„Барајте го најнапред Царството Божјо... а сето друго ќе ви се придодаде“
 
 
 
 
 

„Барајте го најнапред Царството Божјо... а сето друго ќе ви се придодаде“ (08.04.2012)

Во молитвата да го бараме само спасението на нашата душа. Зарем не кажа Христос: „Барајте го најнапред Царството Божјо... а сето друго ќе ви се придодаде“ (Матеј 6, 33)? Лесно, многу лесно, Христос може да ни го даде она што го посакуваме. Тајната е во тоа воопшто да немате во својот ум дека барате конкретно нешто. Тајната е во тоа да го барате вашето соединување со Христа несебично, без да велите дај ми го ова, дај ми го она. Доволно е да велиме Господи Исусе Христе, помилуј ме. Бог нема потреба од известување за нашите потреби. Он знае сè неспоредливо подобро од нас и ни ја дава Својата љубов. Ние треба да одговориме на таа љубов со молитва и со пазење на Неговите заповеди. Да бараме да биде Божјата волја. Тоа ни е од најголем интерес и тоа е најбезбедно за нас и за оние за кои се молиме. Христос ќе ни даде сè богато. Кога постои дури и малку егоизам, тогаш ништо не бидува.

            Понекогаш е добро да изговарате гласно Господи Исусе Христе, помилуј ме, за да слушнат и сетилата и увото. Ние сме и душа и тело и постои взаемно влијание помеѓу нив. Меѓутоа, кога ќе се заљубиш во Христа, тогаш ги претпочиташ молчењето и умствената молитва. Тогаш престануваат зборовите. Тоа е внатрешно молчење, кое ѝ претходи, ја придружува и следи по Божјата посета, односно соединувањето на душата со Бога. Кога ќе се најдеш во таква состојба, тогаш не се потребни зборови. Тоа е нешто што го живееш и нешто што не се објаснува. Само оној кој ја живее оваа состојба може да ја разбере. Чувството на љубов те преплавува, те соединува со Христа. Се исполнуваш со љубов и радост, а тоа покажува дека во себе ја имаш Божјата љубов, совршената љубов. Божјата љубов е несебична, едноставна и вистинска.

            Во молитвата значење нема времетраењето, туку интензитетот. Да се молите макар и пет минути, но предадени на Бога со љубов и радост. Може некој цела ноќ да се моли, а другиот само пет минути и таа петминутна молитва да биде повозвишена. Се разбира, ова е тајна, но така е.

            Сите наши проблеми, материјални, телесни, апсолутно сè да Му положиме на Бога. Како што велиме на Литургијата, ...и целиот наш живот на Христа Бога да го предадеме. „Да биде волјата Твоја како на небото така и на земјата“. Христовиот човек сè што се случува го претвора во молитва. И тешкотијата и маката ги прави молитва. Што и да му се случи, тој веднаш почнува: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Молитвата е полезна и за наједноставните работи. На пример, страдаш од несоница. Во тој случај, не мисли на спиењето. Стани, излези надвор и пак врати се во соба, легни во креветот како прв пат да легнуваш, без да мислиш дали ќе заспиеш или не. Сконцентрирај се, кажи го славословието, а потоа три пати Господи Исусе Христе, помилуј ме, и така доаѓа сонот.

            Со молитвата се средува сè. Но треба да имаш љубов и жар во молитвата. Да немаш вознемиреност и стрес, туку доверба во Божјата љубов и промисла. Кога си во молитва, тогаш сè се случува како што треба. На пример, миеш чинии и не кршиш ниту една, не правиш штета. Доаѓа во тебе Божјата благодат. Кога ја имаш благодатта, тогаш сè се врши со радост, без мака. Кога континуирано се молиме, тогаш Бог ќе нè просветли што да правиме секогаш и во најтешките ситуации. Ќе ни го каже тоа Бог внатре во нас. Ќе најде Бог начин. Секако, можеме да ја поврземе молитвата и со постот. Значи, кога имаме некој сериозен проблем или дилема, тогаш треба многу молитва и пост. И јас така правев многу пати.

            Кога, пак, имаме прозби за други луѓе, тогаш тоа да го кажуваме тајно, со молитвата која се врши тајно и не се гледа надворешно. Оставете ги телефоните, комуникациите и многуте зборови со луѓето. Ако Господ не помогне, тогаш каква полза од нашите обиди? Значи, молитва со љубов. Подобро од далеку да им помагаме со молитвата. Така им помагаме на најдобриот и најсовршениот начин.

            Молитвата за другите, која се врши ненасилно и со длабока љубов, е несебична и има голема духовна полза. Го облагодатува оној кој се моли, но го облагодатува и оној за кого се моли, односно му ја носи Божјата благодат. Кога имате голема љубов и таа љубов ве поттикнува на молитва, тогаш брановите на вашата љубов одат и вршат влијание врз оној за кого се молите. Гледајќи го вашиот труд, Бог ја дава богато Својата благодат и вам и на оној за кого се молите. Но треба да умреме за себеси.

            Вие се секирате кога другите не се добри, а треба да се оддадете на молитви, за да дојде посакуваното со Божјата благодат. Вие со вашата мудрост укажувате, но тоа не е толку правилно. Тајната е друга, не тоа што ќе го кажеме, односно што ќе им укажеме на другите. Тајната е нашата посветеност, нашата молитва кон Бога, за да завладее кај нашите браќа она што треба со Божјата благодат. Тоа што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Неговата благодат.

 

Старец Порфириј Кавсокаливиски