Христа, најрадосната вест на светот, единствено вистинско решение при безизлезни ситуации.

Известува: http://www.patriarhia.ru/db/text/154363.html