Заедничко служење на поглаварите на помесните Православни Цркви во Фанар
 
 
 
 
 

Заедничко служење на поглаварите на помесните Православни Цркви во Фанар (12.10.2008)

Денес, на 12 октомври, во храмот на светиот великомаченик Георгиј во Цариградската Патријаршија поглаварите на помесните Православни Цркви – Цариградската, Антиохиската, Александриската, Ерусалимската, Руската, Кипарската, Грчката и Албанската, а исто така и Митрополитот Киевски и на цела Украина Владимир и Митрополтот Талински и на цела Естонија Корнилиј заедно отслужија Божествена Литургија.  После читањето на Светото Евангелие секретарот на Светиот Синод архимандрит Елпидифор го прочита потпишаното послание од поглаварите на помесните Православни Цркви.

 

 

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

 

По Божја благодат, ние, Поглаварите и претставниците на помесните Православни Цркви се собравме од 10 до 12 октомври 2008 година во Фанар, по покана и под претседателство на првиот меѓу нас, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, во врска со прогласувањето на оваа година за година на апостолот на народите Павле. Со братска љубов разгледавме прашања, коишто ја загрижуваат Православната Црква. Земајќи учество во свеченостите по овој повод, заедно отслуживме Света Евхаристија во сечесниот Патријаршиски храм на Вселенскиот Престол денес, на 12 октомври 2008 година, во неделата на светите Отци на Седмиот Вселенски собор во Никеја. Овие денови се утврдивме во вистината за даровите на Божествената промисла за апостолот на народите, благодарение на кои тој се покажа како прекрасен „избран сад“ (Дела 9,15) Божји и светол пример на апостолското служење на телото на Црквата.

Целата Православна Црква го почитува овој апостол во текот на оваа спасителна година истакнувајќи го во сета своја Полнота како пример на современото сведоштво на нашата вера на „блиските и далечните“ (Ефес. 2, 17).

 

Православнaта Црква, авторитативно толкувајќи го учењето на апостолот на народите во мирни и тешки времиња во својот двеилјадагодишен историски пат, може и должна е да му го претстави на современиот свет не само учењето за востановувањето на единството на целиот човечки род во Христос, туку исто така и за светските размери на Неговото спасително дело, преку коешто се надминуваат сите расколи во светот и се потврдува заедничката природа на сите луѓе. 

 

Верно сведоштво на неговата спасителна вест претпоставува надминување и на внатрешните несогласувања во Православната Црква преку откажувањето од националистички, етнофилетистички или идеолошки крајности, зашто само така словото на Православието ќе има вистински одѕив во современиот свет.

 

Христовата Црква денес го извршува служењето во еден свет што многу брзо се менува, кој станува сѐ повеќе поврзан преку комуникациските средства (транспорт и технологија). Истовремено се зголемува и размерот на отуѓувањето, поделбите и конфликтите. Христијаните нагласуваат дека причината на оваа состојба е отуѓувањето на човекот од Бог. Никаква промена на социјалните структури ниту правила на однесување не можат да ја исцелат оваа состојба. Црквата постојано нагласува дека гревот може да биде победен само во заедница на Бог со човекот.

 

При овие околности, современото сведоштво на Православието, станува особено нужно заради непрекинатото зголемување на проблемите на човекот и на светот, не само заради пронаѓањето на нивните причини, туку и заради директно спротивставување на нивните непосредни трагични последици. Различните етнички, национални, идеолошки и религиозни спротивставености непрестајно создаваат опасни конфузии, не само во однос на неспорното онтолошко единство на човечкиот род, но исто така и во врска со човековиот однос кон Божјото создание. Свештениот карактер на човековата личност се ограничува на поедини права на „индивидуата“, а односот кон останатото Божјо создание се потчинува на неговите своеволни потреби или дури злоупотреби.

 

Обидите да се изолира религијата од општествениот живот е општо тежнеење на многу современи држави. Принципот на светската држава може да се запази, но е недопустливо тој да се толкува како радикално маргинализирање на религијата од сите области на животот на народот.

 

Православната Црква смета дека техничкиот и економскиот прогрес не треба да водат кон уништување на животната средина и кон исцрпување на природните ресурси. Неограниченото стремење кон задоволувањето на материјалните потреби води кон осиромашување на човековата душа и на природата што го опкружува човекот. Не смееме да заборавиме дека природните богатства на светот не се само богатство дадено на човекот да го користи, туку, пред сè, Божјо создание: Господова е земјата и она што ја исполнува, вселената и сè што живее на неа (Пс. 23, 1). Должни сме да помниме дека не само сегашните, туку и идните поколенија имаат право да ги користат природните богатства што ни се дадени од Творецот.

 

Во нашава епоха институцијата на бракот и семејството преживува криза. Во духот на разбирање на новите сложени социјални услови, Црквата треба да изнајде начини духовно да ги поддржи и да им помогне на младите и на многудетните семејства.

Особено им се обраќаме на младите и ги повикуваме да земаат активно учество во богослужбениот живот на Црквата и во мисионерската и социјалната дејност на Црквата. Така ќе можат да ѝ ги принесат своите грижи и потреби. Зашто младите не се само сегашноста, туку и иднината на Црквата.

 

Ние, Поглаварите и претставниците на Светите Православни Цркви, како служители Христови и домостроители на Тајните Божји, со полно сознание за значењето на гореспоменатите проблеми, се стремиме кон нивното неодложно решавање. Од оваа катедра на Првопрестолната Црква уште еднаш потврдуваме дека:

 

- нашата непоколеблива обврска е да го чуваме единството на Православната Црква во верата на нашите Отци, еднаш предадена на Светиите, во едната Божествена Евхаристија и во верното последување на канонскиот поредок во управувањето на Црквата, стремејќи се кон регулирање на проблемите, што повремено се појавуваат во нашите меѓусебни односи, во духот на љубов и мир.

- имаме волја брзо да се исправат канонските несогласувања, произлезени од историските околности и пастирски нужди во т.н. православна дијаспора, сакајќи да ги надминеме сите влијанија што ѝ се туѓи на православната еклисиологија. Во врска со тоа го поддржуваме предлогот на Вселенската Патријаршија во 2009 година да се свикуваат Сеправославни собири по тоа прашање, како и по прашањето на продолжување на подготовките за Светиот и Великиот Собор, на кој ќе бидат повикани сите автокефални Цркви, согласно поредокот и праксата што постоеја до Сеправославните собири во Родос.

- ја поддржуваме иницијативата на Вселенската Патријаршија и на другите Православни Цркви за заштита на природната средина. Во врска со ова, го потврдуваме веќе востановениот ден на посебни молитви за заштита на Божјото создание, на 1 септември, на почетокот на црковната година. Поддржуваме воведување на тема за заштита на природната средина во катехизација, проповед и пастирска дејност на нашите Цркви, како што тоа веќе се случува во некои од нив...

 

Обраќајќи се со овие зборови кон сите православни народи и кон целиот свет, ние, пак и пак посакуваме мирот, праведноста и љубовта Божја, на крајот на краиштата, да се зацарат во животот на луѓето. А на Оној, Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши сè што бараме или помислуваме, Нему нека е слава во Црквата преку Исус Христос во сите родови и за сите векови (Ефес. 3, 20-21). Амин.“

 

 

После богослужбата се одржа братски разговор меѓу Патријарсите Вартоломеј и Алексиј.

На заминување од Фанар, поглаварот на Руската Црква рече дека благодари што со ваквото заедничарење имаше можност да се решат прашањата кои се појавуваат во односите меѓу помесните Цркви. „Не беше возможно сѐ да решиме, но по сите прашања ние достигнавме дефинитиво разбирање, но заедничарењето во дух на братска љубов ни дава надеж за тоа дека сите потешкотии ќе бидат надминати“, рече Патријархот Алексиј.

 

извор: Патриархиа.ру