д-р Дмитриј Авдеев: „Духовната природа на нервозностa. Неврози. Психосоматика“
 
 
 
 
 

д-р Дмитриј Авдеев: „Духовната природа на нервозностa. Неврози. Психосоматика“ (26.06.2015 15:51)

НЕВРОЗИ

Телото, бидејќи е составено од многу, притоа нееднакви делови, кои и самите се составени од четири стихии, кога ќе се разболи, има потреба од разни лекарства, кои се состојат од разни треви. А душата, напротив, бидејќи невештествена, проста и несложена, кога ќе се разболи, едно лекарство ја лекува – Духот Свет, благодатта на Господ Исус Христос.

Свети Симеон Нов Богослов

Кажано е дека душевните болести можат да бидат „од природата“, или пак нивните пројави се поврзани со опседнатост на душата од злите духови. Покрај тоа, постои голема група психички растројства што во клиниката се нарекува „гранична патологија“ (функционална, т.е. принципиелно излечива психичка патологија). Во оваа група спаѓаат неврозите, невроподобните состојби, некои типови депресивни растројства, психосоматските состојби и др. Страдањата на овие луѓе повеќе се последица на нивниот личносно-карактерен склоп, кој, според мене, е условен од духовни причини.

„На нервна база“ – оваа синтагма стана практично парола. Го слушаме на секое место: дома и на работа, на улица и во јавниот превоз – речиси насекаде.

Според мислењето на експертите на Светската здравствена организација, 45% од сите заболувања се поврзани со стресови, а некои специјалисти сметаат дека тој процент е двапати поголем. Според други медицински податоци, половина од посетителите на амбулантите се практично здрави луѓе, кои, меѓутоа, чувствуваат влијание на психоемоционални преоптоварувања.

Специјалистите за екстремни ситуации и лекарите знаат дека чирот на желудникот „се отвора“ и се зацелува во зависност од качувањето и паѓањето на кривата на психоемоционалниот стрес. Кривата на осцилации на артеријалниот крвен притисок е подложна на истата законитост. Огромен број телесни болести се развиваат како резултат на долготрајна нервна напнатост.

Што уште „израснува“ на таа (нервна) база? За жал, ништо добро: кавги, конфликти, разводи... Во последните години сè почесто се говори за синдромот на хроничен замор пропратен со несоница, депресија, апатија и рамнодушност кон сè. Добра половина, а и повеќе од структурата на болестите што се проучуваат во психијатријата се „гранични“ (кои настануваат на нервна база) состојби. Нивниот настанок се поврзува со конфликти, грижи, непријатности и слично.

Нервозноста и гревовноста се тесно поврзани меѓу себе, па едното го раѓа другото. Во светоотечките дела често ни се укажува на тоа дека е неопходно да се чува душевниот мир. „Стекни дух смирен и ќе се спасат илјадници покрај тебе“ – велел великиот Старец, преподобен Серафим Саровски. Преподобниот Алексиј, кој се подвизувал во близина на Москва, во Зосимовата пустина, пишувал: „Не ви посакувам ниту богатство, ниту слава, ниту успех, па ниту здравје, туку само душевен мир. Тоа е најважно. Ако имате мир, ќе бидете среќни“.

Граничните психички растројства, меѓу кои важно место имаат неврозите, цврсто ја држат водечката позиција во широката група психички заболувања. Според податоците на Светската здравствена организација, околу 10% од населението на индустриски развиените земји е болно од неврози, и во последните 65 години нивниот број е зголемен 24 пати. Неврозите се како епидемија што се шири насекаде. Познато е дека 30%–65% пациенти кај лекарите на општа практика се луѓе со изразена невротична симптоматика.

По дефиниција, неврозата е психогено (на нервна база) нервно-психичко растројство што се формира како резултат на нарушувањето на посебно важните животни односи на човекот. Поедноставно кажано, неврозата се развива тогаш кога човекот поради различни околности не може да најде соодветен излез од некоја сложена ситуација, да реши психолошки важна ситуација или да поднесе некоја трагедија.

Симптомите на нервниот слом се општопознати: раздразливост, несоница, чувство на внатрешна неудобност, тромост, апатија, намалување на апетитот. Можат да се појават опсесии, експлозија на агресивност и слично. Целата оваа симптоматика е пропратена со општа исцрпеност, непријатни телесни чувства, вегетативни нарушувања. Пројавите на неврози генерално можат да се именуваат како трајна загуба на душевниот мир. Кај неврозата човекот зачувува јасна критичност, се жалости поради својата состојба, но не може да направи ништо со себеси.

Терминот „невроза“ длабоко навлезе во нашиот живот и непознат е само за малите деца. Се издвојуваат школски и пензионерски неврози, неврози на успешност и на осаменост, соматогени, еколошки, детски, нервози на „неделниот ден“, па дури и неврози на судбина. Посебна група составуваат т.н. ноогени неврози, поврзани со загуба или отсуство на смислата на животот кај човекот, со конфликти на вредноста. Постојат податоци за тоа дека приближно секој петти невротичен случај има ноогена основа, а реално се претпоставува дека речиси секоја невроза има духовни корени.

Неврозата најчесто се појавува како резултат на внатрешни личносни процеси. Надворешните поттикнувачки фактори и околности се само последна капка, стартер за развој на невротични нарушувања. Кај човекот, кој има склоност кон оваа болест, се формира своевидна „способност“ нервозно да реагира на животот. Некои причини за страдања (конфликти, стресови) со времето поминуваат, стануваат неактуелни, но наскоро нивното место го заземаат други, и болеста се обновува. Односот кон неврозата како кон лесна психичка дисфункција во голем степен се менува. Принципот на функционалност (слаба реверзибилност) не се потврдува со современата клиничка практика. Според објавените податоци во печатот, оздравувањето при неврозите настапува кај помалку од 40%-50% заболени. Често маките продолжуваат со години и дури децении.

Значи, има многу гледни точки, но нема јасност. Науката се заплетка. Сè почесто се зборува за неврозата како за мултикаузално (многупричинско) психичко растројство и треба со тоа да се согласиме. Меѓутоа, остана во сенка, од моја гледна точка, огромен дел на проблемот. Невротичката патологија, покрај сè друго, има духовна основа, што психијатријата, за голема жал, секогаш ја занемарувала и уште ја занемарува.  

Незапирливиот раст на неврозите го предизвикуваат не само стресовите и научно-техничкиот прогрес со неговите информациски оптоварувања туку, пред сè, духовните фактори и околности, заробеноста на човечката душа од гревовните страсти.

Секогаш во историјата на човештвото имало војни, различни природни непогоди, поплави, суши, бури. Тешко е да се спореди, да речеме, во кој степен сегашното време е понемирно и понеспокојно, на пример, од епохата на царувањето на Иван Грозни. Па зошто проблемот на неврозите стана толку силен само во последното столетие? Причината е, мислиме, една – неверието, човештвото го загуби духовниот темел, а со тоа и вистинската смисла на животот. Изгледа дека најважното во потеклото на неврозите не се стресовите и непријатностите, туку личноста на човекот. Притоа, личноста што е внатрешно растроена.

Гревот, како корен на секое зло, влече по себе и невротични растројства. Извршен во длабочината на човечкиот дух, тој ги побудува страстите, ја дезорганизира волјата, ги става надвор од контрола на сознанието емоциите и вообразбата. Според зборовите на свети Теофан Затворник, „внатрешниот свет на човекот-грешник е исполнет со самоволност, безредие и деструктивност“. Длабоката невроза е показател на морално нездравје, духовно-душевен несклад. Набројувањето на симптомите на неврозата понекогаш едноставно е список на гревови (раздразливост, гневливост, нетрпеливост и слично) и на медицинската дијагноза може да ѝ одговара духовна „дијагноза“.

Неврозата е судир меѓу посакуваното и реалното. А колку е посилен овој судир, толку потешко поминува заболувањето. „А верата е смирение“ – вели свети Варсануфиј Велики. Многугодишниот опит и следење сведочат дека гревовните страсти стануваат причина на многу психички растројства, меѓу кои се и неврозите. Неврозите со право се нарекуваат запуштена форма на страстите (се мисли на страст во светоотечкото сфаќање на овој збор како гревовно расположение на душата).

„Раздразливоста на карактерот произлегува од непознавањето на себеси, од гордоста и уште од тоа што не размислуваме за силната повреденост на нашата природа и малку го знаеме кроткиот и смирен Исус“ (свети праведен Јован Кронштадски).

Животот на многу современи луѓе е далеку од христијанското благочестие, од Христос Спасителот и од Неговата Света Црква. Оваа оддалеченост и доведува многу често до душевен несклад. Многу невротичари зборуваат за душевна нечувствителност, за некое внатрешно студенило. Преподобен Серафим Саровски поучуваше: „Бог е оган кој ги стоплува и разгорува срцата и утробите. Значи, ако во срцата свои чувствуваме студенило кое е од ѓаволот, бидејќи ѓаволот е студен, тогаш да Го повикаме Господ и Он, доаѓајќи, ќе го стопли нашето срце со совршена љубов не само кон Него, туку и кон ближниот. И од лицето на топлината се изгонува студенилото на добромразецот“.

Секоја болест има духовни корени, но понекогаш е невозможно тие да се распознаат. Неврозата се издвојува од останатите психички и соматски заболувања со тоа што е своевиден осетлив духовен барометар. Нејзината поврзаност со духовната сфера е очигледна и појавувањето на оваа болест како последица на душевните маки и грижата на совест може да биде нагло. Меѓутоа, гревот само создава духовна почва за појавувањето на неврозата, а развитокот на невротичните пројави зависи од особеностите на карактерот, условите на живот и воспитување, неврофизиолошките предиспозиции, а и од различните стресови и други околности од коишто повеќето е тешко да се набројат.

Не може сè да се стави во една шема, животот е многу посложен. Кај некој човек се формира невроза, а кај некој друг реакцијата се ограничува со потресеност, но болест не се појавува. Најдлабоката суштина на неврозите е тајна позната само на Господ. Треба да забележиме дека клиниката на невротичните растројства за последните 10-15 години е суштински изменета. Таа стана посложена, позаплеткана (како, впрочем, и душите што бараат помош), а текот на болеста е подолготраен. Постојано се зголемува недоразбирањето меѓу луѓето, дури меѓу најблиските; „да дојдеш“ до умот и срцето на пациентот е сè потешко и потешко. И тоа не е само моја забелешка, туку е и мислење на многумина колеги.  

За крај, сакам да подвлечам дека човекот болен од невроза не е ниту подобар ниту полош од другите. Неговото заболување е само поединечен случај на последиците на гревот. Човечката природа е повредена од гревот од времето на нашите прародители, затоа треба сите, надевајќи се на помошта и милосрдието Господово, да се покаеме и да се поправаме.  

Во духовна смисла лекувањето на неврозите е одење кон Христос по патот на љубовта, кротоста, смирението, трпението. Патот на борбата со гревовите и страстите.

 

извадок од петото предавање на д-р Дмитриј Авдеев,

„Духовната природа на нервозностa. Неврози. Психосоматика“