Светоотечки совети за молитвата
 
 
 
 
 

Светоотечки совети за молитвата (15.05.2012)

„Практикувањето на Исусовата молитва не трае два или три дена, туку долг временски период и многу години“, истакнува св. Јован Златоуст, „зашто потребни се многу борби и време да се избрка ѓаволот и Христос да го заземе местото на Своето живеалиште. Значи, посветете се на молитвата и чекајте додека Господ Бог не ве помилува. Не барајте ништо освен Божјата милост и слава и барајте ги со смирено и покајничко срце. Плачете од утро до вечер, а ако е можно и во текот на ноќта: ’Господи Исусе Христе, помилуј ме!‘ Сѐ до својата смрт, присилувајте се на ова дело.“

Сите наши Отци даваат слични совети, секој на свој начин и со свои зборови, во зависност од неговиот опит во борбата и победата.

„Браќа, секогаш вдишувајте Го Христос“, советува св. Антониј, учителот на пустиножителството.

„Секогаш сеќавај се на Бога и твојот ум ќе се претвори во небо“, објавува св. Нил Мудриот.

Колку повеќе човекот ќе истрае во молитвата, толку повеќе ќе се исчисти неговото срце а неговиот ум ќе се просветли и ќе се подобри неговата состојба, толку повеќе Божјото царство ќе ја распостеле својата радост и своето присуство, внатре во човекот, кој е Божји образ и заради кого, Богочовекот Исус сите краеви на земјата ги покри со Својата добрина, Своите страдања и Своето Воскресение.

Човекот кој со посредство на подвижништвото го умртвува своето сетило за вкус, кој своите чувства ги лишува од сите овоземни наслади и кој до крајот смело стои наспроти впечатоците кои владеат со овој свет, ќе прими уште овде, во овој живот, предвкус на добрата од Царството небесно: спокојни помисли, мир во срцето, слатки потоци од солзи, вознесување на умот, познание на таинството, изобилие од љубов, созерцание на Бога и совршенство, „колку што е можно за човечката природа“. Сето тоа е можно со посредство на систематска, постојана, упорна, непоколеблива борба за умната (умствената) молитва. Меѓутоа, за Бог да го чуе ова непрестајно умно богомислие, мораат да се исполнат условите на монашкиот (и воопшто христијанскиот) духовен живот, кои за возврат ќе ја потпомогнат молитвата.

Што се однесува до послушникот, од него се бара непоколебливо послушание во однос на Старецот, кој е видлив образ на живиот Христос Спасителот. Што се однесува до сите христијани, од нив се бара своите животи да ги устројат согласно со советите на духовните отци и да бидат покорни на каконите на Едната, Света и Православна Црква, за поединецот да не лута по сопствениот пат на желбите и копнежите. Всушност, и Светото Писмо нѐ советува да бидеме внимателни.

Во Поуките од пустинските Отци се цитира многу едноставниот и сфатлив поглед на ава Мина: „Послушание за послушание: кога некој Му е послушен на Бог и Тој му е послушен нему“. Ава Исаија тоа поисцрпно го објаснува: „Невозможно е Бог да не го слушне човекот, ако тој не Му е непослушен. Тој не е далеку од човекот, но нашата волја е таа која не Му дозволува да ја чуе нашата молитва.“

Ако се молите и ако вашата молитва не е чуена, размислете, случајно да не сте биле непослушни. Ако се молите во текот на ноќта, а не сте внимавале на својот начин на живот во текот на денот, тоа е како истовремено да градите и уривате. Доколку сте невнимателни во ситниците, сигурно ќе подлегнете и паднете и во големите работи. Внимавајте на себе.

Господ нема постојано да ја праќа Својата благодат во срцето кое не поставува ограда пред своите страсти, ниту во умот кој не покажува дека ги ограничува своите бесцелни скитања. На почетокот, Бог ни дава благодат за да ни помогне, да нѐ разбуди, да ги заблажи нашите душевни чувства, за да нѐ привлече. Меѓутоа, ако и покрај тоа ние не се потрудиме, благодатта нема да биде делотворна и ќе се повлече. Апетитот се појавува со земање храна, а молитвата со молитва.

Дали си на својата служба, на својата задача? Потсети се што си кажувале светите Отци, самите на себе: „Тело, работи за да се нахраниш; душо, бдеј за да бидеш спасена!“

Ти лута ли умот? Тивко кажувај ја молитвата и не се препуштај на празнословието, зашто со празнословието ќе им наштетиш и на другите, како и на самиот себе.

Ава Филимон рекол: „Многу од светите Отци можеле да видат како ангели ги набљудуваат, затоа безмолвствувале и со никого не разговарале.“

Наместо да губите време, кажувајте ја молитвата. Колку повеќе ве обзема тромост и рамнодушност, толку повеќе треба да се плашите од зборовите кои Господ му ги упати на лошиот и мрзлив слуга. Ако дозволите деновите и ноќите да ви поминуваат во безгрижност, која сѐ повеќе и повеќе ќе расте, наскоро ќе станете крајно невнимателни. Да не сакате можеби да се пофалите со својата немарност, кога другите ќе добиваат венци за својот труд?

Брату, потруди се малку во молитвата и бдеењето и ќе видиш како радоста извира од твоето срце, а светлината свети над твојот ум. Тоа не е оној вид на радост која ќе исчезне уште пред да успееш да уживаш во неа, туку радост која е слатка и подобна на ангелската благост, додека светлината е, всушност, незалезната светлина на другиот свет, кој е Христос, Светлината на светот, која доаѓа со молитвата и ти е подарена, пред да го напуштиш овој свет. Зар тоа не им се случуваше на нашите Отци и зар тоа нема да ни се случи и нам, доколку не нѐ спречи немарноста и маловерието?

Мојот Старец обично велеше: „Потруди се малку за Бог да ти стане должник, и Тој со текот на времето ќе ти прати многу повеќе отколку што си се трудел или барал.“

Не ги заборавај зборовите на св. Исак Сирин: „Ѓаволот најпрво се бори да ја отстрани непрестајната молитва од срцето, а потоа го убедува монахот да го запостави и времето одредено за молитва и молитвеното правило, кое се извршува со поклони и метании.“

Значи, не го слушај она што ти го шепнува лукавиот, и ако сакаш Бог да ги покрие твоите грешки, покривај ги и ти грешките на својот брат, и трпи ги заедно со него неговите искушенија и страдања.

Не им одговарај и не ги криј помислите од својот духовен отец, зашто целиот живот залудно ќе се трудиш, а твојата молитва ќе остане бесплодна.

Ако не се исчистиш со искрена исповед, како ќе пристапиш да ги примиш пренепорочните и животворните Христови Тајни? Зар не си чул дека тие му даваат живот на оној кој достојно се причестува, а смрт на оној кој недостојно ги прима?

Не вели: „Ист сум како и другите“, зашто тоа е бесмислица, и не можеш да го излажеш Судијата.

Секоја помисла која донесува очај и претерана тага потекнува од ѓаволот. Треба веднаш да ја одбиеш, бидејќи ќе ја прекине молитвената низа. Секоја помисла која во душата предизвикува умерена болка, помешана со радост и солзи, потекнува од Бога. Божјата благодат никогаш не го води човекот во безнадежност, туку кон покајание.

 

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски