Во Русија се празнува Денот на семејството, љубовта и верноста
 
 
 
 
 

Во Русија се празнува Денот на семејството, љубовта и верноста (08.07.2013 08:24)

Вчера христијаните во Русија ги славеа св. Петар и Февронија, чијшто ден последните години години се одбележува како серуски ден на семејството, љубовта и верноста. Светителите се сметаат за покровители на семејството – најголемото нешто, бидејќи во него се открива полнотата на човечката личност, како за поединецот, така и за општеството. Празникот потсетува дека љубовта е основата на семејството, а таа самата е Божји дар. Во делото на љубовта луѓето се создадени од Бога и затоа вистинските чувства не се минливи привлекувања кон саканите, туку градење на однос меѓу сопружниците, втемелен врз взаемната почит, нежната предаденост, жртвувањето, трпението и самоодрекувањето. Овие идеи се содржат и во житието на кнезот Петар и обичната селанка Февронија, кои станале светители токму поради подвигот на љубовта. Оваа романтична приказна била прифатена од рускиот народ низ вековите како инспирација за семејниот живот, затоа и преписите на ова житие се многубројни.

Всушност, за животот на св. Петар и Февронија се знае многу малку – извесно е дека живееле во градот Муром во 12 век, а останатите сознанија се поткрепени од „Повелбата за Петар и Февронија Муромски“, напишана во 16 век од црковниот писател Ермолај, со монашко име Еразмо.

Во почетокот на владеењето на царот Иван Грозни, Московскиот Митрополит Макариј решил да ги собере житијата на сите руски светители. Така се појавиле „Големите минеи“. Меѓу повиканите за таа работа бил и Ермолај, кој требало да ги собере сведоштвата за Муромскиот кнез Петар и неговата жена Февронија. Меѓу народот тие биле почитувани како чудотворци и нивниот гроб бил посетуван од многу луѓе кои барале благослов за среќен брак. Но дали поради тоа што житието имало строго тесните рамки за надарениот писател, или поради самиот духовен подвиг на тие светители - нивната взаемна љубов – вдахновениот Еразмо ја составил конечната неканонска форма на житието, односно повелбата, испреплетена со прекрасни авантури и љубов. Во Минеите повелбата на Ермолај (Еразмо) не била вклучена, но руската литература била побогата со едно ремек-дело. Сега е тешко да се направи рекапитулација на нивниот живот, но во исто време нивната светост никогаш не била оспорувана. Од таа причина и денес, иако низ призмата на уметничката умешност, продолжува да се раскажува нивниот подвиг на љубов, кој ги надминува сите социјални разлики и интереси, па дури и смртта.

На крајот на својот живот Петар и Февронија примиле монашки чин и оставиле аманет да ги погребаат во еден гроб, но со две камени прегради. Нивните сожители не им ја исполниле желбата, бидејќи биле монаси, ги погребале во различни цркви. Но следниот ден, двајцата биле заедно во камениот гроб. Поради тоа веќе никој не се осмелил да ги раздели.

Нивните мошти се чуваат во еден ковчег во Свето-Троицкиот манастир во градот Муром, Украина. На 8 јули, традициналната празнична Литургија се служи на отворено, пред манастирските ѕидови, поради многуте поклоници, а по неа пред моштите се отслужува Молебен и се прави Литија.

Извор: Двери.бг