Соопштение од Петтата сеправославна претсоборна конференција во Шамбези кај Женева
 
 
 
 
 

Соопштение од Петтата сеправославна претсоборна конференција во Шамбези кај Женева (21.10.2015 15:41)

Петтата сеправославна претсоборна конференција, свикана од Неговата Светост Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, во согласност со сите поглавари на помесните Православни Цркви, искажана на нивното собрание во Фанар од 6 до 9 март 2014 година, се одржа во Православниот центар на Вселенската Патријаршија во Шамбези кај Женева од 10 до 17 октомври 2015 година.

Работата на Конференцијата започна со соборна меѓуправославна архиерејска Литургија во светиот ставропигијален храм на апостол Павле во Неделата на богоносните Отци од Седмиот Вселенски собор во Никеја, а се одвиваше под претседателство на Високопреосветениот Митрополит Пергамски г. Јован, кого во текот на последните два дена на должностa на претседател го замени друг член од делагацијата на Вселенската Патријаршија, Високопреосветениот Митрополит Француски г. Емануил, во соработка со секретарот за подготовка за Светиот и Велик Собор на Православната Црква, Високопреосветениот Митрополит Швајцарски г. Еремиј. Во работата на Конференцијата учествуваа делегации од сите автокефални Православни Цркви.

Поглаварите на помесните Православни Цркви испратија пораки до учесниците на Конференцијата, кои се прочитани на заседанијата. Учесниците на Конференцијата упатија одговор до сите поглавари на помесните Цркви, барајќи ги нивните молитви и благослови за успешна работа на Конференцијата.

Темите на Петтата сеправославна конференција, според желбата на поглаварите, беа разгледани и продискутирани со цел за конечно одобрување на текстот За автономијата и начинот на нејзино прогласување во Православната Црква, што го состави Меѓуправославната подготвителна комисија (2009), и едногласно предложените измени во текстовите усвоени на Втората и Третата сеправославна претсоборна конференција (1982 и 1986), кои што Специјалната меѓуправославна комисија ги формулираше на своите три заседанија (2014 и 2015).

Конференцијата го проучи текстот За автономијата и начинот на нејзино прогласување во Православната Црква и текстовите што ги состави Специјалната меѓуправославна комисија на состаноците во Шамбези на следните теми: 1) Односите на Православната Црква и останатиот христијански свет; 2) Мисијата на Православната Црква во современиот свет и 3) Значењето на постот и неговото држење денес. Во овие текстови се внесени појаснувања, дополнувања, исправки и друго.

Конференцијата едногласно ги усвои текстовите: За автономијата и начинот на нејзино прогласување во Православната Црква, Односите на Православната Црква и останатиот христијански свет и Значењето на постот и неговото држење денес. Текстот за Мисијата на Православната Црква во современиот свет не беше потпишан од Руската и Грузиската Црква.

Во Шамбези кај Женева,

16 октомври 2015.

претседател на конференцијата

Митрополит Француски

Емануил

 

 Извор: svetigora.com