Митрополит Кирил: Нека денот на секој од нас започнува со молитва за Помесниот Собор
 
 
 
 
 

Митрополит Кирил: Нека денот на секој од нас започнува со молитва за Помесниот Собор (17.01.2009)

Пред изборот за нов поглавар, местобљустителот на Московскиот патријаршиски престол Митрополитот Кирил во интервју за порталот „Интерфакс-Религия“ ја прокоментира подготовката за Помесниот Собор, процедурата за идните избори и повторно напомна за важноста на молитвата на секој православен христијанин пред значајните промени во животот на Руската Православна Црква.

 

Какви надежи имате во врска со претстојниот Помесен Собор?

 

Најважно дејствие на претстојниот Помесен Собор ќе биде изборот на Патријарх Московски и на цела Русија. Патријаршиското служење бара потполна предаденост на Црквата Христова, боговдахновена мудрост и саможртвена љубов кон ближниот. Токму „со содејство на Господ“ (Марко 16, 20) Соборот ќе го избере шеснаестиот поглавар на Руската Црква, кој ќе го поведе црковниот кораб по бурните води на животното море.

 

Во последните години нашата Црква се преобрази. Возобновени и изградени се многу манастири и цркви, во кои гледаме не само луѓе од старите генерации, но и младина. Како никогаш до сега нашата православна мисла доживеа процут, се издаваат мноштво црковни книги, се појавија православни телевизиски канали и радиостаници. Се воспостави партнерство со државата. Сите овие добри промени беа остварени под омофорот на Неговата Светост Патријархот Алексиј. И јас сум убеден дека Помесниот Собор кој ќе ја претставува целата Руска Црква, сигурно ќе ја искаже својата благодарност кон починатиот поглавар.

 

Како се чувствувавте како учесник Соборот во 1990 година кога беше избран петнаестиот Патријарх на Руската Црква?

 

Тоа беше посебно време. Време на големи промени и добри надежи. Во 1989 година јас бев назначен за претседател на Одделот за надворешни црковни врски и навлегов потполно во работата: се отворија подобри перспективи за православно сведоштво во светот, надворешните врски почнаа да се развиваат подинамично, се менуваа односите на државата и општеството кон Црквата.

Јас не учествував само во работата на Помесниот Собор, туку и во неговата подготовка. Се разбира, тогашните напори беа големи, но радосното чувство заради тоа што многу работи во животот на Црквата и општеството се менуваа кон подобро, навистина преовладуваше. Имаше и чувство за огромна одговорност за иднината на Црквата. Се разбира, таквата одговорност постои и сега.

 

Дали овој пат се изменети принципите за формирање на делегициите во споредба со минатите Помесни Собори?

 

За учество во Помесниот Собор во 1990 година од секоја епархија се избираа по двајца претставници: клирик и мирјанин, а покрај тоа, се избираше и по еден претставник од манастирите и духовните школи.

Сега бројот од епархиите е изменет. Од секоја епархија, чијшто број за последните 18 години два пати се зголеми, се избираат по тројца делегати – клирик, претставник на монаштвото и мирјанин. Покрај тоа, учесниците на Соборот се сите надлежни и викарни архиереи, раководители на синодалните установи, ректори на духовните академии и Православниот Свети-Тихонов хуманитерен универзитет, началникот на Руската духовна мисија во Ерусалим, членови на комисиите за подготовка на Помесниот Собор, пет делегати од духовните семинарии, четири делегати од женските ставропигијални манастири. Парохиите на Патријаршијата во Канада, САД, Туркменистан, Италија и скандинавските земји избираат по двајца делегати од клирот и мирјанин.

 

До денес многу членови на Соборот се веќе избрани, и нивниот состав е многу разнообразен – граѓани од разни земји, луѓе од многу националности, мирјани со разни професии, претставници на неколку генерации. Сето тоа кажува за големата многуобразност на луѓето, коишто ја составуваат нашата Црква, и за тоа колку е важно да се почитуваат мислењето и очекувањата на тие луѓе, кои сакаат да го зацврстат црковното единство.

 

Во Русија имало 15 патријарси. Колку од нив биле избрани со жребка, колку со гласање, и каква форма на избор на поглавар сметате дека е најсоодветна во овој момент?

 

Првиот Руски Патријарх, свети Јов, бил избран од царот од тројца канидати, предложени од архиереите. Исто така, со царски указ биле избрани и неговите следбеници – свети Гермоген, Патријарсите Филарет и Јоасаф I.

Во 20 век со жребка на Помесниот Собор во 1917 година бил избран свети Тихон. Наредните патријарси – Сергеј, Алексиј I и Пимен – биле избрани со јавно гласање. Неговата Светост Алексиј II беше избран со тајно гласање од тројца кандидати, предложени од Архиерејскиот Собор. Годините на служење на починатиот поглавар ја потврдија правилноста на тогашниот избор и тоа дека тој се случи по Божја волја.

Гледаме дека процедурата за избор на Патријарх се менувала со текот на времето. Но, секогаш таквиот избор се случувал со соборниот разум на Црквата.

Светиот Синод му предложи на Архиерејскиот Собор да се изберат тројца кандидати за патријаршиски престол. Од своја страна Помесниот Собор исто така може да понуди дополнителни кандидати. Според Уставот на Црквата, кандидатот за Патријарх треба да биде Епископ не помлад од 40 години, да има високо богословско образование, да има опит од управување со епархија. Предложено е изборот на кандидатите на Архиерејскиот и на Помесниот Собор и изборот за Патријарх да се одвиваат со тајно гласање, за во полна мера да се осигура гласање на секого според неговата совест.

Ние веруваме, дека соборната молитва, подржана од молитвата на целата Црква, ќе ги отвори срцата и умовите на членовите на Помесниот Собор да го примат она што ќе дојде од Светиот Дух. Затоа е толку важно да ја сочуваме чистотата на нашите срца и мисли, за со сомнежот и злобата да не го разрушиме нашиот внатрешен мир и да останеме способни да го слушнеме гласот Божји. Делата на Соборот се, пред сѐ, духовни дела бидејќи преку нив се пројавува волјата Божја во Црквата и во светот.

 

Какви се основните задачи, според Вас, кои ќе стојат пред идниот поглавар? По што се разликуваат од задачите, кои стоеја во 1990 година пред Неговата Светост Алексиј II?

 

На самиот почеток на поглаварското служење на Неговата Светост Алексиј пред него стоеја задачи за укрепување на црковното единство, возобновување на катехизацијата и мисионерството, развој на духовното образование, издавање на православна литература, востановување и изградба на цркви, возобновување на монашкиот живот, социјална работа, добротворна работа, и други видови црковно служење. Многу е веќе направено: доволно е да се каже дека за последните 20 години бројот на манастирите порасна од 22 на 800! Бројот на парохии се зголеми повеќе од четири пати. Се разви системот на духовното образование, дејствуваат повеќе од 11 илјади неделни училишта. Како што сведочат податоците од анкети и опитот од општење со разни луѓе, во Црквата се има доверба. Нашиот Патријарх беше возљубен и почитуван од многу луѓе. И новиот поглавар ќе има не едноставна задача – да стане достоен наследник на починатиот поглавар.

Пред нас стои голема работа: со време се појавуваат нови проблеми, кои бараат многу труд да се разрешат. Во последните години Неговата Светост често зборуваше за неопходноста за квалитативни промени во црковниот живот. Растот во бројката не може да е невоочлив, но сега е потребно да заживее црковноста во нејзината широка смисла на зборот – преку духовното просветување, мисионерството, катехизацијата, социјалното служење, црковно-општествената дејност, имајќи ја на ум заповедта Божја: „Така да засветли светлината ваша пред луѓето, та тие да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Матеј 5, 16).

Да даде Бог меѓу нашите пастири и парохијани да нема луѓе „млаки“, рамнодушни кон мисијата на Црквата и кон нејзиното служење.

 

Во исто време, со размислувањата на темата за можен наследник на Патријархот Алексиј сега во Средствата за масовно информирање можно е да се сретнат и публикации коишто содржат клевети во однос на почитуваните архиереи. Со што го поврзувате појавувањето на таквите материјали и кој стои зад нив по Ваше мислење?

 

Свети апостол Павле предупреди: „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат... клеветници... недоброљупци, ...на изглед побожни, а од силата на Бог се одрекле. И од нив одвратувај се!“ (2 Тим 3, 1-5). Клевета е грев, а „кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. (1 Јован 3, 8). Одвратувајќи се од гревот, „да не судиме еден друг, а подобро судете за тоа – на брата си да не му поставувате сопка или соблазан“ (Рим 14, 13).

 

Што би им посакале на учесниците на Помесниот Собор?

 

На учесниците на Соборот им посакувам осознавање на нивната голема одговорност, желба за едномислие и братска љубов во Христос. Се молам, Господ да ни дарува „дух на мудрост и откровение“ (Еф. 1, 17) и ги повикувам сите на молитва. Соборното делување треба да се остварува во секој кој се нарекува православен христијанин. Иако на седницата на Соборот ќе можат да учестуваат само избрани делегати, сепак целата Црква е повикана да се моли за Соборот.

Светиот Синод благослови до завршетокот на Помесниот Собор на Божествените Литургии за време на сугубата ектенија да се вознесуваат молитви во кои Црквата моли од Господ да ги сочува учесниците на Соборот од искушенија, соблазни и поделби, испраќајќи дар на љубов и едномислие за избор на Поглавар. Нека денот на секој од нас – оние што постојано доаѓаат во црква, оние кои ја посетуваат црквата ретко, па дури и оние кои не се сеќаваат кога последен пат застанале на прагот од црквата – почнува со молитвено обраќање кон Бог: „Господи благослови го претстојниот Собор“.

 

Христос, Главата на Црквата, да им дарува на учесниците на Соборот, смело и неосудно, да ги произнесуваат зборовите со кои од апостолските времиња се донесувани соборни одлуки: „како што Му угодно на Светиот Дух и нам“ (Дела 15, 28).

 

Извор: Интерфакс-религия