Атинскиот Архиепископ Ероним: „Имаме потреба од помалку Византија, повеќе Пустина“
 
 
 
 
 

Атинскиот Архиепископ Ероним: „Имаме потреба од помалку Византија, повеќе Пустина“ (06.10.2011)

Деновиве во Атина заседава Архиерејскиот собор на Грчката Православна Црква, т.н. Ерархија, којшто е висок црковен управителен орган. На него учествуваат сите грчки митрополити чијшто број е над 80 души. При отворањето на соборот на Ерархијата, Атинскиот Архиепископ Иероним произнесе воведно слово, кое беше определено како програмно за Грчката Црква, во условите на целосна државна криза.

Излагањето беше поделено на неколку основни теми: изопштувањето во христијанското предание и призивот кон Покајание, возобновувањето на парохијата, црковното образование, економските проблеми на Црквата, односот Црква – држава, европска проблематика, црковен устав.

 

По однос на изолирањето на христијанската традиција од страна на општеството, вклучувајќи ја и Грција, Архиепископот Иероним рече дека, „колку поатеистичен станува светот, толку подлабоко слегува човекот во пропаста на својата немоќ да се сретне со другиот, со ближниот, и да се созаде заедница од личности. Денес многу се зборува за духовната криза на нашето општество и за другите кризи, коишто природно ќе ја следат неа. Веќе за сите се видливи физичката заробеност, осаменоста, лагата, лицемерието, закоравеноста на срцето, бесчувствителноста, коишто во големите урбани центри ги раѓаат индивидуализмот, шармот на небитието (небитисувањето), секој вид на идолопоклонсво и највеќе самоидолизацијата, отстапувањето од корените и скитањето од место на место, безработицата, сиромаштијата, несигурноста, стравот.

Насекаде звучат срамежливо, но веќе се сѐ посилни, гласовите дека е неопходно да го смениме начинот на животот, да ги преоткриеме своите основи и вредностите, коишто сме ги заборавиле. Овој „културно“ формулиран предлог е во хармонија со гласот на оној кој вика во Пустината – свети Јован Крстител: „Покајте се!“. Имаме потреба од покајание, т.е. промена на умот, што ќе го промени животот. Но покајание не произволно, туку поврзано со Учителот на вистинското Покајание и Прошка. Единствено тогаш ќе станат видливи и ќе се вратат на свое место вредностите и принципите.

И тоа е мојот прв предлог за промена на црковните работи. Нашето вистинско покајание. Треба да признаеме што се однесува до човечката страна во Црквата, т.е. самите нас, дека ние често сме грешеле и грешиме. Следствено, нам ни припаѓа водечката улога во Покајанието, за да станеме пример за државниците и за нашиот народ.

Време е да се вразумиме, да ги одбегнеме предизвиците, ограничувајќи ги помпезните случувања и „византиски“ фиести, титулите и одличјата, коишто се страни за современиот човек. Помалку Византија и повеќе Пустина е тоа што денес им носи мир на луѓето.

Во времето на поделена повеќејазичност, должни сме да останеме верни на гласот на искреноста. Во времето на феноменалната реалност и актерство треба да го скршиме огледалото на лицемерието.“

 

Извор: Дверибг.нет