Свети Исаак Сирин
 
 
 
 
 

Свети Исаак Сирин (03.02.2011)

- Духовното познание е чувство на вечниот живот.

- Бог Го испрати Својот Син во светот кога луѓето биле особено западнати во гревови, кога биле исполнети со посебно непријателство кон Бога. Затоа многу повозвишена добродетел е зачувувањето на љубовта кон луѓето кога паѓаат во гревови, отколку кога водат праведен живот.

- Ништо толку не го насочува човекот кон богохулење, како читањето на еретички книги.

- Подобро да те сметаат за незнајко, заради неспособноста на твојот ум за спорење, отколку за мудар, заради твојата бесрамност и дрскост. Осиромаши заради смирение – не биди богат заради дрскоста.

- Нема ништо покорисно од соодветен совет.

- Едно е достоинството на зборовите од духовно искуство, а друго е достоинството од красноречивите зборови. Зборовите кои потекнуваат од духовното искуство се ризница на надеж, а ученоста без искуство е знаење за срам.

- Исповедај ја својата помисла на оној, кој не знае науки, но искуствено го познава монаштвото, а не на слаткоречивиот философ, кој со својата ученост беседи според книгите и од опит не е запознаен со делото.

- Кој во надеж на покајание ги повторува своите гревови, тој се однесува лукаво кон Бог; таквиот го снаоѓа ненадејна смрт.

- Чистотата на срцето го гледа Бог; таа блеска и цвета во душата не од човечкото учење, туку затоа што не ја гледа злобата човечка.

- Молитвата е отстранување и празнење на мислите од сѐ овдешно и срце кое своите погледи во целост ги свртело кон иднината на која се надева.

- Не треба пред време да бараме многу, за дарот Божји да не пропадне заради брзината на неговото примање. Сѐ што се постигнува лесно, бргу и се губи; сѐ што е добиено со страдание на срцето пак, грижливо се чува.

- Ние треба срцето да го втемелиме на делата на покајанието и живот угоден на Бога. Ако храмот на срцето не биде извалкан, туку чист, тогаш даровите Господови доаѓаат сами по себе. Значи Црквата Божја го отфрлила намерното трагање по возвишени Божји дарови. Оние кои го прават тоа, ќе се возгордеат и ќе паднат, бидејќи тоа не е знак на нечија љубов кон Бог, туку болест на душата. И како да трагаме по возвишени Божји дарови, кога божествениот Павле се фали со страдања, а за најголем Божји дар го смета учеството во Христовите страдања!

- Ако Му се молиш на Бога за нешто, а Тој се двоуми да те услиша, не тагувај заради тоа: ти не си попаметен од Бог. Така се случува по најмудра Божја промисла, која е несфатлива за човековиот разум.

- Смиреномудрениот, кога застанува на молитва и кога е удостоен со неа, не се осмелува да побара нешто од Бог. Тој не знае за што би се молел, туку со своите помисли молчи и ја очекува само милоста и волјата, која за него ја изрекува Величеството на Кое му се поклонува. Неговото лице е свртено кон земјата, а внатрешниот поглед на срцето е вознесен кон славните двери во Светињата над Светињите.

- Кога Му се поклонуваш на Бога на молитва, во мислите свои биди како мравка, како инсект, како црвче, како дете кое пелтечи. Не зборувај пред Него нешто мудро; со детски начин на размислување приближувај Му се на Бог.

- Нема многу од оние кои се удостоиле со чиста молитва, некој кој ја сфатил тајната која се извршува по неа и преминал на другата страна од брегот (на Јордан), едвај ќе се најде еден од поколение во поколение, по благодатта и благоволението Божјо.

- Ако умот не е приврзан за поучувањето, не може да прекине да лебди и да скита.

- Нашиот великодушен Татко, кога ќе посака на Своите вистински синови да им подари излез од нивните искушенија, не ги одзема искушенијата од нив, туку им дава трпение во искушенијата и тие сите богатства за совршенство на своите души ги примаат со раката на трпението.

- Засакај ја сиромашната облека, за да ги уништи помислите кои никнуваат во тебе: мислам на гордоста на срцето.

- Не постои граница која би означувала дека покајанието е довршено, бидејќи дури и совршенството на совршените, всушност е несовршено. Затоа, покајанието сѐ до смртта не може да биде ограничено ниту со време, ниту со количество на подвизи.

- Покајание е срце покајно и смирено.

 

 Свети Исаак Сирин