Во Киев ќе се одржат свечености по повод 1020 години од покрстувањето на Русија
 
 
 
 
 

Во Киев ќе се одржат свечености по повод 1020 години од покрстувањето на Русија (17.07.2008)

Од 25 до 29 јули во Киев ќе се одржат свечености по повод 1020-годишнината од покрстувањето на Киевска Русија.

Учество во свеченостите ќе земат поглавари и други претставници на помесните Православни Цркви.

Цариградскиот патријарх Вартоломеј доби покана како од украинската држава, така и од Украинската Православна Црква. Претставниците на Цариградската патријаршија истакнуваат дека Патријархот Вартоломеј ќе пристигне како гостин на Украинската Православна Црква и дека тој го признава нејзиниот поглавар Митрополитот на Киев и на цела Украина Владимир.

Затоа во сите свечености предвидени во програмата за празникот, дури и во државните, Цариградскиот патријарх ќе учествува заедно со Митрополитот Владимир.

Од таа причина претставниците на Цариградската патријаршија повеќепати истакнаа дека во свеченостите во кои ќе учествуваат Патријархот Вартоломеј и Митрополитот Владимир потполно треба да биде исклучено учество на клирици од расколничките групи во Украина.

На 27 јули на Владимирската висорамнина во Киев ќе биде отслужена Божествена Литургија од Цариградскиот патријарх Вартоломеј, Рускиот патријарх Алексиј Втори, Митрополитот Владимир и повеќе претставници на другите помесни Православни Цркви.

Освен Патријархот Вартоломеј и Патријархот Алексиј Втори, гости на свеченостите по повод 1020- годишнината од покрстувањето на Русија ќе бидат: Грчкиот архиепископ Иероним, Албанскиот архиепископ Анастасиј, Митрополитот на Чешка и Словачка Христифор, како и Архиереи од други помесни Православни Цркви. Бугарската Православна Црква ќе ја претставуваат Видинскиот митрополит Дометијан и Русенскиот митрополит Неофит .

На 28 јули, на денот на светиот рамноапостолен кнез Владимир, во Киево-Печерската лавра ќе се одржи празнично богослужение возглавено од Рускиот патријарх Алексиј Втори во сослужение со Митрополитот на Киев и на цела Украина Владимир и со претставници на други помесни Православни Цркви кои ќе пристигнат за свеченостите во Киев.

Извор: Patriarhia.ru