Послание за Божик на Архиепископот Атински Иероним
 
 
 
 
 

Послание за Божик на Архиепископот Атински Иероним (09.01.2011)

Се чини дека оваа година врз празникот Рождество Христово паѓа сенка на тага, вознемиреност, скептицизам и разочарување на луѓето во правецот во кој се движи нашата земја и светот. Постарата генерација се соочува со анксиозност, a помладата со незадоволство, чувствувајќи дека сегашната несигурност ја загрозува нивната иднина. Кога сиромаштијата се зголемува, светоста на човечката личност ја губи вредноста и таа се смета за нумериранa производна единица без да се почитува единственоста на битието и слободата дадени од Бога, кога градските населби се претвораат во безживотнo гето, составено од разнороден страдален народ, тогаш aтмосферата на Рождество е затруена со очајaние што нè опкружува.

 

Сепак, што повеќе е јасна темнината, толку посуштествена станува потребата да се свртат очите кон светлината. Дојде време повторно да Го ставиме Христос во центарот на нашите животи. Да се потсетиме дека „луѓето што одеа во темнина, ја видоа светлината“. Тие ja видоа „Светлината од Светлината, вистинскиот Бог“, бидејќи „нѐ посети од висините Спасителот наш..., и оние во крајна темнина и сенка, ја спознаа вистината„.

 

Воплотувањето и раѓањето на сиромашниот и непознат Богомлaденец во метежни времиња, кога царуваа неправедност, разврат и хаос, ни ја покажува целта за која беше создаден човекот. Целта на вочовечувањето на Бог се состои во обожението на човекот: „Бог стана човек, за Адам да го направи бог“. Надежта на човекoт е во Раѓањето, Крстот и Воскресението Христово, единствениот вистински Владика на вселената, Создателот и Спасителот на сета твар, а не во различни минливи Ироди, кои го угнетуваат народот за да ја сочуваат својата смртна власт.

 

„Дојдете, видете, верници, каде се роди Христос“. Да видиме каков трагичен свет, какво преоднo време Бог избра за Своето воплотување, и така ќе црпиме сили и оптимизам за денешниот и утрешниот ден. Да не заборавиме дека родениот во пештера и положениот во јасли Бог е Емануил, што значи «со нас е Бог» (Матеј 1,23). Бог е со нас, и како што Он не нѐ остави никогаш кога нашиот род и нација претрпуваа маки и искушенија, токму така ќе биде и сега. Наша должност e да се бориме против неморалот, да му се спротивставуваме на духот на егоизмот и егоцентризмот и да Му дозволиме на Бог да се роди во нашите срца и нашите домови.

 

Новата година, што ќе дојде по Божик, ќе биде тешка. Светот во кој живееме го загрозуваат последиците од лакомоста и разрушувањето на традиционалните вредности. Човечкиот живот се прeтвора во ништо преку експлоатација, насилство, сиромаштија и несреќа, а цената e презирање на љубовта и правдата.

 

Но да не дозволиме тагата и страдањето да се вгнездат во нашите срца. Нека новата година ни даде можност за надминување на тешкотиите и искушенијата, и нека стане повод да го пронајдеме најважнoто и најзначајното во нашите животи.

 

Мои возљубени браќа и чеда во Господа,

 

Нека светлината на Божик гo исполни нашето битие, и устите да ја пеат радосната вест: „Слава на Бога во висините и на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“.

 

Христос се роди! Благословена Нова Година!

 

Со татковска љубов и молитви,

 

Архиепископ Атински и на цела Грција Иероним

 

 

Извор: Православие.ру