Интернационална младинска православна средба во Темишвар, Романија
 
 
 
 
 

Интернационална младинска православна средба во Темишвар, Романија (08.09.2023 08:39)

На покана од Неговото Блаженство, Патријархот Романски г. Даниел и со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, петчлена делегација од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија зеде активно учество на овогодишната Интернационална младинска православна средба, којашто се одржа во Темишвар, Романија, од 31 август до 3 септември, под мотото: „Вие сте Ми пријатели“ (Јн 15, 14).

Младинската средба имаше богата и разновидна програма. Истата започна со официјално отворање на коешто беа претставени делегациите од следниве помесни Православни Цркви: Цариградската Патријаршија, Александриската Патријаршија, Антиохиската Патријаршија, Ерусалимската Патријаршија, Грузиската Патријаршија, Бугарската Патријаршија, Црквата на Грција, Полската Православна Црква, Православната Црква на Албанија, Црквата на Чешките земји и на Словачка и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. На бележитиот настан обраќања имаа Романскиот Патријарх г. Даниел и Митрополитот Банатски г. Јован.

Вториот ден македонската делегација присуствуваше на две предавања од еминентни професори и академици, поврзани со историјата, културата и духовноста на романскиот народ и со црковнословенските примеси во романскиот јазик. Исто така, посебен акцент на предавањата беше ставен и врз темата за пријателството од библиски и од светоотечки аспект. Ноќта, делегацијата учествуваше на сеноќно бдение во Митрополитската катедрала, посветена на светите тројца ерарси, во Темишвар.

Третиот ден нашата делегација учествуваше на уште две предавања поврзани со фундаменталните аспекти на христијанската антропологија и со трговијата со луѓе и консумирањето дрога од страна на младите. Истиот ден делегацијата оствари средба со Митрополитот Банатски г. Јован кој, воедно, искажа огромна благодарност и радост за нашето учество. Потоа делегацијата учествуваше на т.н. „Процесија на пријателството“, а вечерта, заедно со уште неколку делегации од помесните Православни Цркви, зеде учество во читањето на Акатистот кон Спасителот Господ Исус Христос и на македонски јазик, во храмот посветен на Педесетница, во Темишвар.

Последниот ден македонската делегација сослужуваше на литургиското собрание во свештениот женски манастир „Тимишени“, посветен на свети Јован Крстител, во близина на Темишвар.

Од името на сета полнота на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ѝ изразуваме длабока благодарност на Романската Православна Црква за поканата и за покажаната братска љубов, како и за Авраамовото гостопримство кон нашата Црква.

Во продолежение го објавуваме претставувањето на делегацијата од МПЦ – ОА, како и интервјуата дадени за романската телевизија „Тринитас“: