Изучување на веронауката во време на самоуништување
 
 
 
 
 

Изучување на веронауката во време на самоуништување (30.04.2009)

Во западните земји прашањето за изучување веронаука во училиштата се решава различно. Во Франција, земја со традиција во однос на лаицизмот и антиклерикализмот, која се раководи со принципот на Француската револуција, изучувањето веронаука во државните училишта се смета за недопустливо. Веронаука се предава во католичките училишта, а и во многу приватни училишта, каде што родителите ги оставаат своите деца заради образование и воспитување.

Во некои краишта на Франција, околу 40% од децата учат во училишта, во кои се предава веронаука.

Во Австрија, веронауката во државните училишта не е забранета, а децата имаат право да добијат религиозно образование согласно својата вероисповед. Така на пример, ако во училиштето има православен свештеник или мирјанин, кој ги предава основите на православната вера, тој ќе добие и плата од државата, исто како и останатите учители. Бројот на ученици кои изучуваат католичка вероисповед, како и учители кои го предаваат овој предмет, се разбира, е многу поголем.

Слободата на вероисповед, која се гарантира во уставот на сите европски држави, ги подразбира и правата на децата и младите за религиозно образование во училиштата. Во таа смисла може да се каже дека идејата за „слобода на вероисповед“ е во неодминлива противречност со идејата за одделување на Црквата од училиштето – и особено, во оној вид, во кој тоа го направија болшевиците во Советска Русија. Во тоа време религиозното образование беше забрането со оправдание дека децата и младите се должни сами да изберат – да веруваат во Бог или не, а тоа тие можат да го направат откако ќе станат полнолетни. Во оние современи земји, во кои веронауката е забранета под претпоставка дека на детето не треба да му се наметнува еден или друг поглед на свет, се користи токму оваа аргументација.

Заблудата на посочените аргументи се заклучува од тоа што на децата во училиштето и онака им се наметнува ваков или онаков поглед на живот, било да е религиозен или атеистички. Ако не се дозволува изучување на веронаука, ако се забранува споменувањето на Бог, ако во училиштето се забрануваат верски симболи, тоа всушност значи имплицитно наметнување на атеистичен начин на мислење. Исто така, во многу случаи атеистичката позиција се воведува експлицитно – на пример преку часовите по биологија, засновани на изучување на теоријата на Дарвин.

Често недозволувањето на изучување веронаука во училиштата се оправдува со постоењето на различни религии, и за да не се случат меѓурелигиски конфликти или несогласувања на религиска основа, подобро било воопшто да се исклучи верската компонента од образованието. Таквата аргументација исто така треба да се прифати како заблудувачка и опасна. Атеизмот не може да служи како општ именител за сите религии. Освен тоа, традиционалните световни религии – христијанството, исламот, јудаизмот – сами по себе не претставуваат извор на конфликти. Тие можат да станат такви доколку религиозните идеи се користат од терористи, екстремисти и радикали.

Повеќе од важно е да се привикнуваат децата од различни вероисповеди на почит еден кон друг. А на тоа не е возможно да се привикнуваат ако се забранува споменувањето на Бог и користењето на верски симболи. Секое дете има право да знае за својата вера, за верата на своите татковци и дедовци. По достигнувањето полнолетство, детето може да се откаже од религијата – тоа во краен случај е право на личен избор. Но, јавното лишување на правото да се изучува религијата противречи воопшто на идејата за правото на вероисповед.

Противниците на изучувањето веронаука во училиштата гледаат на различните предизвици на тоа учење и ги употребуваат сите можни аргументи во своја полза. Но, да си ги поставиме прашањата:

Зошто вреди веронаука? Што лошо може да му направи веронауката на детето?

Во услови на морално распаѓање, кога наркоманијата веќе е болест меѓу младите, кога промискуитетните полови врски се претвораат во животна норма на однесување, кога формирањето семејство и воспитување на децата престанува да биде приоритет за младите луѓе, позитивната улога на веронауката станува особено очевидна. Сите традиционални религии го воспитуваат човекот на чувство на одговорност, настојуваат на важноста од создавање полноправно и здраво семејство, на раѓање и воспитување деца. Имено, со векови верата на човештвото му давала основна причина за тоа цели народи да се спротивстават на опасностите од постепеното исчезнување.

Сè посилната демографска криза, која ги опфаќа земјите од западна и источна Европа има духовни корени. Во нивна основа се откажувањето од традиционалното поимање на семејството како основа на човечкото битие. Традиционалното христијанство особено учи и воспитува за гревот на абротусот, за недопустливоста на контрацептивите, за неполезноста на доброволното откажување од раѓање и чување деца. И во Русија, и на Запад многудетните семејства веќе се реткост; често во семејствата има едно, максимум две, и ретко - три деца, а во многу семејства нема ниту едно. Скалата на морални вредности кај современиот човек е извртена, и тоа извртување доаѓа од т.н. сексуална револуција, во чија основа лежи идејата за откажување од традиционалното поимање на семејството.

Денес, во многу европски земји сексуалното воспитување е општообразовен предмет. На учениците им се објаснува како правилно треба да се практикува полов чин, како да се заштитат од болести, како да се користат презервативи и контрацептиви. Всушност, тоа е охрабрување на учениците за остварување полови врски, одвраќајќи ги од целомудрието, внесувајќи им антирелигиозен однос кон семејството и бракот. Ваков вид лекции не се ништо друго, туку школо за разврат, што ги осакатува и погубува децата, поттикнувајќи во нив ниски и животински инстинкти, лишувајќи ги од целомудрен однос кон сè.

Ако сакаме нашето општество да биде здраво, а не да биде општество на духовни изроди и развратници, неспособни за репродукција, должни сме да ги научиме децата на правилен однос кон семејството и раѓањето. Во создавањето позитивен пример на семејство можат да бидат полезни часовите по веронаука со тоа што ќе бидат вклучени и во световните училишта. И не треба да се плашиме дека тие знаења нарушуваат нечија слобода. Треба да се плашиме единствено од тоа дека со лишувањето на децата од веронаука, ние ги лишуваме од иднината, а земјата и својот народ ги осудуваме на постепено исчезнување.

Денес, меѓу секуларизираните политичари постои мислење дека последиците од демографската криза можат да бидат непоправливи за народите од т.н. развиени земји. Владите донесуваат нови имиграциони закони, ги зголемуваат стимулансите за многудетни семејства, се обидуваат во создавањето благопријатна економска средина со цел зголемување на наталитетот.

Но, тие мерки се покажаа недоволни, иако се применуваат. И државата не е во состојба сама да се справи со настанатите проблеми, да ги надмине тенденциите кон постојаното намалување на наталитетот. На државата ѝ е потребен моќен сојузник во лицето на Црквата, во која има многубројни средства за духовно-морално воспитување на децата и младите, за правилно поимање на семејството.

Неопходно е да се востанови она поимање за семејството кое по природа е присутно во секој духовно здрав човек. Либерализмот, релативизмот и атеизмот, во оние земји во кои е овозможено тие да станат државни идеологии, ја разрушија традиционалната претстава за семејството и ја извртеа природната тенденција на човештвото за репродукција. Ако не сакаме процесот на самоуништување да продолжи, должни сме да им дадеме на децата здраво духовно воспитување. И тука Црквата може да ѝ даде на државата голема и разновидна помош.

Архиепископ Волоколамски Иларион (Алфеев)