За трезвеноумието
 
 
 
 
 

За трезвеноумието (13.04.2009)

Од 14 век па наваму, отците ја систематизираат и ја организираат молитвата. Тие оставија списи за молитвата. Утврдија дека трезвеноумноста е нешто неопходно за човековото совршенство.

            Пред да биде систематизирано учењето за трезвеноумноста, пред да стане општо познато и да почне слободно да кружи, отците и духовниците главно се труделе во практичните добродетели. Строго постеле, бдееле, поднесувале разновидни измачувања итн. Но, кога делото на трезвеноумноста излегло на виделина како систематски изложена метода, обемот на подвизите бил смален, не затоа што тие не се потребни, туку затоа што отците во поголема мера му се посветувале на духовниот подвиг одошто на праксата. Преку делото на трезвеноумието се ослободувале од помислите и на тој начин страстите биле намалувани. Трезвеноумноста им ја носела чистотата на срцето. Заради тоа, за достигнувањето на чистотата на душата, веќе не постоела апсолутна потреба од телесен подвиг.

            Од таа причина ние, монасите, никако не смееме да ја запоставиме молитвата, бидејќи таа ќе ни донесе стопроцентена корист. Кога трезвеноумието ги очистува умот и срцето и го овозможува целомудреното внимание, како во поглед на надворешните чувства на телото така и во поглед на внатрешните чувства на душата, монахот нема потреба од големи подвизи за да ја достигне истата цел.

            Подвизите на праксата го помагаат трезвеноумието. Од таа причина отците, според силите, ги практикувале телесните подвизи за, се разбира, да го потпомогнат трезвеноумието. Но, главно се бавеле со трезвеноумие, бидејќи молитвата и трезвеноумноста темелно поучуваат за духовните нешта и за ‘теоријата’ (созерцанието).

            Подвигот на трезвеноумието го води молитвениот тихувател кон теоријата (созерцанието) за созерцанието да го одведе кон мудроста, а мудроста до љубовта, додека од љубовта происходи ‘Божествениот ерос’.

            Чистотата е природен исход на трезвеноумието. Чистотата на душата и на телото си доаѓа сама по себе. Трезвеноумието ги заменува најголемиот дел од напорите и страдањата што ги вложувале отците во минатото измачувајќи се и истоштувајќи се себеси до смрт.

            Трезвеноумието ги води тихувателите кон слобода од грижите. Тие увиделе дека претераната грижа за многуте и различни работи претставува сериозна пречка за достигнување на трезвеноумност, бидејќи од грижите се раѓаат помисли. Помислите, од своја страна, го одвлекуваат умот од молитвата и созерцанието. Од таа причина, грижата за непотребните и одвишни работи отците ја нарекуваат духовна туберкулоза.

            Општежителните монаси живеат во послушание. Природна последица на послушанието е ослободеноста од грижите на оној што е послушен. Сè додека го практикувам послушанието и додека некој друг се грижи за мене, јас сум мирен и спокоен и се грижам само за својата служба (диакониа).

            Кога се грижам за својата работа (диакониа) и сметам дека не треба да се грижам за ништо друго, многу добро можам да ги соединам послушанието и молитвата.

            Ако видам дека мојот ум додека се молам не е во состојба да внимава на ракоделието,   бидејќи е расеан на многу работи што не се поврзани за должностите во рамките на послушанието, тогаш нужно ќе почнам усно да го призивам името на Исус и со шепот да изговарам: “Господи Исусе Христе, помилуј ме!„

            Кога устата се моли, а рацете работат,  трудот бива двојно награден: со благодатта на послушанието и со благодатта на молитвата. Послушанието нè наградува за нашата работа, а  молитвата нè осветува. Секое дело проследено со молитва има посебна благодат.

 

Старец Ефрем Филотејски