За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (25.01.2012)

Значи, ако молитвата лечи од болест и ги чисти лепрозните, ако им дава вид на слепите, ослободува од лавовските вилици како на копно така и на море, спасува живот во огин, од вратата на смртта води во живот и воскреснува мртви, покажувајќи ги овенчани на небесата, ако ги оддалечува непријателите, видливи и невидливи, давајќи им сјајни трофеи на оние, кои од срце ѝ приоѓаат, зарем не е очигледно дека нас, заради запоставувањето на молитвата и невниманието кон неа, ќе нѐ надвладеат големи неволји? Сакајте, вели, и ќе ви се даде; барајте, и ќе најдете; чукајте, и ќе ви се отвори. Зашто секој кој сака, добива, и кој бара, наоѓа, и кој чука, ќе му се отвори (Мат. 7, 7-8) и: Така, ако вие, вели Он, бидејќи лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние, кои Му бараат? (Мат. 7, 11). Меѓутоа, може да се каже дека нема разумен, ниту оној, кој бара од Бога (Пс. 13, 2), бидејќи, кога навистина би познале Кој го создаде човекот, Кој нѐ почести со Својот образ, Кој нѐ насели во непропадливо место на наслади, Кој нас престарените, обесчестените со гревот и лишените од местото на наслади, повторно, низ Самиот Себе нѐ обнови и повика во претходната слава и вечното насладување, не за да го предадеме целиот свој ум на распадливото и привременото, туку веднаш да побрзаме и да го побараме она, што не се распаѓа и не се расипува.

     Меѓутоа, ние тураме вода во скршен сад и го собираме своето богатство во искинати вреќи. Ти, значи, немаш богатство? Не поседуваш злато? Но, ти го сакаш, а тоа е доволно со тебе да завладее секое зло, бидејќи тие што сакаат да се богатат паѓаат во искушение и (ѓаволска) замка (1. Тим. 6, 9), како што кажува големиот Павле. Ние браќа, огнено ќе го посакуваме небесното (горното), и ќе го бараме, за и во сегашниов век без штета да го добиеме земното (долното) и да се насладуваме со него, за во идниот век да не го пропуштиме идното и небесно, благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, на Кого Му доликува секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и благиот и живототворниот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

 

Свети Григориј Палама