Александрискиот Патријарх се сретна со Масаите
 
 
 
 
 

Александрискиот Патријарх се сретна со Масаите (03.06.2009)

Облечени во традиционална облека што ја носат секој ден, со песни и танци, Масаите во Кенија го пречекаа Александрискиот Патријарх Теодор II, кој се сретна со нив во месноста Еуасо, на околу 30 км. од Најроби. Тоа е прва посета на поглаварот на Александриската Црква на Масаите во Кенија, каде што Православната Црква има пет парохии, од кои четири се во подножјето на вулканот Килиманџаро. Православните Масаи ги чуваат своите традиции и обичаи. Во врска со тоа беше и посланието, коешто го соопшти Александрискиот Патријарх  за време на средбата со нив во нивното село: „Запомнете дека треба да ги пазите своите традиции и обичаи.“ Обраќајќи се на децата, Патријархот Теодор рече: „Овие деца се иднината на својата татковина. Од нив очекува многу и Православната Црква“.

Масаите се обратиле во Православие во последните 30 години, што се должи на мисионерската дејност на надлежниот Митрополит Макариј, кому Патријархот срдечно му заблагодари. Архиерејот има организирано превод на Светата Литургија и на другите богослужбени книги на јазикот на Масаите, направи училиште и болнички центар, а доделува и стипендии. Меѓу младите Масаи има и студенти во Патријаршиската црковна школа „Кипарски архиепископ Макариј ΙΙΙ“ во Најроби, за да се посветат на работата во Црквата. Во оваа прилика, Александрискиот Патријарх на Масаите им подели храна, облека и играчки за децата. Од своја страна, Масаите му подарија жезол на своето племе. Потоа Патријархот ја продолжи својата посета на Кенија.

 

                       

 

     

Извор: Дверибг.нет